Галерија на икони Внатрешен изглед на галеријата
Експонати во Галеријата на икони

 

На територијата на Општина Прилеп постојат стотина цркви и манстири со огромен фонд на икони како биле зографисани од познати и непознати иконописци, кои оставиле зад себе преку 4000 икони од различен период.

Иконата во суштина претставува светлина на мудроста и мисла на духот, а настанала од цивилизациските достигнувања на антиката, преку средновековието па се до ден денес, како приказ на световната реалност.

Објектот каде што е сместена Галеријата на икони во Прилеп, во суштина е првото женско училиште во Прилеп. Изградено е во 1881/82 год. и за целото негово постоење работи како училиште до степен на основно образование за на крајот да го превземат комплексите од индустриска дејност.  На крајот на 60 - тите години од непознати причини објектот е напуштен и оставен во руинирана состојба. Бидејќи објектот поседува споменични вредности, со изработка на техничка и проектна документација извршени се промени и истиот е наменет за Галерија на икони, отворена во 2002 година во која се поставени 66 икони и една фреска од XII век. Иконите се датирани од XVI до XIX век.

Поставката започнува со делови од реконструирана фреска. На фреската која е поставена во рамка претставен е Архангел Гаврил, веројатно од композиција на архангели од црквата св. Арханел Михаил, Варош. При археолошките ископувања во 70 - те години под подот на сегашната манастирска црква откриени се остатоци на постари фрески датирани во средината на 12 - ти век.


Архангел Гаврил, фреска, 12 век

 

Ангелот нешто е постар од Курбиновските ангели насликани во 1191 год. кои претставуваат ремек дело на фреско живописот од класичниот период на византиската уметност. Архангел Гаврил во галеријата исто така претставува ремек дело на комненската уметност со извонредно изработен лик и зачуван автентичен колорит. Во 70-те години заедно со резбите од црквата св. Благовештение беше на изложба во Њујорк, Лондон и Стокхолм, презентирајќи ја македонската култура на највисоко ниво.

Следува иконата Богородица со Христос датирана во XVI век. Интересно е тоа што таа е единствена икона од збирката на која е извршено комплетно ретуширање. Имено конзерваторите наикона на Исус Христос од XVII век откриле долен сликарски слој на која била насликана горе споменатата Богородица со Христос. На нова штица дел по дел извадена е иконата Исус Христос, а старата од долниот слој е реконструирана и ретуширана. И двете икони се насликани во класичниот период на поствизантиското сликарство со класичната строгост која го карактеризира овој период. Богородица вообичаено носи мафорион во цинобер колор, а под главата видлива е грчка капа. Исус Христос на себе носи темно кафеав хитон во црна основа, а на десното рамо се гледа позлатен клавус. Болусот на ликот е со светол окер со назначена светло кафеава боја на образите, а косата и брадата се со светлокафеава основа. Ореолот е со златна боја, а позадината е насликана во цинобер основа.

Икона со претстава на Богородица со Христос од XVI век изработена е директно на платно.  Богородица е претставена во допојасна фигура, а во левата рака го држи малиот Исус Христос.

Икона Пресвета Богородица со Исус, XVI век Свети Спиридон

            Облечена е во сивомаслинест хитон, на главата носи темно кафеав мафорион со видлива грчка капа. И пост византиските сликари на оваа икона ја задржале претставата на строг естетски изглед со широко отворени очи и крут поглед. Боите се оригинални, а сите останати икони се премачкани со заштитен лак, кој ги штити од механичка повреда, црвојадина и сл.

Следува триптихон со централен приказ на Богородица со Христос, а лево и десно на крилата насликани се св. Атанасие и св. Димитрија и св. Никола и св. Ѓорѓија. Интересно е што на оваа икона Богородица е претсавена како млада жена, а во суштина тоа е претстава на византиска царица со богато украсена и декорирана облека со круна на главата изработена од злато, дијаманти, бисери и други драги бесценети камења. Исус Христос исто така претставен е во невообичаена состојба и стои исправен во цел раст, со круна на главата, богато декорирана царска облека и атрибути на властодржец. Значи ликовите на Богородица и Исус Христос се претставени како световни ликови, боите се оригинални и претежно преовладуваат окери во нијанса, златна и цинобер боја. 

Наредните две икони ги претставуваат Архангел Михаил и Исус Христос изработени од ист непознат мајстор. Сликарството е оштетено од забот на времето, боите се темни со сиво маслинеста основа како и инкарнатот кој исто така е со сиво маслинеста основа.

Следува иконата св. Ѓорги Полошки од Полошкиот манастир изработена од непознат мајстор во 1630 год. На иконата во централниот дел претставен е св. Ѓорги седнат на престол, со долга темна туника, опашан со сабја, а странично во 16 сцени прикажано е неговото житие. Ова е ретка претстава на св. Ѓорги бидејќи тој секогаш е претставен како коњаник кој ја убива аждајата и ја спасува кралската ќерка.

 

Житие на св. Ѓорѓи Полошки од Полошкиот манастир

Облечен е во темно маслинест хитон и наметнат со цинобер химатион. Во десната рака го држи симболот на христијанството крстот, а со левата рака се потпира на балчакот на мечот. Централниот дел на иконата е резбарена ниша во два реда на плиток рељеф, а позадината е насликана со златна боја. св. Ѓорги инаку е историска личност и живее кон крајот на III век од нашата ера и суштински е војсководец на Римски легии кои се борат во Палестина. Убиен е во 297 год. во н.е. по наредба на императорот Диоклецијан, бидејќи го примил христијанството кое во тој период не е државна религија во Римската империја.

Седумнаесетиот век е карактеристичен за поднебјето на Македонија особено во иконописот бидејќи сe уште се свежи остатоците од големата византиска култура, затоа што Македонија се наоѓа во срцето на Европскиот дел на пропаднатата империја. Иконописот од овој период се карактеризира со силен и нагласен колорит, но меѓутоа се чувствува губењето на здивот на сликарите со познатите сликарски школи како што се Цариградската, Солунската и Охридската сликарска школа.  Меѓутоа во овој период во Македонија покрај Охрид многу важно место завземаат Зрзевската сликарка школа и Костурските мајстори. Во галеријата на икони во Прилеп од овој период изворедно зачувани икони се Воведувањето на Богородица во храм, св. Јован Претеча и др. Еден од најубавите експонати во галеријата е Деисизниот чин  изработен во 1535 год. од тогаш многу познатиот иконописец архиѓаконот Јован.  На чинот централна сцена е Деисизот - Исус Христос седнат на престол, лево е Богородица свртена кон него, а десно св. Јован Крстител.  Симетрично, лево и десно од централната сцена насликани се апостолите и евангелистите, по шест од секоја страна.

Деисизот со апостоли во горниот дел, претстава на Богородица со Христос,

Исус Христос и свети Јован Претеча

Сликарот располага со широки знаења за религиозното претставување на ликовите, анатомијата на личностите, перспективата, а облеката соодвествува со времето на живеењето на личностите на чинот.  На ова ремек дело преовладуваат нијанси од сивомаслинеста, окер во повеќе варијанти, цинобер, златна боја, а ореолите се изработени од танки ливчиња на злато. Во целина овај експонат претставува врвно уметничко дело, а кон мајсторот изразуваме благодарност и силна почит.

Осумнаесетиот век е мрачен период за градежништвото и сликарството во Македонија како и во Прилеп, бидејќи Отоманската империја многу малку дозволувала градба на цркви и манастири, а со тоа и застапеноста на животописот и иконописот е многу мала. Неколкуте експонати као што се Големите празници и маките христови,  Воведување на Богородица во храм, престолната икона на Исус Христос се оригинални творби, но со поскромни уметнички квалитети.

                

Воведение на Пресвета Богородица  Јеромонах Самоил

На крајот на XVIII и почетокот на XIX век на економско поле имаме силен подем на развојот на занаетчиството во Прилеп, а тоа мошне позитивно се одразило на градежништвото и сликарството во целиот регион. Се појавуваат врвни мајстори посебно од реканскиот дел на Македонија познатите резбари и иконописци од Гари, Тресонче, Лазарополе, кои оставиле траги во сликарството во Македонија па и во Прилеп и неговата околина. Исто така се појавуваат тајфите на Крушевските мајстори на чело со Коста Атанасов, а огромен фонд од иконописот зачуван е и од многу познатите прилепски иконопосци  Адамче Најов Јанов, попознат како Адамче зограф и Јован Атанасов негов следбеник кој на своите дела се потпишува и како Јован Прилепчанин. Застапените дела на овие мајстори, посебно на Коста Атанасов и познатите порачани икони за црквата св. Велико мученик Димитрија во нас. Варош, обилуваат со поединечни масовни сцени, познавање на религиозните настани и вклопување во потребите на народот за остварување на своите религиозни цели. Прилепските мајстори Адамче зограф и Јован Атанасов постигнале совршенство во претстава на Богородиците со карактеристични световни ликови,  примената на златни бои и златни листови - варак, кои им даваат посебна убавина на иконите. Карактеристични се ликовите на Јован Атанасов кој постигнал максимум во колоритноста, како да бил ученик на најголемиот француски колорист и творец на реализмот на европското сликатстрво Ежен Де Лакроа,  а не локален мајстор. Ликовите на Богородица се претставени со световен карактер, во суштина Богородица претставува млада, полна со живот жена, а по наше подолго истражување констаиравме дека како модел за изработка на неговите Богородици послужила неговата жена, што не е редок случај и на други мајстори световни ликови да послужат како модели.  Ликовите на останатите светци кои ги изработува овој мајстор се идентични како да ги копирал, а сепак се со различна големина и секој лик поединечно е обработуван.

Последен од експонатите во галеријата во Прилеп е Ерусалимската плаштеница или платно. Вакви платна има во повеќе цркви и манастири, но многу се поретки бидејќи изобилуваат со голем број сцени и личности од Стариот и Новиот завет, што претставува сериозен зафат за секој сликар инконописец. Плаштеницата е изработена во 1870 год. од непознат мајстор на импрегнирано платно врз основа на гипс на грунд, со темперни бои. Во суштина на овој тип на сликарство е претставено создавањето на светот, односно насликани се сцени на Адам и Ева, првиот грев, изгонувањето од рајот, претстава на потопот, Ноевата арка, потоа Аврам прапредокот на Израилите, повеќе пророци и светци, старозаветни сцени и сцени од Новиот завет. Лево и десно претставени се Богородица и Исус Христос, Богородица во допојасна фигура, а над неа старозаветните пророци - кралевите Давид и Соломон – што значи дека Марија, идната Богородица потекнува од царска лоза. Сцените со Исус Христос претставени се од неговото раѓање, крштевање, па голготата, симнување од крстот, оплакување, а во подолните редови претстава на светци како што се св. Катерина, св. Ѓоргија, св. Димитрија и др. Во центарот претставени се Ерусалимските храмови и распетието Христово.

Централна сцена е Второто пришествие или Второто доаѓање на Исус Христос на земјата, но сега како цар судија. Христос е седнат на престол, а под него во вид на персонификација насликана е рака која држи кантар (вага) на која се мерат душите, а лево и десно од Исус Христос во седечки пози насликани се апостолите, но сега како поротници, а во рацете држат свитоци. Под персофицираната рака насликана е исправена фигурата на Архангел Михаил, со копје во раце, кој ги прифаќа душите на покојниците и во зависнот од нивните дејанија на земјата ги испраќа во пеколот или во рајот.  Пеколот е претставен со ѓаволи, змии, ламји кои испуштаат оган и сл., а рајот односно портата пред која стои св. Петар и со клучевите ја отвора рајската врата и ги пропушта оние души кои правеле добрини во земјениот живот.

Во целина Галеријата на икони во Прилеп претствува музејска поставка во која што се врши образовна педагошка едукација на посетителите, без разлика дали се тоа ученици или странски делегации и поединци, со што се врши популаризација и презентација на културното наследство на Македонија.

 

Сликарски прибор на зографот Јован Атанасов -Прилепчанин