Библиотечната дејност во Народниот Музеј - Прилеп започнува од 01.04.1958 година со вработување на првиот библиотекар. Библиотеката по пат на размена, претплата и подарок до јули 1980 година создава библиотечен фонд од над 16 илјади публикации и од околу 7 илјади публикации за меѓубиблиотечна размена. Но во јули 1980 година, целокупниот библиотечен фонд на библиотеката и библиотекарот од Народниот Музеј - Прилеп преминуваат во новоформираниот Институт за истражување на старословенската култура. Во тој период во Народниот Музеј - Прилеп доаѓа до прекин на библиотечната дејност. Од јануари 1981 година со враќање на библиотекарот во Народниот Музеј - Прилеп, библиотеката продолжува со работа, но од почеток го создава библиотечниот фонд бидејќи целокупниот библиотечен фонд останува во Институтот за истражување на старословенската култура.

Од 01.07.1981 година со промена на името во Завод за заштита на спомениците на културата, природните реткости и Музеј-Прилеп, библиотеката работи како Специјална библиотека, а од 2004 година со Законот за библиотеки, библиотеката го добива своето денешно име Специјализирана библиотека. Нејзината основна задача е преку набавување на библиотечен материјал од областа на археологијата, нумизматиката, етнологијата, историјата, историјата на уметноста, архитектурата, конзервацијата и друг материјал, да создава фонд на публикации со цел да ја помага стручно техничката и научно истражувачката работа во установата. Библиотеката е од затворен тип и е ограничена за одредена корисничка група, зависно од целната група корисници.

 


Специјализирана библиотека

Библиотечниот фонд се состои од монографски и периодични изданија на домашна и странска литература, општи информативни публикации - енциклопедии, лексикони, речници, библиографии, прирачници, водичи, каталози и сл. Нашата стручна литература ја користат и студенти, студенти на постдипломски студии, се користи и за подготовка на докторати и од други физички и правни лица со кои соработува установата. Специјализираната библиотека денес располага со библиотечен фонд од околу 5 200 публикации.

Секоја година библиотеката го зголемува библиотечниот фонд со купување, размена со сродни институции од земјата и странство, подароци, завештанија, како и преку отстапување и преземање од други правни и физички лица. Во збогатувањето на библиотечниот фонд учествува и Министерството за култура на Република Северна Македонија со финансирање на проектот: „Набавка на домашни и странски публикации“ со Годишната програма за работа од областа на библиотечната дејност.

Специјализираната библиотеката поддржана со современата информациска и комуникациска технологија успешно функционира и на тој начин обезбедува услови за дијалог и соработка како најдобра основа за развој. Во оваа насока, во мај 2018 година, склучен е Договор помеѓу НУ Национална и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“, Центар ВБМ - Скопје и НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј - Прилеп, за имплементација на системот COBISS во Македонија, склучен помеѓу Националниот COBISS-центар и Институтот за информациски науки - Марибор, Словенија и интересот за соработка во рамките на библиотечно-информацискиот систем Cobiss.mk и мрежата Cobiss.net. Со потпишување на овој договор Специјализираната библиотеката на НУ Завод и Музеј - Прилеп добива статус на полноправна членка во системот Cobiss.mk и со тоа можност за активно учество во системот на заемна каталогизација Cobiss.mk или само за користење на базата на податоци Cobib.mk, користење на програмската поддршка Cobiss за автоматизација на библиотечните функции и користење на услугите на Националниот Cobiss-центар. COBISS (кооперативен онлајн библиографски систем и сервиси) е модел на систем кој претставува платформа на националните библиотечно - информациски системи во Словенија, Србија, Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Бугарија и Албанија и Косово. Сите наведени системи се поврзани во регионална мрежа Cobiss.net.

Библиотекарите на Специјализираната библиотека, следејќи ја современа информациска и комуникациска технологија, обучени за работа во базата на податоци Cobib.mk, го внесуваат постоечниот библиотечниот фонд на Специјализираната библиотека во базата на податоци Cobib.mk.

 

Со завештание, Д-р Бошко Бабиќ на библиотеката и остави легат од 740 библиографски публикации. Целокупниот фонд од неговиот легат ќе биде внесен во базата на податоци Cobib.mk и ќе носи своја интерна ознака „ЛББ“.

 

Библиотечно катче ,,Од Блаже Конески за Блаже Конески“

Во склоп на Специјализираната библиотека на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј-Прилеп од 2021 година (година во чест на 100 годишнината на Блаже Конески) е отворено катче: ,,Од Блаже Конески за Блаже Конески“. Целокупниот фонд ќе биде внесен во базата на податоци Cobib.mk и ќе носи своја интерна ознака „БК“ каде ќе се сместуваат сите монографски и периодични изданија кои ни ги поклонуваат: Фондацијата ,,Небрегово“, Институтот за македонски јазик ,,Крсте Петков - Мисирков“, посетителите во родната куќа на Блаже Конески во Небрегово, друштва на писатели на Р.С. Македонија и други.



 Библиотечно катче ,,Од Блаже Конески за Блаже Конески“