
Музејот за тутун е еден од најголемите и најзначајни музеи за тутун во светот, како по бројот, така и по значењето на експонатите. Формиран во 1973 година на 100 годишнината од изградбата на Камениот Магацин за откуп на тутун (точка кога тутунот станува вистински бизнис во Прилеп) и 400 годишнината од првото засадување на тутунот во Прилеп, Музејот обединил експонати од целиот свет и голем дел од нив се дел од европската историја, било кулоарска, било фактичка.

Експонати од збирките на Музејот за тутун
Музејот за тутун е мошне специфичен и специјализиран музеј на експонати и содржини, кои се поврзани со сите аспекти на тутунот. Овде во прв план е реткоста, документарната основа, историската вредност, екстравагантноста, перфектноста на изработката на експонатите, центрите на изработка, познатите сопственици на овие експонати, феноменологијата и духовната сфера, која, како сенка паѓа на експонатите и историјата – поврзана со нив, давајќи им го специфичниот мирис на тутунот. Ако се земе предвид местото на набавка и производство на експонатите, овој музеј е меѓународен, уметничко – занаетчиски, мануфактурен, репрезентативен, скап.

Изложба: „Тутунот како рамка на заедничкото живеење“, Скопски Саем, 2008 год.
Музејот ги поседува чибуците „Проклетството на племето Темне“, чибукот на Романов, на Жаклин – познатата La courtisane nobleuse, на Ралица – љубовницата на Андропов, морнарското етуи на браќата Пинзон од вториот поход на Колумбо во Америка (1494), Цигарите од „Денот Д“, лулата на Зино Давидоф, лула од Првиот пушачки клуб на Сер Волтер Рајли (Sir Walter Raleigh), на свештеникот Валентајн Кемпбел (Valentine Campbell), „Кримската лула од Балаклава“, Првата научна книга за тутунот „Tabacologia“ од Јоханес Неандер, Табакерите од Тула, цигарата дадена на Ѓорѓи Цаца од Ј.Б.Тито, Првите „Германски пиромагнетични кибрити“, чибукот од тајното студентско општество на Вилхелм Втори, и други вредни експонати.

Познати марки цигари во посед на Музејот за тутун - Прилеп
Музејот за тутун ги групира експонатите спрема приказната, па така, ја има и колекцијата лули изложувани на Светските изложби во Виена и Париз, луличките од „Декемвриската слобода“, познати и како „лули за прослава на роденденот на Митра“, во кои се пушат халуциногени печурки; исламските чибуци од Тула, Виенските кафеански „чибуци за кршење“, воените, јубилејните, студентските, свечените лули, водните лули за опиум и тутун, дозните за тутун за џвакање, пирогените пред хемискиот кибрит, табакерите - кои никогаш не си го пронашле својот газда, Ирско – Британските Петерсен конкурентски лули, шпионските тутуни, војничките чилами и многу други групи експонати, кои „носат“ своја приказна.

Изложба: „Чадот на задоволството“, Музеј на Македонија, 2012 година
Музејот за тутун е единствен од ваков вид на Балканот и покрива проблемско поле, кое ниту еден друг музеј во поранешна Југославија не го покрива - Тутунот. Неговите експонати потекнуваат од 4 континенти, произведени во познати производствени центри во светот, од посебни мајстори, во различни владеачки стилови во времето – кога се изработени и покриваат широко уметничко и применето уметничко поле, во кое е тутунот центар, мотив и инспирација и тоа не само во производството на тутун и на експонати за уживање тутун, туку и во неговата употреба, легендите, социјалната сфера – која ја твори, трговијата, шверцот, шпиунажата, законите за регулација, прохибицијата на тутунот, рекламирањето и брендирањето, па до феноменот на тутунот и како растение и како инспирација и како културен феномен.
Овде, во прв план не е само староста на експонатите, туку нивната реткост, документаристичка вредност, екстравагантноста, перфекцијата на изработка, производните центри и мајстори, кому експонатите му припаѓале и што претставувале во одредени историски периоди.

Насловна страна на каталогот од изложбата: „Тутунот низ мака и убавина“,
Центар за култура Марко Цепенков, 2006 година
Музејот за тутун е музеј на приказните – поврзани со експонатите, па нашите експонати „говорат“ за историјата на светот – видени со очите на тутунот и секако, погледнати низ човековата глупавост, токму затоа што тутунот е луксуз, а со него заедно оди и човековата недугавост, суета, желба за покажување и „алфа“ желбите. Само така може да се разберат многу историски феномени, кои Музејот за тутун „ги приземјува“, ги разоткрива, ги профанизира и ги открива вистинските мотиви за настанокот на (на пример) лули кои се долги повеќе од 1 метар, кои чинат колку лимузина, кои се толку накитени – што стануваат непрактични.
![]() |
![]() |
| Бурмутница, Ханау, Француски двор | Кибрит кутија, пиромагнетичен, Германија |
Отворање на изложбата „Чадот на задоволството“, Музеј на Македонија, 2012 г.
Значење на Музејот за тутун
Во времето на настанувањето на Музејот за тутун, Прилеп бил центар на тутунската индустрија на Балканот и бил главен производствен центар за цигарети, ферментиран тутун и семе за тутун, како и центар на тутунската наука, со пошироко значење во светот. Музејот е само валоризација на таа улога на Прилеп во светот на тутунот.
За музеологијата овој Музеј е ново проблемско поле, нов начин на работа и „средба“ на модерниот начин на пристап, со крутите методи на музеологијата. Неговите збирки дозволуваат развој на современ туризам на раритети, и „скроени“ посети за секој вид посетители, што е европски тренд. Овој музеј излегува од националните рамки по своето значење и може да претставува интернационална музејска топографија.
![]() |
![]() |
![]() |
| Бурмутница, Кинеска, нефрит | Табакера - Леда и лебедот, Sterling Silver | Шандан за кибрит, Иран |
Промоција на Каталогот на Мјузејот за тутун, Институт за тутун – Прилеп, 2011 год.
Јавна комуникација на Музејот за тутун
Музејот за тутун е, без конкуренција, најприкажуваната музејска збирка во медиумите, во целата држава. За него се снимени и емитувани 38 телевизиски емисии од познати македонски и странски режисери и новинари, реализирани биле повеќе од 630 ТВ интервјуи, 67 написи во медиумите и на веб асетите и бил внесен во најголемите туристички водичи во Европа, како туристичка дестинација.
Вкупно, Музејот за тутун е прикажан околу 1000 пати во Македонија, 22 пати на странска ТВ програма и го има во скоро сите електронски медиуми и бази на податоци. Исто така Музејот за тутун е прикажан на државни телевизии во Франција, Германија, Србија и Австралија.
Музејот за тутун е посетен скоро од целиот дипломатски кор, организирани туристички тури од Израел, Холандија, Норвешка, Турција, Германија, Кина, Јапонија... а најмалку посети имал од граѓани на Македонија.

Катер, Резба во коска од орикс, Алжир

Прес клипин од написи за Музејот за тутун, 1996 – 2016 година
Јавна музејска едукација
Една од најважните делови на мисијата на нашата институција е јавната едукација за културно наследство. Во тој поглед Музејот за тутун е најзастапена музејска институција во медиумите, во целата држава и тоа во мошне долг временски период од 1998 година – до денес.
Исто така Музејот за тутун редовно го посетуваат ученици од сите основни и средни училишта во Прилеп, но и од Македонија.
Посебна едукација за културно наследство е организирана низ „скроено водење“ низ збирките на Музејот, наменето за студиски посети на студенти и експерти од неколку научни области.

Сосир за цигарети, Сребро, филигран, Виена

Дел од уметничката збирка на Музејот за тутун
Историјат на Музејот за тутун
Збирките на Музејот, во најголем дел, потекнуваат од Изложбата по повод Стогодишнината од изградба на Тутунскиот комбинат, односно изградбата на првиот Магацин за тутун во Македонија од страна на Акционерското друштво Régië Conteressée des Tabacs de l’Empere Ottoman во 1873 година, но истиот датум омеѓувал 400 години откако е тутунот за прв пат засаден во Прилеп (во 1573 година).
Во таа прилика организирана е и Ликовна изложба на тема тутун, на која учествувале најеминентните имиња од светот на уметноста во поранешна Југославија, со што Музејот за тутун доби и богата Ликовна збирка, на која и беа придружени и други ликовни и скулптурални дела од Македонија.
Садењето тутун во Прилеп е споменато и во Сиџилот 44 од 1734 година, од кога тутунот е регулиран во сите негови форми.

Чибук, Филигран, килибар и сребро, Истанбул
Табакологија (Tabacologia), Јоханес Неандер, Бременска Република
За сето ова да може да се оствари реализирана е широка соработка на Народниот Музеј во Прилеп, под раководство на директорот д-р Бошко Бабиќ, претпријатието „Југотутун“ од Скопје и Институтот за тутун – Прилеп, со што се остварила дамнешната желба на Прилеп да има репрезентативен Музеј за тутун. Навистина, на неговото отворање присуствувале највисоките претставници на Југословенскиот естаблишмент, па и Јосип Броз – Тито.
Тајната за тоа како може еден мал музеј во провинција да има ваков Музеј, лежи во фактот дека Прилеп има многу пријатели во светот, заради тоа што тука доаѓале многу уметници заради трите меѓународни уметнички симпозиуми, кои нашата институција ги организирала и каде доаѓале уметници од целиот свет. Така, во 1972 година, нашата институција испратила огромен број писма до своите пријатели да бараат експонати за нашиот музеј, приказни кои одат со нив и други податоци во врска со тутунот, на што овие одговориле со одушевување. Со тоа народниот Музеј – Прилеп испратил откупни комисии насекаде – каде имало податоци за вредни експонати, а се случило повеќе пати самите уметници да откупат експонати за нас и лично да ги донесат и подарат за „новиот музеј“, присетувајќи се на младоста – кога биле овде како неафирмирани студенти или уметници.
![]() |
![]() |
| Чибук, Венецијански лав | Чибук, Проклетството на Темне, дрво, дијаманти, Сиера леоне |
![]() |
![]() |
| Табакера, слонова коска, Кина | Табакера, сребро, метали, „Генералска“, Германија |
Пријателството е важно, но уште е поважна моќта! Нашата институција обезбедила соработка со моќни институции од областа на тутунскиот бизнис (Југотутун, Македонија табак, Институт за тутун, Тутунски Комбинат), со многу Источноевропски земји и институции за да ги набави и пренесе експонатите во тогашна Југославија (легално не можело, заради законските ограничувања), со што судбината на овој музеј многу заличила на судбината на тутунот: Ако не може законски, може со шверц и ако не може со пари, може со многу пари.
За жал, во 1979 година Постојаната поставка на Музејот за тутун е затворена, а експонатите биле тесаурирани. Во 1994 година НУ Завод и Музеј – Прилеп, со помош на Институтот за тутун – Прилеп (сега Научен институт за тутун) повторно ја отвори Постојаната поставка на Музејот за тутун во прекрасна сала од 250 М2, во 24 витрини, во зградата на Институтот за старословенска култура, каде и денес се наоѓа.
Од тогаш до сега, збирката е обогатена со повеќе од 1500 експонати од домашните и од европските „пазари од втора рака“, па сега брои над 4500 предмети, а само најзначајните, кои се музејски предмети, со највисок степен на заштита, се изложени. Добивме и подароци, како што се експонатите, кои ги користел Ѓорѓи Цаца.

Чибук „Царски“ и „Апотропејски“, дрво, сребро, Ливно, Босна
Збирки на Музејот за тутун
Музејот за тутун поседува 3 големи збирки:
1. Збирка експонати за уживање тутун, народна манипулација со тутунот, алатки за изработка на експонати за уживање тутун и пирогени (Културно наследство од особено значење, поткатегорија исклучително значење).
2. Збирка каширани фотографии, уметнички дела и стари книги.
3. Индустриска збирка, рекламирање и финални производи од тутун
Делови од тие збирки се изложени за да ја создадат:
Постојаната поставка на Музејот за тутун – Прилеп
Ова е комуникациски приспособени дел на Музејот за тутун, кој изложува експонати од сите три збирки, а уметноста и кашираните фотографии, заедно со збирка на тутуни, се изложени во Поставка на уметнички дела и каширани фотографии во зградата на Научниот институт за тутун.
Сала на постојаната поставка на Музејот за тутун – Прилеп, Зграда на Институт за старословенска култура, во кругот на Научен Институт за Тутун.
Во салата на Постојаната поставка се изложени 1120 дела, од кои 906 се музејски материјал од највисок степен и 214 се материјал со понизок степен на значење, но тоа не значи дека се помалку интересни.
Постојана поставка содржи:
1. Експонати за уживање тутун: Лули и делови од лули, чилами, водни лули, лули за дроги, наргили, чибуци, пепелници, дозни за чување тутун, табакери, кутии за тутун, порт цигари, камиши, шандани, сосири, направи за служење и подавање цигарети, алатки за глинени лули, алатки за камиши, алатки за обработка, пеглање и пакување тутун, лиценцни табли и ознаки, бурмутници, потсекувачи, рол – машини и формирачи, машини за бурмут, за цигарети и тутун за лула, алат за поправка на лули, луцерни, порт футроли за цигари, кеси за тутун, лули за синтетички дроги, табакон лули, пирогени, кибрити, добернерови ламби, запалки.
![]() |
![]() |
| Чибуци, Мојата жена и баба, слонова и морѓова коска, Холандија | Табакера, Стерлинг силвер, аплициран емајл |
2. Ликовни дела во сите можни техники, макети, скулптури, оригинални графики, стари книги поврзани со тутунот, оригинални фотографии, фотонегативи и огромна Збирка каширани фотографии (фото – зголемени и припремени за изложување).
![]() |
![]() |
| Графика, боена, Базарот во Лариса, XVII век | Графика, Китоловците, Канада, XIX век |

Катер, коска од носорог, Мексико
3. Финални индустриски производи од тутун, цигарети, цигари, панатели, корони, маријачи, цигарило, атрапи, филтри, хартии за машинско ролање, постери, бланкети, бандероли, трговски пакувања тутун, тутуни за малопродажба, рекламни табли, порт – табли, означувачи, значки, панкала, шандани, послужувачи и порт цигарети, биди, чурути, кибрити и индустриски пирогени, запалки, машини од тутунопроизводството, картони за откуп, документација за откуп, оригинални објави на закони, казни, ограничувања, јавно информирање, упатства и други публикации за одгледување и култивирање тутун, семиња за садење, примероци од нумерација на тутуни и многу други видови документи – поврзани со тутунот, плакети, награди, експериментални цигарети, трофеи, споменици, книги и други меморијали, материјали за изработка на експонати и, а исто така содржи и специфични средства за рекламирање на тутунски производи, како рекламни свили и сликички, подароци за купувачи на цигарети, рекламна цигаретна хартија, цигарети и ретки и јубилејни примероци на цигарети и сл.

Наши Колекции цигарети од домашно производство (Македонија)

Индустриски експонати од Музејот за тутун
4. Експонати од областа на народното производство на тутун (тутунопроизводство) и од интензивното и научното одгледување и заштита на тутунот: колчиња, кошеви и други предмети за пренос на тутунот, алатки за прашење, запрашување, окопување, заштита од штетници и печатени упатства за таа намена, хемиски и природни средства за контрола на штетници, обележување парцели, алатки за носење вода на нива и полевање на тутунот, прибор за нижење, сушење на тутунот, пеглање, пресување и/или пакување, опаковки тутун за предавање на тутунот, ознаки на класи и други упатства за пакување, чување, манипулација на тутунот, примери на колекции листови тутун за едукација, јубилејни пакувања тутун во домашна манипулација, алатки од процесот на манипулација и чување на семиња за тутун, индустриски брендирани пакувања семиња и сл.
![]() |
![]() |
![]() |
| Кремен камен | Огнило, железо, Белград | Трат (печурка) |
5. Литература и имиџи од било која област, каде тутунот е инспирација, тема или колатерала, односно од сите области на феноменологијата на тутунот.

Посетители во Постојаната поставка. Музејот е дел од дипломатската топографија на Македонија.
Материјали од кои се изработени експонатите
Секакви видови скапоцено дрво (пегав палисандер, јавор ребраш, тика, балса, вреж, африканско црно дрво (Dalbergia melanoxylon), сандаловина, „розова слонова коска“ (Berchemia zeyheri), амарант (Peltogyne spp.), дрво на животот (Guaiacum officinale and G. sanctum), бокота (Cordia spp.), јавански палисандер (Dalbergia latifolia), акација, махагон, темен јавор, вилински јавор и др), метали (бакар, месинг, електрон, челик, гус, отпадно железо, фолија) и најразлични легури на метали, мершам, килибар, порцелан, штајнгут, платно, конци, сребро, злато, драги и полудраги камења, гипс, каолин, сребро, ниело паста, глина, печурки, царевка, опсидијан, гумиарабика, китова амбра, желкин оклоп, слонова коска, коска од носорог, орикс, морж, морски лав, седефна и абалон школка, минерали, драги и полудраги камења.
Чибук, филигран и лиење, сребро, Германија
Место на изработка
Богатството на мотиви, сижеи и орнаменти, како неизоставен дел од истражувањата и презентацијата на експонатите и предметите на Музејот за тутун, е редовно поврзано со епохата, стилот, меинстримот и вкусовите на луѓето низ вековите. Се разбира, тие ги следат владеачките стилови на времето.
Овие предмети се изработени низ цел свет, од Кина, па до Шпанија. Познати се експонатите изработени во мануфактурите во Тула, Санк Петербург, Р’занско, Љублин, Солвичегодск, Иркутск (Иван Бухин, Bredenberg, Чевикалов, Салтиков, Кладујков) во Русија; во француската „Крунисана ружа“, во Германија во Франкфурт, Ханау (Wolf & Knell, „Луфт едн Ханс“,), Magdeburg, Darmstadt, Nurnberg, Dillingen, Диселдорф, Ерфурт, во неколку работилници во Англија под брендот Стерлинг Силвер, Белгија (Антверпен, Бриџ), Данска (Копенхаген, Виборг), Италија (Болоња, Рим, Палермо, Аквила), Холандија (Амстердам, Хаг, Утрехт, Alkmaar), или на планината Куанглун во Кина.
![]() |
![]() |
| Табакера, седеф, злато, метал, Париз | Табакера, сребро, злато, опал, Тула (Константин Кладујков) |
Старост
Повеќето експонати потекнуваат од XIX и XX век, но имаме и со старост од XVII век, додека некои од нив се многу постари, но не се поврзани со употребата на тутунот, туку со пушењето халуциногени печурки, марихуана, хашиш, опиум и други треви, кои се користат од медицински, хедонистички или воени побуди. Такви се лулите за пушење отровни печурки, со високо халуциногено дејство, кои се пушеле во Римско време, како и чиламите за пушење дроги, кои биле неизоставен дел од војничката опрема (подоцна користени и за тутун, откако пристигнал од Америка).

Чибук, слонова коска, метал, Индокина, XIX век
Како и да е, експонатите за уживање тутун својот пат го започнувале во XVII век, а пак пирогените ги има и порано, но од 1831 година нив им се придружуваат и кибритите, а од 1929 и џебните запалки. Ние ги имаме сите тие и тоа од најстарите, како што се „Германските пиромагнетични кибрити“ и „Конгрејв кибритите“, па до најновите „тематски“ запалки.
![]() |
![]() |
![]() |
| Катер и запалка, Hullstrun, 1897 г. | Лула, Ел Падрон, мершам, сребро, метал, Кордоба | Лула, Надвојвотка Ана,порцелан, амарант, метал, Мајсен |
Постојат и многу постари експонати од оние за тутун, кои служеле за нешто друго, но кога пристигнало неговото величествоо тутунот, тие си ја мениле намената. Такви се женските етуиа за пудер и шминки, кои станале бурмутници во времето и по наредба на Катарина II Медичи – регентката во име на својот малолетен син Карло (Sharles) на Францускиот двор. Таа радоста на тутунот ја запознала преку Жан Никот, кој и донел бурмут, за да се излечи од главоболка, па наредила сите дами да го исфрлат пудерот и шминката од своите етуија и во нив да стават бурмут, како „влезница“ за нејзините балови и приеми. Уште и наредила тутунот да се нарече Le herbe du Caterinae, но историјата неа ја запаметила по крволочноста, а Жан Никот по тутунот (И тутунот за пушење се нарекува Nicotiana).
Исто така и морнаричките етуи за ситници станале кутија за „дневен одгризок“, односно за дневното следување за тутун за џвакање. Такви морнарски етуија имаме повеќе, но едно од нив патувало во 1494 година на истиот брод со Колумбо, заедно со својот сопственик еден од двајцата браќа Пинзон – морнари во флотата. Кога го откриле тутунот (уште на првото патување 1493 или 93 – та), морнарите „се навлекле“ мошне бргу и на џвакање и на шмркање и на пушење тутун. Сепак, на бродовите не смее да се пуши, па морнарите во своите етуија веќе го чуваат својот „морнарски отсечок“ или „дневен загриз“ тутун.
Колумбо, барајќи исклучиво злато, не видел дека тутунот е вистинското злато, од кое најмногу се заработува.

Етуи, морнарско, браќа Пинзон, Севиља, пред 1494 г.
Техники
Луларско - Чибукарските техники опфаќаат повеќе видови дрводелски техники (рачно обликување и ровашење, токарење, термо обработка и искривување со влага, калапи и по хемиски пат, тореутика и сл.); металуршки и метало – занаетчиски техники како лиење во песочни калапи, ковање, цизелилрање, ровашење, калаисување, клоазонирање, гравирање, исчукување, штанц и машински штанц; златарски техники како филилгран и машински филигран, гранулација, рачно и машинско полирање, гравирање, глодање, лемење, ниело паста, било во шамплеве или сават, интарзија, инкрустрација, „ливањски вез“ и сл., емајлирање од сите видови; боење и менување на природна боја со повеќе техники; техники на ладно и топло обликување во коска и копито од барељеф до длабење во коска и скулптурирање; техники во килибар; теракотни, порцелански и техники на каменина, калапење и многу друго.

Чибук, килибар, сребро, гранулација, Русија, XIX век
Тука се и техниките за поправка на чибуци и лули, менување камиши, за што имаме колекција алатки и описи на техники, како и народни техники за производство на експонати за дробење и сечење тутун, правење бурмут и заролување цигарети и цигари.
Индустриските, полуиндустриските и манифактурните техники се застапени кај голем дел експонати, кои се изработувани после средината на XIX век. Тие техники се од доменот на прецизна механика, лиење метални делови и рачно составување, производство на сечила за тутун, ризла, палмови лисја или за полнење хилзни.
![]() |
![]() |
| Бакропис, „Двајцата намуртенковци“ (Die Shmolengen), C.Hubner, Трст, XVIII век | Графика, длабок печат, „Слепите политичари“, Андриоли/Регулски |
Феноменологија на тутунот – одразено во експонатите
Тутунот е феномен на апсурдот! Ќе најдете држави, каде нема основни пишани регулативи за човековите права, но нема да најдете држава или територија, каде тутунот не е законски регулиран во сите негови форми од производство, дистрибуција и заштита, па до трговија, употреба и забрани. Тој ги обединува двата пола – географски и родово, сите раси, етноси, религии, континенти...
Тутунот е луксуз, па токму заради тоа и експонатите за уживање тутун влегуваат во таа референтна рамка. Добро е познато дека луксузот и човековата глупавост одат „рака под рака“ и нормално е дека и тутунот – како луксузен производ е поврзан со човековата глупавост, за што сведочат голем број наши експонати, како „ловечките лули“, „лулата од Лондон со приказна од Австралија“, „лули за заштита од препушување опиум“, „германскиот молитвеник – табакера од Скопје“, табакерата со шминка, огледало и кармин и сл.
![]() |
![]() |
| Лула, Султанска, Кримска, Балаклава, Крим | Лула, Атаман,сандаловина и метал, Лублин |
Токму е тоа причината што Музејот за тутун е феноменолошки музеј, иако вредни експонати не му фалат, а со тоа ние – преку експонатите пробуваме да го доловиме човекот со своите смешни потреби, желбата за истакнување и користење на секоја прилика за тоа, човековата неискреност и перфидност, како и инструментализацијата на тутунот во научни, политички, воени, љубовни и други цели. Експонатите како „шпиунските тутуни и цигарети“ ни ја раскажуваат таа приказна, како трговците со тутун и цигари биле легла на шпиони и секоја држава развивала такви брендови, за да ја сокрие својата шпионска активност и припреми за војна.
Тутунот не е обична индустриска култура, затоа што создава културна сфера околу себе и преминува во доменот на стилот, хедонизмот, вкусот, начинот на живот. Затоа е речено:
„Лулето и часовникот се два најважни пронајдоци за времето:
едниот го мери, другиот го крати“.
На многумина би им било нелогишно дека Музејот за тутун може да говори за човековиот дух и хир, но не мора да се оди понатаму, туку само да се констатира дека потребата за пушење, џвакање или шмркање тутун е далеку надмината во големината, формата, материјалите и техниките на изработка на опремата за тоа, со јасна намера овие предмети да се ослобод од прерогативот на скромноста, еднаквоста пред Бога и практичноста. Со тоа, овие предмети веќе преминале од предмети за секојдневна употреба и/или за уживање тутун, во полето на применетата уметност, убавиот дизајн, феноменологијата, семантиката... За нив говориме како знаци, а не како за обични предмети, со што човековите желби и мотиви стануваат подложни на разумот.
![]() |
![]() |
| Лула, Јасновидец од Варна, Амбра, слонова и коска од носорог, Измир | Бурмутница, лаково дрво, Русија XIX век |
Поинаку не би можеле да објасниме заради што некој би пушел лула долга 2 метри, тешка три килограми. Тоа не би го сфатиле, ако не ја споредиме со пушењето наргила. Значи, тие лули се пандани на наргилите, или „западен одговор“ на исламскиот хедонизам. Како да се разбере постоењето на „воени лули“, „свечана лула“, „јубилејна лула“, или „студентска лула“, кои се потполно одделени во свеста на еден граѓанин во Австро – Унгарија, ако не ја знаеме историјата на истите, ако го немаме податокот дека студентите, барем до 1848 година, се бунеле против властите пушејќи ги тие студентски лули на јавно место, што било забрането за жени и за студенти? Навистина, војниците, кои пушеле од тие воени лули, на плоштадот во Виена, пукале на своите врсници - студенти, затоа што овие ги запалиле своите студентски лули.

Чибук, филигран и гранулација, сребро, килибар, Египет
Тутунот својата кариера ја започнал апсурдно, како украсно растение (има тутуни од видот vulgaris со прекрасни цветови), потоа како растение – раритет (за покажување на растенијата пред гостите, кои треба да бидат засенети и воодушевени), за што поседуваме голем број стари цртежи на тутуни, а потоа, кутриот, станал и Herbae Medicus (лековита трева) и со него лечеле секакви болести, од жулови на нозете, па до лудило и главоболка. Славата на тутунот дошол до таму да го нарекуваат Herb de tous les maux (трева за сите болести).
![]() |
![]() |
| Тутункутија, сребро, ниело, Гордон од Прага | Чибук, бидермаер, шеговит, мершам, амбра, слонова коска |
После големата слава следела прохибиција на тутунот и секој владетел сакал да воведе посилно ограничување на тутунот од другиот владар, но, се разбира, сите тие владари ја изгубиле битката со тутунот, затоа што не можеш да забраниш нешто што народот го засакал, но има и повеќе: етничките и верски групи сакале да се разликуваат и преку различните експонати, па така имаме „европски“ чибуци со претстава на човечки ликови – што е забрането во исламскиот свет и „исламски“ чибуци со широки крушковидни муштикли, кои не се ставаат во устата, туку само се прилепуваат до усната. Едните ги нервирале другите со „антропоморфните чибуци, а другите пак ги исмевале првите, затоа што го ставале чибукот во устата (сексуална конотација).
![]() |
![]() |
| Бурмутница, Инро, желкина кора, XIX век, Јапонија | Бурмутница, желкина кора, Иркутск, Русија XVIII век |
Дури и најголемите човекови невољи се претставувани низ овие експонати за уживање тутун. Такви се лулите од Холандија наречени „мојата жена и мојата баба", кој ги направил еден златар, кој бил постојано малтретиран од сопругата и од нејзината мајка. И еден ден тој ги изработил главите, на својата жена и својата баба кои, со склопување на елементите, се претвораат во лули, па тој можел да пуши од нивнита глави. Сепак, кога го фатиле дека тоа го прави, не си поминал убаво.

Лула - Ложиште, војничка, порцелан, месинг, Австро – Унгарија
Но, уште поголема невоља е кога ќе ве обесат. Такви невољи имале Сер Волтер Рајли и Валентин Кемпбел, па и двајцата ја испушиле последната лула под бесилка. Одтогаш и потекнува „последната желба“ пред смрт, односно последна цигарета пред стрелање. Ние ја имаме лулата од овој вториот, а од Рајли само лула од неговиот „Прв пушачки клуб на светот“, заради кој и го загубил животот. Од овие приказни има последици: Денес, ако некој ви рече да испушите Рајлилева цигара или да водите Рајлиев разговор, тоа значи дека ве сменуваат од позиција или функција, ве бркаат од партија, или ве бркаат од работа. Тоа е лош муабет за вашата кариера. За разлика од „рајлиевиот муабет“, „кемпбеловиот муабет“ е уште полош. При таков муабет ви раскинува девојка, жената бара развод или друштво на пријатели се растура и се раскарува. Валентајн Кембел бил обесен во име на љубовта, па кога згаснува љубовта или пријателството тоа е последица на „Кемпбеловиот чад“. Да ги немавме овие лули, немаше да ги раскажеме овие приказни.
Лула, Новозеландска, слонова и коска од носорог, амбра, мершам, Лондон, XVIII век

Луле за печурки, метал, Мариово, Римско време
Тутунот и животот во минатото, во нашиот Музеј се раскажани и преку ретките графики од XVII до XX век, на кои се гледа и модата на употреба на тутунот и облеката, навиките... Секоја од нив раскажува интересна приказна за едно време, за нстани и за човечки мотиви, кои воопшто не се смениле до сега.
Како и да е, ние имаме експонати за секој историски период, кој го раскажуваме низ тие приказни, а „Приказната е основен критериум за еден експонат да се најде во музејот за тутун ".

Откуп на тутун во бали, масло на платно, Прилеп, Нино Славин, 1936 год.
Посети на Постојаната поставка
Постојаната поставка е сместена во сала од 250 М2, во 24 витрини, а другите експонати се во депоата и во просторија во Научен Институт за Тутун и Музејот пред епидемијата со Ковид 19 и политичките настани во Македонија пред 2017 година, беше мошне посетувана.
Најголем број посетители досега биле од Израел и од Холандија, па потоа од Германија, Србија, турција, Бугарија. Секако, посети сме имале скоро од сите земји на светот.
![]() |
![]() |
![]() |
| Табакера, сребро, злато, опал, Диселдорф | Бурмутница, горски кристал,Чешка | Лула за печурки, Мариово, I век |
НУ Завод и Музеј
Етнокинезија 

































