Концентрацијата на богато архитектонско културно наследство во Прилеп и неговата околина ја иницира потребата од формирање на Одделение за архитектура во рамките на Народниот музеј во 1981 година. Состојбата на спомениците на култура во поширокото прилепско подрачје наложувала, во еден подолг временски период пред 1981 година, врз нив да се извршат истражувачки и конзерваторски работи. Така, стручни екипи од Републичкиот завод за заштита на спомениците на култура - Скопје интервенирале на црквите „Св. Никола” во Варош (1961 година), „Св. Никола” во село Манастир, Мариово (1965-1970 година) и „Св. Архангел Михаил” во Варош (1980-85 година).
Потребата од извршување на повеќе дејности кои произлегуваат од состојбата на културното наследство, неговата намена како и степенот и видот на загрозеност, определиле активностите во Одделението за архитектура да се развиваат во повеќе насоки.
Еден од главните приоритети при отпочнувањето со работа на одделението беше изработка на документација за постојната состојба на недвижното културно наследство. Изработени се дескриптивна, техничка и фото документација за поголем број на значајни објекти од сакрална и профана архитектура, односно за цркви од византиски и поствизантиски период, како и за дуќани во Старата чаршија.
За поцелосен преглед и утврдување на состојбата и бројност на спомениците на културата во периодот од 1988 до 1991 година извршени се евиденција и увид во состојбата на недвижното културно наследство. При тоа, евидентирани се сите цркви во населените места на територијата на општината Прилеп, од кои поголемиот дел се од XIX век, но исто така регистриран е и одреден број на поствизантиски цркви кои дотогаш не беа познати во стручната литература.
Во Одделението за архитектура е изработена фото и техничка документација за повеќе позначајни објекти од градската архитектура.
Во последните години се изведува и проект за евиденција и увид во состојбата на објекти од руралната архитектура во селата во прилепскиот дел од Пелагонија и Мариово.
Со развојот на Одделението за архитектура и дооформување на неговиот кадровски потенцијал се отпочна со истражувачки работи, изработка на проекти за заштитни интервенции и конзерваторско реставраторски работи врз значајни објекти - споменици на култура, како и нивна реализација.
Освен од заштитната дејност, одделението третира области и од музејската дејност, односно работи на изготвување на документација при археолошки истражувања, како и на просторно дефинирање и естетско обликување на изложби од областа на археологија, историја, историја на уметност и етнологија кои ги организира НУ Завод и Музеј - Прилеп.
ПРЕГЛЕД НА ПОЗНАЧАЈНИ АРХИТЕКТОНСКИ СПОМЕНИЦИ НА КУЛТУРАТА
Црквата „Св. Никола” во Варош е еден од најзначајните објекти во Македонија од византинскиот период, од чии фасади лесно може да се согледаат две градителски фази. Првобитната, мала еднокорабна црква изградена од камен со користени антички сполии, била подигната околу 1200 година. Втората градителска фаза, односно денешниот изглед на црквата со богата керамопластична декорација на фасадите датира од 1298 година и е одраз на карактеристичните движења во доцно - византиската архитектура.
Во 1959 година се започнати археолошки истражувања во црквата и околу неа, а процесот на конзервација на архитектурата и живописот на црквата е реализиран во 1961 и 1962 година. Во 1977 година е изведен дренажен канал околу црквата, а после истражувачките работи на покривната конструкција е поставен привремен покрив. Во 2000 година е изработен проект за конструктивна консолидација и конзервација на покривната конструкција, а проектот е реализиран во 2003 година.

Црква Св. Никола во Варош, Прилеп
Црквата „Св. Димитрија” во Варош е комплексна градба од повеќе фази реализирани во XIII и XIV век. Во денешниот облик таа од надвор делува како крстовидна црква со купола со дванаестостран тамбур, со тоа што јужното крило е на пониско ниво од другите. Во обработката на фасадите е употребена богата керамопластична декорација.
Археолошките истражувања во и околу црквата „Св. Димитрија” се започнати во 1959 година и продолжени во 1965 година, додека од 1960 година започната е конзервација на живописот која трае до 1970 година. Конзерваторско-реставраторски работи на архитектурата на црквата се изведени во 1968 година. Во 2003 година е извршена конзервација на покривната конструкција и препокривање на црквата.

Црква Св. Димитрија, Варош, Прилеп
Првобитната црква во манастирскиот комплекс „Св. Архангел Михаил” во Варош подигната во XII век била мала еднокорабна црква со полукружна апсида, врз која подоцна на западната страна е доградена припрата со купола на пандантифи, која што подоцна е срушена. Денешниот облик манастирскиот комплекс го добива после големата градителска активност во 1861 година, кога се изградени конаците и кулата камбанарија над тремот на црквата. Манастирските конаци се прекрасен пример за високите естетски квалитети на нашето градителство и префинетото чувство на градителот за вклопување на архитектурата во природниот амбиент и конфигурација на теренот. Двата монолитни камени столбови врз кои се потпира покривната конструкција на тремот, се остатоци од антиката. На северниот столб откриен е врежан натпис од 996 година во кој се споменува епископот Андреа. Ова е втор по старост словенски запис со кирилски букви.
Во 1964 година се започнати археолошки истражувања во црквата и околу неа, а во периодот од 1964 од 1969 година врз западниот конак е извршена конзервација и реставрација. Кулата камбанарија изградена над тремот со последните конзерваторско-реставраторски работи коишто беа превземени врз црквата во осумдесеттите години, беше срушена и беше реставрирана куполата над припратата. Во 1981 година отпочнат е процесот на конзервација на живописот. Од 1999 до 2004 година се изведоа санационо - конзерваторски зафати врз одводните канали за атмосферската вода и канализационата мрежа, околу и во западниот конак, како и санационо конзерваторски работи проследени со реконструкција на одделни најзагрозени партии од оградниот ѕид од манастирскиот комплекс. Во 2005 год.изведен е и дренажен канал околу северната и источната страна од црквата, во 2006 год. изведен е помошен објект со гаражи за потребите на манастирот, како и заокружено е целосното поплочување на патеките во внатрешноста на манастирот како и патеката пред главната порта од манастирот. Во 2015 година изработен е проект за темелна реконструкција на источниот конак кој се реализира во 2017 год. со што се заокружија активностите со кои овој манастир ја постигна потребната и планираната физиономија за потребите како на неговите сопственици Македонската православна црква но и за потребите на сите добронамерници.

Манастир Св. Архангел Михаил, Варош, Прилеп

Манастир Св. Архангел Михаил, источен конак
Комплексот цркви во манастирот Зрзе е составен од црквата „Св. Преображение” подигната во XIV век и црквата „Св. Петар и Павле” подигната во XVII век. Концепцијата на основата на целиот црковен комплекс, заедно со темелните ѕидови на јужната страна од црквата „Св. Преображение” ни даваат за право да тврдиме дека црквите се подигнати врз темелите на ранохристијанска базилика. Првобитната црква е еднокорабна градба засведена со полуобличест свод, на чија западна страна е подигната припрата живописана во 1369 година. Тремот е изграден во времето на подигањето на црквата „Св. Петар и Павле”.
Конзерваторско-реставраторските работи на црковниот комплекс се изведени во периодот околу 1963 година. Во периодот од 1997 до 1999 година работено е на препокривање на црковниот комплекс со нов покрив, конзерваторско-реставраторски работи на кулата-камбанарија на северната и јужна порта од манастирскиот комплекс, како и на други интервенции врз црквите и манастирскиот комплекс.
Во 2013, 2014 год. се изработија проекти за темелна реконструкција на монашки и владички конак, проект за реконструкција на дел од североисточниот бедем со изведба на горна порта во манастирскиот комплекс како и проект за партерно уредување и истите се реализираа за клучно со 2016 год. Во 2020 год. целосно се препокри манастирската црква и камбанаријата.

Параклисот од манастирот Зрзе во склоп на монашкиот конак

Владички конак во манастир Зрзе

Манастирска црква Св. Преображение од Манастир Зрзе
Црквата „Св. Никола” во село Манастир во Мариово е изградена врз постар објект, а денешниот облик го добила во 1266 година. Црквата е трокорабна базилика без нартекс, централниот брод е засведен, а страничните бродови се со отворена покривна конструкција. На источната страна корабите завршуваат со апсиди од внатре полукружни, а од надвор тространи. Живописувањето е завршено во 1271 година за време на владеењето на Михајло VIII Палеолог. Долгиот натпис во главниот брод ја објаснува историјата на црквата. Во него стои дека живописувањето е извршено под раководство на Ѓакон Јован, референдар на пресветата архиепископија, кој повикал повеќе истакнати мајстори да ја живописаат оваа црква. Конзерваторско-реставраторските работи на архитектурата и живописот на црквата „Св. Никола” се извршени во периодот од 1965 до 1970 година. Во 2004 година се отпочна со реализација на проектот за конзервација на црквата и останатите објекти во комплексот, првично со консолидирање на конструктивниот систем на објектот со уфрлување на темелни армирано-бетонски греди, по претходно извршени археолошки истражувања во внатрешноста на објектот. Активностите околу темелењето на црквата завршуваат заклучно со 2015 год. Во 2009 изработен и проект за јужен конак реализиран во 2011 год. Во 2019 год. изработен е основен проект за конзервација, реставрација, санација и изведба на заштитна конструкција на црквата Св. Никола во с. Манастир Мариово. Проектот е реализиран во 2022 год.

Црква Св. Никола, с. Манастир, Мариово

Јужен конак
Манастирскиот комплекс Трескавец со црквата „Успение на Св. Богородица” е подигнат врз постаро култно место. Црквата е изградена во XIII век, а обновена за време на крал Милутин. Подоцна неколку пати манастирскиот комплекс е рушен и обновуван. Од денешниот облик на црквата јасно можат да се забележат најмалку шест градежни фази. Јадрото на денешната манастирска црква е еднобродна градба со централна купола на источната страна и завршува со апсида од внатре полукружна, а од надвор петтострана. На западната страна кон наосот е доградена припрата со квадратна основа, покриена со голема слепа купола. Кон припратата од јужната и од западната страна е дограден егзонартекс со два бочни компартименти покриени со куполи. На северната страна е доградена мала капела. Последната фаза е тремот дограден на западната и јужната страна од објектот. Во внатрешноста на црквата се наоѓа двокрилна резбарена врата која датира од XVI век и припаѓа на прилепско - слепчанската школа.
Конзервација врз живописот е извршена во 1959 година. Во 1990 година во голем пожар изгореа сите конаци на манастирскиот комплекс, единствено црквата и старата трпезарија останаа недопрени од пожарот. Во периодот после пожарот е изработен проект за реставрација на манастирските конаци и реставрација на истите. Проектот е реализиран но во 2013 год. манастирот повторно го зафаќа пожар при што целосно ќе изгорат конаците со исклучок на трпезаријата и крајниот јужен дел од западната страна на конаците непосредно до камбанаријата чиј кров ќе изгори при пожарот. Во текот на 2013 и 2014 е изработен проект за обнова на опожарените конаци и истиот е реализиран заклучно со 2020 год. со исклучок на крајниот јужен дел од источната страна на конаците.


Обновените опожарени конаци од Манастирот „Трескавец“
Во рамките на конзерваторските зафати поврзани со заштитата на недвижното културно наследство се реализираа проекти поврзани со заштита и конзервација на живопис како и проекти за заштита и конзервација на внатрешниот инвентар на следните добра:
Манастирска црква Свети Илија с. Мелница Мариово
Манастирската црква Свети Илија во село Мелница претставува карактеристичен пример на еднобродна црква од Преродбенскиот период, подигната во 1872 година. Црквата е осликана во олтарниот простор, на северниот, јужниот и западниот ѕид на наосот, кај пандантифите, тамбурот и куполата, а на фасадите во нишите над влезовите на запад и на север. Насликани се претстави и композиции претежно од Новиот Завет, Стариот завет, Празниците и Страдањата Христови, свети воини, маченици, пророци и слично. Авторот на живописот е зографот Аврам Дичов и неговата тајфа од село Тресонче, за што постои натпис кај првата зона на северниот ѕид во наосот на црквата (27 мај, 1881 година)
Статус: Решение на заштитено културно добро. Решение бр. 18-33 од 07.06.2019 г.
- Изработка на Елаборат за валоризација 2018 г.
- Изработка на Проект за конзервација и реставрација на ѕидното сликарство во манастирската црква Свети Илија, с. Мелница, Мариово, општина Прилеп. Тех. бр. 09-165/2 од 22.07.2020 г.
- Реализација на непосредна заштита 2020, 2021 г.
![]() |
![]() |

![]() |
![]() |


Конзерваторско-реставраторски работи на ѕидното сликарство
кај западниот ѕид и сводот на пронаосот на црквата
Иконостас во црквата Свето Благовештение во Прилеп
Иконостасот во црквата Свето Благовештение во Прилеп е заштитено културно добро акт бр. 153 од 2.12.1953 г. Црквата Свето Благовештение се наоѓа во централното градско јадро во Прилеп. Изградена е во 1838 година. Припаѓа на типот на деветнаесетовековни трибродни базиликални храмови, со отсуство на купола, со должина од 32 м., ширина од 26 м. и висина од 9 м. Покрај останатиот мобилијар, ентериерот на црквата е украсен со монументален дрвен иконостас изработен од тајфите на Димитар Станишев и Петре Филиповски – Гарката. За иконостасот се верува дека е дело на Димитар Станишев со неговата тајфа. Иконостасот е долг 16, 80 м., а висок 6,20 метри, изработен претежно од дрво во длабока резба, со елементи во плитка и ажурна резба и со вметнати иконописни дела. Црквата Св. Благовештение поседува сто осумдесет и четири икони, евидентирани како споменици на културата.
Констатираната состојба предизвикана од различни причини на резбаниот иконостас и сликаните иконописни содржини (извесно разлабавување на конструкцијата, одредени деформации, пукнатини со помал обем, денивелација на одредени елементи, појава на полетни отвори, отпаднати делови, наслаги од различен карактер, несоодветни интервенции) ја наложи потребата од превземање на соодветни мерки. Поради тоа во 2019-20 г. изготвен е Проект за конзервација и реставрација на иконостасот. Со реализација на непосредна заштита започнато е во 2021-22 г. Со започнувањето на реализацијата на Проектот за конзервација и рестварација на иконостасот, ќе бидат запрени процесите на пропаѓање на конструкција, резбата и иконописот на иконостасот.

![]() |
![]() |
![]() |
![]() |

Процеси на конзерваторско реставараторски работи кај базисот на иконостасот,
(резбата и иконите).
Црква Свети Никола, село Зрзе
Проект за Конзервација и реставрација на ѕидното сликарство на црквата Свети Никола во село Зрзе, Проект бр. 07-72/11 од 26.01.2010
Црквата Свети Никола во село Зрзе, како метох на манастирската црква Свето Прображение, прилепско е заштитен споменик на културата, решение бр. 09-69/1 од 13.04.1995, издадено од Централен завод Скопје.
Изградена е во XIV-ти век. Црквата е пример на едноброден храм со скромни димензии. Во XVI век црквата е обновена со доѕидување на параклис на северната страна и затворен трем на западната страна. Поголемиот дел од површините со ѕидно сликарство во црквата се дело на мајсторот зограф Онуфрие Аргитис и неговите помошници коишто во тој период украсиле многу цркви со живопис и иконопис на територијата на Охридската Архиепископија. Насликаната претстава на Богородица Одигитрија во нишата на северната фасада на првобитната црква се смета дека е авторско дело на мајсторот зограф Драгослав и датира од втората половина на XIV-от век.
Во деведесеттите години од минатиот век извршена е конзервација и реставрација на архитектурата на црквата. Во 2020 година извршена промена кровниот покривач. Во периодот од 2015 – 2020 година започната е реализацијата на првата фаза и завршена е последната фаза на конзервација и реставрација на ѕидното сликарство.
Конзерваторско реставраторските работи се изведуваа и се завршени од стручен тим назначен од НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј Прилеп.


![]() |
![]() |
Конзерваторско-реставраторски работи на ѕидното сликарство, Св. Никола, Зрзе
Манастир Зрзе црква Свето Преображение
Проект за конзервација и реставрација на ѕидното сликарство во црквата Свето Преображение манастир Зрзе
Со финансиска поддршка од Министерството за култура на Р. Македонија во 2020-21 година извршени се конзерваторски истражувања во функција на изработка на Проект за конзервација и реставрација на ѕидното сликарство во црквата Свето Преображение манастир Зрзе
Манастирот Зрзе претставува едно од најзначајните култни места во поширокиот круг на Пелагониската Рамнина. Манастирската црква е заштитено недвижно културно добро, Акт на заштита, со Решение бр. 4-820-042/002од 16.09.1952 година Ц.Р. 42. Се наоѓа во близина и над селото Зрзе. Во склоп на манастирскиот комплекс влегуваат две цркви, монашки конаци, манастирско ѕвоно, неколку чешми, стопански и помошни објекти. Манастирот со црквата Св. Преображение или Св. Спас како што се споменува во некои натписи, како и метохот Св. Никола во селото Зрзе и денес е активно монашко жариште. Манастирот Зрзе од средината на XIV, па сè до XIX век, претрпува бројни обнови и доградби на архитектурата и живописот, што може да се следат благодарејќи на податоците оставени во ктиторските натписи или записи од друг вид каде е забележан секој позначаен градителски настан поврзан со манастирот.
Основач на најстарата еднокорабна црква од денешниот комплекс е монахот Герман, кој ја посветил на празникот на исихастите“ Свето Преображение Христово“. Според натписот откриен над јужната врата од надворешната страна (испишан околу 1400 г.), дознаваме дека Германовата црква била изградена во време на царот Душан (околу 1346-1355 г.). Фрагментите од насјтарото ѕидно сликарство, зачувани се во најниската зона на олтарната апсида. Кон Германовата еднокорабна црква пред 1368/69 г. од западната страна е доградена припрата, а за нејзиното живописување дознаваме од натписот над западната врата во кој се напоменуваат ктиторите заслужни за овој потфат - Хајковите синови Прибил и Приезд со мајка им. Тие во 1368/69 г. во спомен на душата на татко им, се погрижиле да се живописа доѕиданата припрата. Во тој период насликани се и неколку престолни икони ,коишто се дело на митрополитот пелагониски Јован зограф и јеромонахот Макариј, за коишто се смета дека внуци на монахот Герман. Јован е творецот на иконата „Христос спасител и животоодавец“ (1391 година), а Макариј на чудотворната икона „Богородица Пелагонитиса“ (1422 година).
Западната припрата доѕидана кон Германовата црква, е живописана 1368/1369 г. од зограф Драгослав, а ктитори биле погореспоментаите Хајкови синови Прибил и Приезд.
Сочуваното ѕидно сликарство во манастирската црква Свето Преображение и манастирскиот метох Свети Никола, му се припишува на зографот Онуфриј и датира од првата половина на 16 век.
Ѕидно сликарство, од различни временски периоди и автори застапено е во внатрешноста на црквата Свето Преображение на западниот, северниот, јужниот ѕид во наосот и во олтарниот простор, по целата површина на западната фасада на црквата и во полукружната ниша на јужната фасада. Нема сомнение дека сликарите на живописот од биле талентирани зографи кои успешно се служеле со старите предлошки, но и се издвојува кај припратата, со изборот на тематиката и иконографските решенија невообичаени за овој дел од црквата. Живописот на зографот Онуфриј е сочуван во наосот на старата Германова црква само на источниот, на северниот и на јужниот ѕид. Потребно е да се има во предвид дека во црквата е сликано во повеќе различни периоди и од различни мајстори со различни творечки можности и сензибилитети.
![]() |
![]() |

![]() |
![]() |

Конзерваторски истражувања,
Свето Преображение, манастир Зрзе
Свети Никола Манастир Мариово
Реализација на непосредна заштита на долгогодишен проект
“Конзервација и реставрација на ѕидното сликарство во црквата Свети Никола во село Манастир Мариово“, Проект бр. 07-285/6 од 16.07. 2008 година. Заштитено културно добро Решение бр. 08/5 - 110/1 од 21.04.1989/ЗЗСК – Прилеп; ЕМБ на доброто: 4-820-064/196 р н д.
Манастирот Св. Никола е сместен во село Манастир на околу 50 километри од Прилеп, во прилепско Мариово. Според натписот во централниот кораб манастирската црква е подигната како трикорабна базилика во 1266 г. на темелите на старата црква од 1095 г. од страна на протостаторот Алексиј, роднина на византискиот император Алексеј Комнин. Црквата била возобновена во 1271 година, од кога датира и целиот живопис со натписите. Имено, црквата ја возобновил игуменот Акакиј. Понатамошната историја на манастирот може да се следи само по делумно сочуваниот живопис на фасадата со еден натпис и три словенски записи испшани со остар предмет врз живописот. Живописот на јужната и западната фасада датираат од XVI век односно од 1506 година, а записите на словенски со остар предмет потекнуваат од 1592 година. Живописот од 1271 г. е дело на зографот Јован и неговата тајфа. Во првата зона на централниот кораб се претставени монументални фигури на светители во цел раст, меѓу кои се издвојуваат: Св. Димитрија, Св. Ѓорѓи, Св. Теодор Тирон и Теодор Стратилат и Архангелот Михаил. Во втората зона се насликани допојасни фигури на светители, а во третата сцени од животот на Исус Христос. Во јужниот кораб се илустрирани сцени од животот на Свети Никола, а во северниот ктиторската композиција на која е претставен јеромонахот Акакиј, кој во раце држи макета на црквата Анализата на живописот во црквата покажува дека работеле повеќе зографи. Меѓу нив се истакнува името на рефендарот ѓакон Јован, за кого се смета дека е една иста личност со зографот рефендар ѓакон Јован, творецот на иконата посветена на Свети Ѓорѓи од истоимената црква во Струга која датира од 1266/67 год.





ПОСТВИЗАНТИСКА АРХИТЕКТУРА
Црквата „Св. Илија” во село Долгаец е прво и целосно архитектонско остварување во раните години на турското владеење. Таа е мала еднокорабна гробишна црква, во основа со трапезоидна форма, рустично ѕидана со камен во варов малтер. На источната страна завршува со плитка правоаголна апсида, покриена со камени плочи. Карактеристична е и по сводот од троделен лак и обидите за декорација на јужната фасада со кршен камен во форма на рибина коска. Црквата е изградена и живописана 1454/5 година.
Во 1999 година извршена е превентивна заштита на црквата, при што е заменета покривната конструкција и санирани одредени делови од ѕидната маса.
Непосредно над селото Зрзе на мало возвишување, на терен во пад се наоѓа црквата „Св. Никола”. Засведена е со полуобличест свод и покрив на две води, со полукружна апсида на источната страна. Точниот датум на изградба на црквата не може со сигурност да се потврди, иако се знае дека тоа се случило пред 1459 година. Пред 1535 година во продолжение од северната страна е дограден параклис, а во XVII век и двата простори од западна страна добиле припрата. Црквата е живописана од сликарот Онуфрие во 1535 година, а фрески добиле и олтарниот простор во параклисот и западниот ѕид од црквата од надворешна страна.
На архитектурата на црквата се вршени конзерваторски работи во 1992, 1993, 1999 и 2004 година.

Црква „Св. Никола“, с. Зрзе, источна фасада
Црквата „Св. Богородица” во село Костинци е подигната како гробишна црква. Денешниот изглед се должи на неколку фази на изградба. Во првата фаза од 1624/5 година е подигната како мала еднокорабна црква, со полукружен свод и тристрана апсида на источна страна. По извесен период, во XVII век од западната страна црквата е проширена, со што добила припрата и трем. Црквата е живописана во сите нејзини делови. Во наосот се наоѓаат два слоја на живопис од XVII и XIX век, додека во припратата се среќава живопис од XVII, XVIII и XIX век.
Во 1995 година е изработен проект за конзервација на архитектурата и живописот, а во периодот од 1997 - 2000 година проектот е реализиран, при што е извршена целосна конзервација на црквата.

Податоци за времето и приликите на изградба на црквата „Св. Атанас” во село Рилево се наоѓаат во ктиторскиот натпис над бифората, на јужниот ѕид од внатрешна страна. Во тој натпис е назначено дека црквата е изградена во 1627 година, од мајсторот Иван од Кичево и зографот Јон од Костур. Црквата е изградена од кршен камен во варов малтер како мала еднокорабна, со полуобличест свод и петтострана апсида на источна страна. Карактеристична е по присуството на фреско декорација со претстава на „Архангел Михаил” и „Архангел Гаврил” на источната фасада над апсидата.
Црквата „Св. Атанас” во село Галичани е осамена поствизантиска црква која се наоѓа јужно од Прилеп. Според анализите на останатиот дел од фрескоживописот, како и според архитектурата оваа црква спаѓа во групата на споменици на културата кои се изградени и живописани во првата половина на XVII век. Аналогно на останатите, и црквата „Св. Атанас” по својата градба е мала еднокорабна, со издолжена основа и поскромна архитектура, пред се поради вкпоаноста во земја.
Во 1999 година извршени се заштитни интервенции, при што е консолидирана целата архитектура на црквата, а извршено е и препокривање и реконструкција на камбанаријата.
Во непосредна близина на селото Дреновци, на мало возвишување, се наоѓа црквата „Св. Атанас”. Црквата е мала, еднокорабна, со полукружна апсида на источна страна, ѕидана од кршен камен во варов малтер, грубо малтарена и бело обоена. Единствените фрески во апсидата, стилот и големината на објектот, ја датираат црквата како објект од првата половина на XVII век. Останатиот дел од ѕидните површини е без присуство на живопис.
Манастирската црква „Св. Никола” во село Слепче претставува последна црковна градба од турско време во прилепскиот крај. Тоа е еднокорабна градба со упростено архитектонско решение без надворешна апсида, што значи едно од поретките решенија на сакралните објекти од поствизантискиот период. Засводена е со високо поставен полукружен свод, покриен со двоводен покрив од турска ќерамида. За времето на нејзиното настанување и живописување се дознава од ктиторскиот натпис кој се наоѓа над влезната врата од внатрешна страна, каде стои годината 1672. Од натписот се дознава името на главниот зограф Стојан, кој како добар познавач на иконографијата малите ѕидни површини ги исполнил со повеќе сцени и фигури. Во црквата се наоѓа резбарен иконостас со Голем крст кој датира од XVII век.
Во 1998 година превземена е превентивна заштита на живописот, во 2001 година е извршена конструктивна консолидација и препокривање, а во 2004 чистење и консолидација на живописот.
АРХИТЕКТУРА ВО ПРЕРОДБЕНСКИОТ ПЕРИОД
Еден од бројните споменици на културата од периодот на преродбата во првата половина на XIX век е црквата „Св. Благовештение”, позната како Стара црква во Прилеп. Изградена од познатите прилепски мајстори Коста Лауцо и Ристе Тасламиче во 1838 година, претставува трикорабна базилика со три полукружни апсиди на источната страна. Над јужниот и северниот брод се изградени галерии, а над западниот портал исто така е изградена галерија која претставува простор за црковниот хор. Најголема вредност во ентериерот е резбата. За таа цел повикани се најдобрите и најпрочуени копаничари од дебарскиот крај, тајфата на Петре Филипоски - Гарката. Изработен е монументален иконостас, владички престол и амвон (певница), кои претставуваат врвни дела од културното богатство на Македонија.

Старата чаршија во Прилеп е урбанистички комплекс којшто својот најголем подем го има во втората половина на XVIII и почетокот на XIX век, кога Прилеп бил развиен трговски и занаетчиски центар. Во втората половина на XIX век, после серијата пожари коишто ја зафатиле чаршијата во 1854 година, во 1866 година и во 1873 година, економската и трговската моќна Прилеп опаѓа. Денешниот изглед чаршијата го добива во втората половина на XIX и првата половина на XX век, а комплексните проблеми коишто го исполнуваат општественото живеење во овој период, исполнето со кризни состојби на сите нивоа од општествените структури, предизвикале девалвирање на естетските и функционалните специфики на чаршијата.
Саат кулата е изградена во центарот на Старата чаршија во 1858 година на местото на постара дрвена Саат кула, којашто изгорела во пожар што ја зафатил целата Стара чаршија во 1854 година. Ја изградил познатиот прилепски мајстор Петре Лауцо со неговата тајфа. Градена е на шестоаголна основа со масивни делкани камени блокови во висина од 20,50 м и скелетен систем од дрвена конструкција. Вкупната висина на објектот е 38,76 м. Интересен податок за Саат кулата во Прилеп е тоа што таа има инклинација од 114, 4 см., поради што е во тек изготвување на студија за конструктивна консолидација на нејзиниот надземен дел. Во 1985 година е изготвен Проект за конзервација на Саат кулата, а во 1986 година процесот на конзервација беше реализиран.
|
|
|
ИСЛАМСКА АРХИТЕКТУРА
Во текот на повеќевековното турско владеење во Прилеп изградени се поголем број објекти кои припаѓаат на исламската архитектура. За жал, денес се зачувани само неколку од нив.
Скршена џамија е најстара џамија во градот, изградена непосредно по неговото освојување од страна на турците. Тоа е мала подкуполна градба со квадратна основа и со минаре, со сталактитна орнаментика карактеристична за периодот во кој што е градена. Џамијата денес е во лоша состојба.
Во центарот на Прилеп во една урбанистичка целина со Саат кулата, во комплексот на Старата чаршија се наоѓа Чарши џамија. Изградена за време на владеењето на султанот Мехмед Втори Освојувач, односно за време на Брусанскиот стил, претставува наједноставна форма на џамија од тој период. Градена е во неколку фази. За првата фаза се дознава од сочуваниот автентичен натпис со арапско писмо на турски јазик, кој меѓу другото кажува дека џамијата е изградена 1475 година. И минарето денешниот изглед го добило во неколку фази на градба. Со постамент на полигонална основа, висина од 25 метри, украсено со два шерефети, минарето на Чарши џамија е редок пример на исламската архитектура во Македонија.
Во текот на изработката на Проектот за конзервација во 1988 година, извршени се комплетни сондажни испитувања, при што се констатирани фазите на изградба. Во 2001 година џамијата е опожарена, а во тек е изработка на проект за реставрација и конзервација.



Турскиот амам е изграден во XIX век, но постојат извесни индиции дека делови од објектот се постари. Амамот претставува интересен пример на чифте амам, кој што до пред дваесеттина години функционираше со својата автентична функција. Објектот во моментов се наоѓа во многу лоша состојба. Со деталниот урбанистички план на централното градско јадро се предвидува турскиот амам да се пренамени во модерен галериски простор.
Ѕид од Куршумли ан е остаток од големиот турски ан изграден во XV век, непосредно по турското населување на територија на денешен Прилеп, како еден од првите профани објекти во новата населба. Анот бил во функција за одмор и ноќевање на патниците и трговците како и за оставање на нивните трговски стоки.
Во минатото, до неговото рушење анот бил дел од чаршијата, лоциран покрај Дабничка река а во негова близина се наоѓале отворениот пазар за зеленчук / сергиите/ и Ат пазар / пазарот за добиток/ кој бил од другата страна на реката.

Ѕид од Куршумли Ан, Прилеп
ГРАДСКА АРХИТЕКТУРА
Градската архитектура е сконцентрирана во централното градско подрачје и е поделена на две групи. Првата група се објекти од крајот на XIX век, изградени во духот на традиционалната македонска архитектура, а во втората група спаѓаат објекти изградени во почетокот на XX век со примеси на европските стилови. Најзначен објект од втората група на објекти е куќата на Бектешовци, којшто обилува со многу убави детали на фасадите и ентериерот. Врз овој објект во 2013 година се реализира проект за конзервација, реставрација и реконструкција на фасадите.

Градска куќа од XX век, куќата на Бектешовци, Прилеп
За жал станбените објекти од градската архитектура ги има се помалку со оглед на финансиската состојба на сопствениците и состојбата на градителството во пошироката заедница. Иако оваа архитектура не поседува високи архитектонско-естетски вредности, сепак таа отсликува и презентира еден период на градителската активност во градот.
Куќата на Башевци е под стилско влијание на неокласицизам чии елементи се изразени преку фронталната фасада. Нарачал да се изгради Панту Николов Жешков во 1900 година а за таа цел ангажирал мајстори од Солун. Објектот е изграден во духот на граѓанската архитектура на правоаголна основа со симетрични решенија како во основите така и на предната и задна фасада, со висина П+1 кат.

Куќата на Башевци, Прилеп
Во врска со заштитата на објекти од старата градска архитекура се реализира проектот за конзервација на фасадите и препокривање на куќата на Жеревци во 2015 година.

Куќата на Жеревци, Прилеп
СПОМЕН ДОМ „БЛАЖЕ КОНЕСКИ”
Објектот Спомен дом “Блаже Конески” во село Небрегово, како значаен споменик на културата, припаѓа на руралната архитектура. Неговата концепција е одраз на времето, просторот и поднебјето во кој е создаден и по сите проценки е изграден кон крајот на XIX век или на почетокот на XX век. Тоа е куќа на кат, објект од т.н. затворен тип, без посебно издвоен отворен дел од чардак. Помошните објекти кои го заокружуваат економскиот живот на домаќините се лоцирани периферно на парцелата.
Она по што посебно се издвојува оваа куќа е фактот што во неа се родил великанот на македонската книжевност и литература Блаже Конески, чие дело и личност заслужува посебен пиетет. Тој е основоположник на модерниот македонски книжевен јазик, еден од основачите на МАНУ, голем поет, добитник на “Златниот венец” на Струшките вечери на поезијата, професор на Филозофскиот факултет во Скопје.
Изработен е проект за реставрација, конзервација и ревитализација на објектот, кој во најскоро време треба да биде реализиран.

КОНЗЕРВАЦИЈА НА НЕДВИЖНО КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВО

Музеј на Крушевска република
Куќа на „Коча Миленку“, Крушево
Во 2021 година се реализира дел од проектот за санација на споменикот „Илинден“ во Крушево.

Изведен под и санациони работи во споменикот „Илинден“, Крушево
Црква Св. Илија, с. Долгаец
Црква Св. Никола, с. Кошино
Конзервација на археолошки локалитет Стибера, с. Чепигово

Конзервација на археолошки локалитет Стибера, с. Чепигово

Конзервација на археолошки локалитет Стибера, с. Чепигово

Конзервација на археолошки локалитет Стибера, с. Чепигово
НУ Завод и Музеј
Етнокинезија 















