Меморијалниот музеј „Кузман Јосифоски - Питу” се наоѓа на улица „Мара Јосифоска” број 20 во Прилеп. Во куќата се родени: Народниот херој Кузман Јосифоски-Питу, загинатата сестра Мара и првоборците носители на “Партизанска споменица 1941”, неговиот брат Аспарух и сестра Стефанка.

Меморијален музеј „Кузман Јосифоски-Питу“

Кузман Јосифоски-Питу (1915-1944)
Овој објект, за споменик на културата е прогласена во 1971 година.
По извршената темелна реконструкција на куќата која е изградена кон крајот на XIX век, како Меморијален музеј „Кузман Јосифоски-Питу” е отворена на 11 Октомври 1977 година. До 1979 година овој Меморијален музеј е под надлежност на Самоуправната интересна заедница на култура на општина Прилеп, а со Одлука на Собранието на СИЗ од 8.10.1979 година, истиот е припоен кон тогашниот Народен музеј - Прилеп.
Автор на изложбената и музејска концепција е борецот Коце Солунски, а главен консултант бил братот на Кузман, Аспарух Јосифоски.
Музејската историска и етнолошка поставка е сместена во три простории на 60 м2, во кои се прикажани детството и револуционерната дејност на Кузман Јосифоски-Питу.
Во спалната соба, покрај железниот кревет на Кузман и миндерлак излложени се повеќе предмети од секојдневниот живот на семејството. Тука е матурското табло од Битолската гимназија, портретот на омилениот писател на Кузман, Максим Горки, ѕиден часовник, масичка со столици, а во долапите послужавници и семејни фотографии.

Спална соба – дел од ентериерот
Во кујната се изложени кујнски и други предмети кои ги употребувале во тоа време. Во и околу огништето се наоѓаат: котле на пирустија, бакарни тепсии и тави, саанови, ѓумови и друго. Тука се наоѓа и мангал за затоплување на просторијата.
Во гостинската соба е изложена историската поставка од фотографии од неговото детство, од ученичките денови во основното училиште во Прилеп и Битолската гимназија, како и од времето додека студирал во Белград, писма со историска содржина, преписки со ПК на КПЈ, подоцна ЦК на КПМ и преписки со месни партиски раководства, напредна литература што ја читал во свое време и други експонати.
Во посебни витрини се сместени Указот за прогласување на Кузман Јосифоски-Питу за Народен херој бр. 290 од 29 јули 1945 година и неговите: фото апарат „Кодак”, шаховска табла со фигури, одликувања и друго.

Гостинска соба - дел од ентериерот и поставката
Во мусандрата, која е интегрален дел на оваа просторија е сместена касела со алишта, изработена 1904 година, сопственост на Лефта, мајката на Кузман.
Со содржината на музејско историскиот материјал, обработен и презентиран пред јавноста, како и со својот воспитно културно-образовен карактер, се влијае врз посетителите, особено кај помладата генерација за чување и негување на нашето историско минато и големиот влог на еден од најсветлите ликови од македонската историја, Народниот херој, Кузман Јосифоски - Питу, кој го постигна највозвишеното човечко достоинство, односно, револуционерната работа да му биде задоволство, а не обврска и да го даде својот живот за слободата на својата татковина.

НУ Завод и Музеј
Етнокинезија 