Со формирањето на Народниот музеј во Прилеп како самостојна институција каде што се чува и презентира целокупното духовно и материјално наследство, работи и Одделението за етнологија. Првиот званично заведен предмет во Инвентарните книги е на 09.01.1956 година, но сепак ова Одделение не е активно во целост, освен повремените откупи или поклони на предмети поврзани со минатото. Од 1987 година со вработување на етнолог и од 2018 година со вработување на втор етнолог активностите на ова одделение се зголемуваат преку поинтензивен откуп на етнолошки предмети, евидентирање на истите, теренски истражувања и бројни изложби, а со тоа се привлече вниманието на пошироката јавност за овој оддел во НУ Завод и Музеј – Прилеп
МАТЕРИЈАЛНА КУЛТУРА
Збирки од материјалната култура – Предметите од материјална култура се поделени во неколку збирки: Збирка на предмети од метал, Збирка на накит, Збирка на предмети од текстил, Збирка на предмети од керамика и Збирка на предмети од дрво.
-Збирка на предмети од метал – составена е од предмети од стопански карактер и предмети кои секојдневно се употребувале во домаќинството во XIX и XX век.
![]() |
![]() |
| Утија, железо, XIX век | Ѓум, бакар, XIX век |
-Збирка на накит – содржи предмети кои се употребувале за украсување на човекот и облеката кое има долга традиција кај нашиот народ. Предметите направени се од племенити и полуплеменити метали, доукрасувани со скапоцени или полускапоцени камења.

Пафти, сребро, позлата, XIX век
![]() |
![]() |
- Збирка на предмети од текстил – Предметите од оваа збирка се поделени во два главни дела: носии и други предмети од текстил. Носиите се делат на две групи: селска и градска носија.
- Збирка на предмети од керамика – Предмети за секојдневна употреба со едноставна форма и лесни за изработка, како и украсни предмети наменети за свечени моменти.

- Збирка на предмети од дрво – е најмала по бројност и во поголем дел содржи предмети од стопански карактер, а во помал дел предмети од домаќинството. Предметите се од домашно и занаетчиско производство.

Истражувачка дејност
Покрај другите актвности на ова одделение, главен акцент е ставен врз истражувањето на занаетите кои се на изумирање или повеќе ги нема во прилепската чаршија.
Од прилепските летописци дознаваме дека во прилепската чаршија имало над 38 занаети организирани во еснафи, од кои за одбележување се: казанџискиот занает со 38 дуќани, ковачкиот занает со преку 60-70 дуќани, кантарџискиот занает чии производи биле барани како најдобри во тогашната Отоманската империја и други занаети.
За најстар податок за еснафско уредување на некој занает дознаваме од “Кодикот на манастирот Трескавец” од крајот на XVIII век и тоа за ќурчискиот занает. Постоел прилепски Панаѓур од средината на XIX век, кој непрекинато траел 25 години кој постепено прераснал и во меѓународен на кој доаѓале трговци и занаетчии од цела Европа и Блискиот исток.
Со згаснувањето на Панаџурот и наглиот прилив на индустриска роба од Европа, започнува постепеното одумирање на занаетите. Тоа одумирање нагло се забрзува од половината до третата четвртина на XX век, за да денес на почетокот од XXI век има само неколку занаетчиски дуќани во прилепската чаршија и тоа ковачкиот занает со еден дуќан.
Поради оваа ситуација, Одделението за етнологија во изминатиот период врши интензивни истражувања на занаетите кои биле застапени во прилепската чаршија. Со досегашните активности и истражени и докумнтирани се следниве занаети: кантарџискиот, секирџискиот, ковачкиот, ножарскиот, казанџискиот, гајдаџискиот, кожуварскиот, јорганџискиот, самрџискиот, бочварскиот, ортомџискиот, наланџискиот и дел од грнчарскиот занает. Некои од занаетиве се објавени во посебни стручни трудови.
ПОСТОЈАНА ЕТНОЛОШКА ПОСТАВКА -
“ ЖИВОТОТ НИЗ ЗАНАЕТИТЕ И ТРАДИЦИЈАТА “
Етнографијата во Прилеп и прилепско е слоевита и носи трагови од различни периоди и влијанија. Затоа, ние ја направивеме етнолошката поставка за да се претстави материјалниот одраз на културата и стопанисувањето.
Во Музејот е отворена ваква етнолошката поставка на 22.09.2021 година од двајцата етнолози Горанчо Цветкоски и Петре Чагороски. Изложбата ќе го претставува производството и стопанисувањето, духовната и социјалната култура.
Етнолошката комбинирана изложба опфаќа материјална-етно култура, со примеси на елементи од социјалната и духовната култура и тоа: урбаната и руралната. Акцентот на оваа изложба е ставен на занаетчиството кое во Прилеп се дели на два дела: селско производство и градско производство и секојдневното живеење, како и нивната сплотеност во луксузните производи како што е накитот и носиите.
Оваа поставка со својата содржина, со предметите од повеќе периоди и тематика е интересна за сите возрасти, особено за учениците како едукативен материјал и запознавање со минатото, начинот на живеење, користењето на разни предмети, занаети и целокупното наше културно богатство.
Видови предмети за изложување во оваа поставка:
- Носии и други ткаеници;
- Занаети и занаетчиски производи;
- Предмети поврзани со ритуали;
- Намештај и покуќнина.
Концептот на поставката опфаќа четири сегменти:
- Витрини за изложување на поситни предмети од занаетчиството, без ритуална содржина;
- Централен партерен дел за поставување на маса (чесна трпеза) со столици, садови и др.;
- Партерен дел кој претставува дневна селска соба со свои предмети и карактеристичен намештај. Во овој дел се изложени и две кукли со мариовска машка и женска носија;
- Слепи ниши за изложување на предмети.





РОДНОКРАЈНО МУЗИЧКО ТВОРЕШТВО
Музиката се смета за еден од најстарите културни феномени на човековиот род, која од сакралното, преминала во човековото духовно секојдневние, како народна музика. Таа лесно се пренесува од еден ареал на друг, креативно се репродуцира и има силно духовно делување на секој човек. Таквата природа на музиката, која Римјаните ја сметале за „математичка наука“, придонела за нејзина локализација и етницизирање, затоа што се повторувала во рамките на племињата, како при обредите, така и при пригодните моменти во животот на човекот.
Музиката е една од првите форми на човековата „глобализација“, односно ширење и регионална акултурација на популарна музика, која е креативен продукт, а не традициски пренесувана матрица.
Организираната вера и вкусот на властелата придонела кон создавање преовладувачки музички форми и начини на изведба. Така, кај нас, на средновековната традициска (народна) пентотонална или дијатонска музика, додаден е омажот на исламската мелодиска скала, па низ вековите е створен прекрасен спој и амалгам на специфична „чалгиска“ традиционална музика, која е дур–молска во својата основа. Со текот на вековите, покрај традиционалните гајди и дувачки инструменти, започнуваат да се употребуваат инструменти, кои се импорт од Мала Азија.
„Западната музика“, како што овде ја нарекувале, почнува да се одомаќинува кај нас уште со пронаоѓањето на радиото, но исклучиво кај граѓанската класа, додека кај другите категории, музиката е „народна“ и изведбена, а секако, поврзана со пригоди од верскиот и секојдневниот живот на населението.
Во Прилеп мошне рано започнува усвојувањето и негувањето на западноевропската музика и музичка култура, што е присутно кај пресната граѓанска класа, но посебно тоа се случува по Втората светска војна.
Сознанието за уметничката вредност на нашата народна и зaбавна музика, изразено со желба таа да се зачува и да се прикаже надвор од границите на нашиот народ, го среќаваме уште кон крајот на XIX век, кај прилепските дејци, кои се вбројуваат меѓу пионерите на македонската мелографија. Свеста за значењето и улогата на роднокрајното музичко творештво во будењето на националното сознание сè повеќе се развива, поттикнувајќи значителен број културни дејци кон собирање и издавање на фолклорни материјали, во тој ред и на мелографирани напеви.
Од Атанас Бадев па сѐ до денес, трудот на прилепските музички дејци е незаменлив придонес во ризницата на македонската духовна култура како вредност по себе.
Креирањето на Роднокрајно музичко творештво и креирање поставка е финансирано од Министерството за култура и тоа во неколку години, за да се создаде иницијален фонд експонати, да се припреми простор и витрини за експонирање.
За реализација на таа задача, пристапивме кон прибирање предмети, поврзани со предметната тема од најразлични извори, но секако акцент е ставен на славните имиња на музичката сцена (пејачи, музички водители, инструменталисти, композитори, диригенти итн). Во тој правец, беа огласени нашите намери за граѓаните да можат да бидат информирани и да соработуваат со Музејот во нудење ваков вид материјали.
Голем број познати имиња од македонската сцена беа контактирани за да ги информираме за намерата и тие со одушевување прифатија да бидат дел од овој иницијален напор за формирање на оваа поставка.
Поставката беше отворена на самиот јубилеј – 67 години од формирање на НУ Завод и Музеј – Прилеп на 21 јуни 2022 година, во „Бабанеделино училиште“, со 200 предмети, кои им припаѓале на 20 музички дејци. Тука се најдоа вредни музички предмети, награди, признанија, аудио и видео записи, скриптозаписи, како и фотографии, цртежи и карикатури на следниве музички имиња: Блага Петреска, Пеце Атанасоски („долненскиот гајдаџија“), Илија Јанчулески, Нина Спирова, Коста Смилески, Кевсер Селимова и Ѓорѓи Желчески, Гога Зафироски – Зафирот, Влатко Стефановски, групата Бен Хур, Ристо Бомбата и Кучешка тенија, Cros road blues band, но имаме и експонати на КУД „Мирче Ацев“ од Прилеп.
На отварањето присуствуваа и музичките дејци, кои имаа свои експонати во поставката, како Блага Петреска, Кевсер Селимова, членови на семејствата на музички имиња, кои не се веќе меѓу нас.
![]() |
| Роднокрајна музичка поставка |
![]() |
| Хармониум, 1918 година |
![]() |
| Грамофони |
![]() |
| Зурли и кавал |
![]() |
| Тапан со чукало |
![]() |
| Витрина од КУД "Мирче Ацев" |
![]() |
| Облеката на Пеце Атанасоски |
![]() |
| Гајдата од Пеце Атанасоски |
![]() |
| Витрина од Блага Петреска |
![]() |
| Витрина од дуетот Селимова-Желчески |
![]() |
| Витрина од дуетот Селимова-Желчески |
СОЦИЈАЛНА И ДУХОВНА КУЛТУРА
Ова одделение се занимава со сите аспекти на традициската нематеријална култура, сега наречена „недопирливо културно наследство“ и методологија на етнологија и антропологија, како и со другите етнографски и антрополошки теми, од интерес на Институцијата, кои вклучуваат методологии на етнологија, антропологија, социологија, феноменологија и современи аспекти на традицијата. Со тоа, тематското подрачје на ова одделение, спрема научната таксономија ги покрива двата вида културно наследство на етнологијата: Социјална и духовна култура.
Сепак, социјалната култура кај нас слабо ја проучуваме и следиме, науката не ја следи современата состојба на социјалните феномени и традициски матрици токму затоа што е тоа доста тешко и бара големо знаење, додека духовната култура на нашиот народ, воглавно, е мошне стереотипно и дефанзивно проучувана на ниво на појавност и феномен, а не низ научно пофундирани методологии, кои антропологијата ги нуди.

Завршеток на проектот Ушилиштата во музеите или музејот во училиштата за 2013
Без амбиција да правиме дигресии, мораме да напоменеме дека социјалната и духовната култура – наспроти материјалната традициска култура зафаќаат „лавовски дел“ од целата традициска култура.
Одделението за социјална и духовна култура следи и феномени и настани, кои припаѓаат во други научни референтни рамки (на пример – на социологијата, политикологијата или на историските науки), но имаат последици по инструментализација на јавното мислење, или се работи за пласирање празноверија и создавање лажни дискурси и предубедувања во јавноста. Тоа е форма на јавна одговорност на Одделението. Се разбира, ако овие прашања немале традициска основа и корен во социјалната или духовната култура на нашиот народ или на целото човештво, тие би биле предмет на матичните науки, кои за жал, немаат методологија за третирање генеза на културни одлики, кои станале јавни и политички прашања, вообичаено, со мошне негативен јавен ефект.
Така, одделението за социјална и духовна култура го третира и прашањето на точноста на календарите и нашето прославување на годишните подвижни или неподвижни празници, за да се справи со пласираните теории за „погрешноста на православниот календар“.

Работилница со наставници од проектот „Ушилиштата во музејот ...„, 2012 година
(аспект на „обред на премин“, функционално, структурано, функционално – структурално, психоаналитички, комуникациски и сл).
Втор таков пример би било прашањето на традициска корупција, која е социјално и духовно фундирана во феноменот наречен општествено структуиран дефект (ОСД) и феноменот наречен „пљачкашко стопанство“, кои ниту социологијата, ниту криминологијата и политикологијата не можат да ги третираат, токму заради немањето методологии за тоа, додека во антрополошко светло, сите вакви појави лесно и јасно се приведуваат пред разумот, давајќи им јавна слика на граѓаните за овој феномен, кој е предмет на политичка инструментализација и води до социјално разочарување, дезориентација и општа пасивност на граѓаните.

Натпревар во изведби на перформанси од социјалната култура, ЦК Марко Цепенков, Проект „Училиштата во музеите или музејот во училиштата“, 2007
Вакви пласираните јавни предубедувања, кои треба да бидат споделени од медиумите или институциите да ги стават во своите стратегии, било од кој извор и било со која намера има уште многу и бара високо знаење и општествена одговорност од институциите, но и сериозно знаење за справување со нив.

Проектни изведби на учениците и снимање, Проект „Училишта – музеи“, 2012
Одделението за социјална и духовна култура го следи одвивањето на годишните традициски обичаи во јавната сфера (манифестации) и нивните промени, како фактографски, така и феноменолошки. Тука се опфатени јавните аспекти на обичаите: Коледе, Василица, Водици, Св. Трифун, Ѓурѓовден, Проштени поклади („Прочка“), Велигден. Предмет на одделението од овој аспект се и маскираните поворки во Македонија, пригодното маскирање по повод одредени празници или пригодни семејни обичаи, како и други социјални феномени со традициска матрица и генеза.
Заштитата на духовното и социјално културно наследство преку нивна утилитаризацијата за туристички цели, се одвива преку училишниот систем и овој значаен пристап одделението за социјална и духовна култура го користи како начин за опстојување на народните обичаи. Во тој поглед одделението работи на едукација на наставниците и на учулишни драмски групи за социјална и духовна култура, но исто така преку снимање глумечки перформанси со овие драмски училишни групи, со креативен пристап кон социјалната и духовна култура, како извор на теми и содржини за креирање „глумечки перформанси во народен стил“.
Исто така, овој пристап е поддржан преку објавување трудови во научна периодика за есенцијалност на културното наследство, како предмет на туристичка експлоатација и преку развој на методологии за проучување на културните манифестации од позиција на теориите: култура и личност и култура и комуникација.
Како легитимно поле на работа на одделението за социјална и духовна култура е и состојбата со традициските празноверија кај нас, како што се: магијата, гатањето, јасновидството, празноверијата базирани на традициски матриц и и сл.
Посебно внимание ова одделение посветува на етномедицинската практика и народни верувања. Во тој контекст ова одделение има издадено радио труд со наслов „Црвјарка“, во кој се опишува етномедицинската практика на вадење црви од ушите на бебињата во Прилеп, односно лекување на запаление на средното уво кај бебињата. Современата состојба со магиските дејствија од страна на голем број лица со „Божја дарба“ и степенот на народно верување во нив е исто така предмет на овој реферат.

Курс за наставници за имплементација на проектна настава по социјална и духовна култура во пилот класови, Проект „Музеј – училишта“, 2012
Дијапазон на интерес на одделението за социјална и духовна култура
· Методологија на етнологија (социјална антропологија)
· Народна религија
· Табуи и општествени забрани (табуи за брак, раѓање, смрт, забрана во однос на полот, во однос на крвни и духовни врски, однос со странци, од обредно – религиски карактер, во врска со одредени временски прилики, во однос на исхраната, во однос на земјоделски и сточарски работи и сл);
· Обичаи од аспект на „обред на премин“: Свадба, Матура и полуматура, купување имот, иницијација на млади;
· Традиционални стопански правила: заедничка работа, моба, позајмица, систем на командување, решавање на стопански спорови, воспоставување и одржување системи на стопански улоги, социјализација на децата во насока на одржување на системот и репродукција на системот;

Работилница за креативност за утилитаризација на културата, Проект, 2015 г.
· Фолклористика во врска со социјалната и духовната култура: максими, поговорки, гатанки, приспивните песни, детските игри;
· Селото како регулативна социјална заедница, роднинската регулација на пристапот кон добрата: Селски заеднички инсталации, поим за атар (синор), патишта, мостови, одводнување, наводнување, заеднички огради, одбрамбени ѕидови, каптажи за вода, поила, пландишта, пасишта, амбари, воденици, валалници, боилници, катуништа, „сред село“, цркви и манастири, вакафни места, места за иницијација, објекти и површини за размена и трговија;
· Системи на регулација на заедниците: правила и процедури за избор на функционери, правила за избор спрема најстариот женски предок или избор по принципи на авункулат, правила за избор по од властите дадени функции и статус, селско претставување пред власта и пред трети лица,
· Селски суд („Старец“, кмет, Поп, учител, мудрец, пљаку, „јак род како суд“),
· Наследување (минорат, проста делба, делба по зони, делба на „горно“ и „долно“),

Увежбување на улоги пред снимање, Проект „Училишта – музеј“, 2015 год
· Селски функционери (кмет, гускар, говедар, овчар, учител, „старец – судија“, пољак, баждарџија, работни специјализанти), селски верски функционери (поп, бајачка, бабица, тажачка, кушачи, треварки, јасновидци, змејовчиња),
· Стопанска производна регулација: раситнување на земјиштето согласно преовладувачкиот роднински систем, трговија и размена со катуништата, плодоред, в’ршење, издиг на стока, пашитна регулација, „штета“, правила и редослед за напојување, за молзење, користење стопански објекти, за поправка објекти и за унапредување, правила на синхртон низинско – планински семеен режим на стопанисување,
· Стопанска магиска регулација (преземање млеко, умилостување, одбрана и пренасочување на штеточини, обреди за заштита на стока и посеви, периоди за зајадување плодови, табуирање на производни целини, табуирање на пристап до стопански објекти, табуирани производни периоди),
· Стопански обичаи за помош и испомош (позајмица, моба, испомош, работа за родот, преместување тешки објекти, сезонска испомош, моби за куќи и штали), регулација на специјални задолженија (дервенџии, соколари, раја со специјални задолженија), стопански паритет (надокнада за занаетчиски услуги, надокнада за духовна услуга, паритет на различни работни операции , враќање заем со работа, враќање услуга)
· Обичајно право, семејно право (правила), родово право, женидбено право (правила на загледување, свадбени функционери, правила на просидба, обичаи на свадбата, свадбен верски функционер),
· Ставови и преовладувачки мислења (јавно мислење): пожелен лик за одредена улога (свршеник, невеста, свекор, свекрва, кумови, почбратими, старосват, девер, кмет), време за мажење и женење, припрема на младите за брак, сексуална подука, време на созревање и карактеристики,
· Домашно воспитување и култура: стратегии за социјално клонирање на единката, вградување на фатализмот како темелна вредност, системи на учење во тригенерациско семејство, вредности и нивно всадување, народни приказни со скриени пораки за агнати и когнати, учење на посакувани трансакции и ограничување на трансакции, бивалентност, учење на бинарни опозиции преку приказни, учење на почитта кон постарите, скалестото почитување (во смисол на ниво), социјална ориентација на младите, учењето на сопствениот статус во роднинскиот систем, улогата на роднините, прифатеното однесување во рамки на различните групни ентитети на селото (фактичко роднинство, побратимување, кумство, заколнување, генерациски групи, групи на истоветност и солидарност, женидбени групи), системот на детски вредности, системи за избор на професија и постигнување посакуван лик во заедницата;
· Космогонија: замислената стратификација на оноземското (митови за настанувањето, приказни за устројството на небото, улогата на Бог, ангелите и другите натприродни суштества, демони на регулацијата),
· Статус на единката и културна промена: семејни митови за потекло, постигнување личен и професионален статус, приказни за докази на храброст,
· Системи на селска егзогамија и ендогамија, раполутување на селата,
· Јазични сурвивали и нивно значење: архитипски изрази, заборавени регулативни демони, архаизми и нивно толковно и контекстуално значење (правец: „јазикот како археологија“), тајни јазици, акултурација на поими и значења.
Иако ова одделение нема доволен капацитет за континуирано и постојано дејствување од многуте споменати различни области, кои социјалната и духовната култура ги содржи, сепак интенција е во следните 5 години да се постават барем базичните реферати, како основа за понатамошен развој на одделението, за што постои силна општествена потреба, која бара зголемена одговорност на институциите од областа на културата.
Тоа се должи на општата дехуманизација на општеството, падот на нивото на образование – со драматичен пад на нивото на знаење и финално, падот на просветителските премиси на образованието, се закануваат македонското општество да го разорат како одделит комплекс на етничка сума, која овој народ го легитимира и дистинктивно го прикажува како посебен народ.

Снимање перформанси пред родители и наставници, Проект, 2019 година
Едукација за социјалната и духовна култура
Едукативната мисија на нашата институција и тоа во форма на етаблирана училишна едукација, која поприма форма на „континуирана едукација“, е развиена во делот на заштитата на духовната и социјална култура, како видови традициско наследство (недопирлива култура), кое најтешко се заштитува не само заради тоа што е нематеријално наследство, туку и заради тоа што е невидливо за најголем слој од граѓаните, иако живеат по нивниот секојдневен диктат. Голем дел од социјалното културно наследство има иста есенцијалност како музиката или друга изведувачка уметност, што значи дека е наследство кое може да се види само во одвивање и исчезнува следниот момент.

Снимање перформанса во Куќата од Конески во Небрегово,
проект „Училишта – Музеи“, 2012 година
Ова е постигнато преку проектот со наслов „Училиштата во музеите или музејот во училиштата“, кој Министерството за култура го финансираше од 2007 година, до 2019 година реализирани се серија обуки за заштита на социјалното и духовно културно наследство и за утилитаризација на културното наследство. За времетраењето на овој проект, релизирани се курсеви за едукација на наставниците во основните и средни училишта, посебно за тие кои водат драмски секции, за да можат да реализираат настава во училишни услови, во рамките на постоечките предмети по Македонски јазик, музика и уметност, граѓанско општество, физичко воспитување и сл. или во облик на пилот проект, било како наставен курикулум.
Проектно реализирани едукативни сесии:
- Курс за препознавање и училишна утилитаризација на Недопирливото културно наследство, ЦСЛУ, Октомври 2019 г;
- Курс за препознавање и училишна утилитаризација на традициската социјална култура во наставата, Ноември 2017 г;
- Курс за водење драмска секција за утилитаризација на традициската социјална култура, во училишни услови, 2016 г;

Снимање во присуство на родители, проект „Училишта – Музеј“, 2019 година
- Курс за презентација на културното наследство, 2015 г;
- Курс за реализација на наставни курикулуми во пилот – училишна настава за социјална култура, поими и категоризација, идентификација на овој вид култура во секојдневието, 2015 г;
- Курс за едукација за социјална култура како регулативен механизам, преку методите „Реминисценција“ и „Игра на улоги“, 2013 г;
- Курс за Училишна имплементација на едукација за социјална и духовна култура, 2008 г;
- Курс за наставници и инволвирани драмски секции за утилитаризација на социјалната култура низ јавни манифестации, со завршна јавна манифестација во Центар за култура Марко Цепенков со наслов „Социјалните обичаи низ очите на децата“, 2007 г.

Доделување благодарници и дипломи, проект „Училишта – Музеи“, 2012 година
Реализирани ученички проекти
Сите ученички проекти се снимени професионално, монтирани и од нив е создаден финален материјал за класичните и социјални медиуми, преку нашата фејсбук страница „Етнокинезија Етнологија“ (www.facebook.com//etnokinezija.etnologija). Така, снимени се и јавно емитувани повеќе од 50 ученички перформанси, од кои некои се со траење од 30 минути. Исто така, во рамките на овој проект емитувани се 4 ТВ емисии и десетици медиски известувања од настани. Фејсбук перформансите се мошне популарни кај наставниците, дечињата и родителите и се посетени повеќе десетици илјади пати.
Со нашите перформанси наставниците учествуваат и на меѓународни натпревари и освојуваат награди (ООУ „Кире Гаврилоски“).
Проектно креирани и емитувани ученички перформанси
1. Општествени правила – училишна драматизација на обичај;
2. Брачни обичаи, глумечка перформанса;
3. Свадбарски ритуали,
4. Додоле, етноекспликативен приказ;
5. Наречници, глумечка перформанса;
6. Тутунари, уметничка стилизација;
7. Свети Никола, етноекспликативен приказ;
8. Ромска свадба – обичај „Бабак“, експликација на социјални елементи;
9. Црковен чин на венчавка, примена на проектен метод;
10. Седенка на млади моми за спремање руба, метод „реминисценција“;
11. Момчина, серенада, додворување, глумечка перформанса
12. Оговарање и систем на контрола, метод „игра на улоги“;
13. ТВ емисија „Лист тутун – на него се пишува“, Каналвизија 2010 г;
14. Креативна репродукција – изработка на предмети од тутун;
15. Изложба на тутуни за размислување, Примена на креативни методи;
16. Перјаница од тутун на Џеронимо, Примена на креативни методи;
17. Селски суд - Колнење на своја земја, глумечка етноекспликација;
18. Момче со 9 занаети, Метод на креирање јавно мислење;
19. Која ќе ја меси славската погача?, хумореска во народен стил;
20. Кој го „курдисува“ син ми жената да си ја слуша? Глумечка гротеска;
21. Хаџи Јанко прави метли од босилек, Метод латентно учење;
22. Милица асли маж да ти била, Драматизација на ОСД;
23. „Носот да и падне не си го дига“,етно приказ на Тодорова сабота;
24. Бегчето тежи три свадби, драмска хумореска;
25. С’пакост упрауење (Перформанса), Народна приказна;
26. На колку гигабајти работи тој Конески? Метод латентно учење;
27. Звукот патувал 74 години (од Првата пушка, до денес), хумореска;
28. Анџија, а не бостанџија, Метод учење архаизми
29. The Old Bazaar Prilep (Англиска верзија на „Анџија, а не бостанџија“)
30. Кривата кула во Прилеп, драмска гротеска;
31. The Clock Tower (Англиска верзија на: „ Кривата кула во Прилеп“)
32. Јавнија, боднија, драматизација на шеговит пристап;
33. In the restaurant (Англиска верзија на: „Јавнија, боднија“)
![]() |
![]() |
| Снимање во училишни услови | Припрема за снимање |
34. Ширден Македонски, метод латентно учење;
35. Од дивјак до примитивец, драмтизација на парадокс;
36. Многу шетани и Скопјанка и икона, метод социјална ориентација;
37. Духовите на Војдан Чернодрински, глумечко потпури;
38. Чок ко Бектеш, метод реминисценција“
39. „Ајде да лудујемо во Участакот“, отворање културен простор;
40. С’пакост упрауење, (народна приказна), 2016 г.
41. Гејмери, метод структурирање на став;
42. Народни игри и леб со какао, метод реминисценција;
43. Една е мајка, ако е заморна, драмски приказ;
44. Гости за Бадник – импровизација, метод одговор на ситуација;
45. На пазар Милувани, во кафана целувани, глумечка утилитаризација;
46. Плети, плети – нафрли, ако однопаку, метод реминисценција;
47. Надежда за малку надеж („Итар Пејо на ролери“), Хумореска;
48. На пазар тиквите лежат, не одат – Теренска импровизација.

Фотографија пред снимање. Постојана проектна вклученост на малцинствата.

Во пишувањето сценарија, вежбање и режирање се вклучени и професионалци
НУ Завод и Музеј
Етнокинезија 
















