Пред формирањето на Народниот музеј - Прилеп, во рамките на Народноослободителниот одбор на Општина Прилеп, во 1948 година е формирано Одделение за историја, како засебно одделение со музејска збирка од која произлегла постојана изложбена поставка на документи, фотографии и уметнички дела со тема од НОВ.
Со формирањето на Народниот музеј во Прилеп, 1955 година, кој во 1981 година прераснува во Завод за заштита на спомениците на културата, природните реткости и Музеј-Прилеп, Одделението за историја влегува во неговите рамки.
Со своите активности, Одделението за историја го опфаќа периодот од најраната историја на средновековен Прилеп, па се до периодот по Втората светска војна, односно, современиот период.
Поинтензивен развој ова Одделение доживува по 1981 година, кога се дели на три реферати: Реферат за Среден век, Реферат за Преродба и Илинденски период и Реферат за периодот меѓу двете светски војни и НОВ.
Последниве години истражувачките активности се прошируваат преку собирање на нови и групирање на веќе собраните податоци за знаменити места, настани, објекти, личности. Странската и домашна литература изобилува со воопштени разно разни описи, записи, приказни кои се рафинираат и се поврзуваат со конкретни историски случувања, настани, споменици и знаменитости. Фондот на сочувани фотографии, лични документи се збогатува со нови и така се дополнува и дооформува културно историскиот мозаик на регионот, кој се стекнува со повисока додадена вредност.
Рефератот за среден век од 1994 година започнува со поинтензивно проучување на историските пишани извори, литература и документи од средновековниот период. Последниве години активностите се насочени кон корелирање на протолкуваните податоци од историските извори со средновековните настани, кои што ни се археолошки потврдени преку реализираните истражувања.
Својот фонд овој Реферат го збогатува со илустративен материјал, турски тапии, факсимили, како и извадоци од турски документи значајни за историјата на Прилеп и прилепско.
Напоредно со претходното и периодот од националната преродба, Илинденскиот период, периодот меѓу двете светски војни, НОВ и повоениот период поинтензивно се проучуваат од 1981 година.
Рекогносцирањата на теренот во Прилеп и прилепско, истражувањата во архивите, Институтот за национална историја, Народната и универзитетска библиотека и други институции, како и добивањето на музејски материјал по пат на поклони и откуп, доведоа до збогатување на историските фондови со архивска граѓа, фотодокументи, оружје и воена опрема, печати, штембили и одликувања, како и формирање на фондови на фотографии од разни периоди на историјата на Прилеп и прилепско.
Врз основа на предходното, реализирани се голем број на проекти од истражувачки карактер, а воедно се реализирани и проекти за презентација на културното наследство на Прилеп и прилепско.
Во рамките на Одделението за историја се истражува и проучува историјата на Прилеп од неговото настанување до денес. Се проучуваат ликовите и делата на голем број прилепчани кои имале значајна улога во историјата на градот и Републиката, луѓе од разни професии кои дале голем придонес во просветата, науката, културата, уметноста и други области. Револуционерите од преродбенскиот, илинденскиот и периодот меѓу двете Светски војни и особено НОБ, се посебна тема на обработка и истражување.
Прилеп е место каде што се одиграле мошне значајни настани во историјата на македонскиот народ. Преку најразлични активности на Одделението за историја се расветлуваат непознаниците за сите овие значајни луѓе и настани, со што се пишува историјата на Прилеп. За дел од историјата на градот во страниците што следуваат.
ПРИЛАПОН, МАРКОВ ГРАД, ПЕРЛИПЕ, ПРИЛЕП, ГРАД ХЕРОЈ И ГРАД РИЗНИЦА НА ИСТОРИСКИ НАСТАНИ, ЛИЧНОСТИ И КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВО
Прилеп во средниот век
Некогаш стратегиски и економски моќниот средновековен град Прилапон, како што го споменува византискиот император Василиј II, а подоцна со право нарекуван и Марков град, денес егзистира како периферија на новиот Прилеп. Но, упатениот посетител го препознава како извонредно складиште на паметници и старини - непишана страна на бурното минато. Вековите минувале, народите се сменувале, а на тоа мало пространство оставале свидетелства за својот живот, својата култура и уметност.
Името на градот Прилеп (Прилапон) било предмет на интерес на повеќе ономастички трудови и за неговото потекло се искажани неколку различни мислења.
Првиот научник што се обидел да го објасни името Прилеп е хрватскиот лингвист и ономастичар, Петар Скок. Тој основата на името Прилеп го доведува во врска со старословенскиот глагол „лепи”, имајќи го предвид тука, пред сe, видот на населбата во која куќите биле ѕидани на тој начин така што се добивал впечаток дека тие биле залепени една до друга.
Во старословенскиот речник на словенечкиот филолог Франц Миклошиќ забележан е апелативот прилѣпъ, но таму е наведено само неговото значење на „фластер“.
И други научници се занимаваат со името на Прилеп, како што се ономастичарите А. Селешев, В. Шмилауер и С. Роспонд. Името на градот Прилеп може да е добиено со топонимизација на географскиот термин „прилеп” од старословенскиот „прилѣпь“ со значење блатно, мочурливо место или место покрај блато.
Кај нас поопстојно објаснување на името Прилеп направил Блаже Конески, односно според него тоа е образувано од личните имиња Прилепа и Прилепка, зачувани во руската антропонимија.
Името на средновековниот град Прилеп било пренесено на населбата што подоцна, во турско време, била изградена на оддалеченост од неколку километри од местото каде првобитно лежел градот. Денес, остатоци од некогашниот средновековен град се наоѓаат на локалитетот Маркови Кули и во приградската населба Варош, која всушност води потекло од прилепскиот подград.

Одбранбена кула од средновековниот град Прилеп
Средновековниот град бил изграден на едно возвишение што доминира над пределот и што кај населбата Варош се спушта стрмно во полето. Тоа возвишение е составено од многу испокршени и измазнети камени грамади со чудесни облици и бои. Таму каде што природата не ги затворила пристапните места, човекот доградил високи ѕидови и масивни кули и на тој начин направил тешко освоива тврдина. На највисоката точка бил издигнат најутврдениот дел од средновековен Прилеп, горниот град. Под тоа орловско седело, на градските тераси и на други површини биле изградени куќи, цркви, како и други објекти.
Најстарите траги од животот на луѓето на просторот на средновековниот Прилеп им припаѓаат на неолитскиот и бронзениот период. На истиот овој простор се пронајдени остатоци од населба од железниот период. Натамошното населување на овие простори може да се следи низ целиот подоцнежен архајски и антички период.
Лутањата на варварските словенски племиња завршиле со населување на племето Брсјаци во плодната рамница Пелагонија. Од VII до IX век Македонија била поприште на војувања меѓу Византија и Бугарското царство за господарење на таа територија, со променливи резултати и со периодични пресврти во корист на еден од ривалите. Тешко е да се тврди дали во тие времиња тврдината Прилеп функционирала. За тоа недостасуваат конкретни материјали од тоа време. Тука всушност, доаѓаме до необично важната проблематика поврзана со почетоците на средновековната тврдина.
Од овој период се двата монолитни камени столбови од тремот на црквата во манастирот „Св. Архангел Михаил” во Варош. На едниот од нив е врежан вториот по старост словенски запис со кирилски букви од 996 година, а се однесува на епископот Андреја. Тој е сосема краток и стереотипен по содржина, но сепак е мошне значаен затоа што сведочи за писмената активност на овие територии уште во најстариот период на словенската писменост.
![]() |
![]() |
| Кирилски натпис од 996 година на мермерен столб од манастирската црква „Св.Архангел Михаил“,Варош, Прилеп | Петроглиф „Слон“, локалитет Маркови Кули |
До почетокот на XI век за Прилеп нема никакви познати податоци од пишани извори. Во византискиот „Сигилионум” на императорот Василиј II (976-1025) од 1018 година, Прилеп првпат се споменува како тврдина Прилапон. Градот и тврдината исто така се споменуваат и во Кратката историја на современикот на цар Самоил, византискиот писател Јован Скилица.
Во текот на XI и раниот XII век преку откриените археолошки наоди може да се следи доселувањето на припадници на несловенски групи во Прилеп од разни делови на Византија, со што настанува мешање на новодојденото население со староседелците. Тоа било причина во текот на XII век да се појават првите зачетоци на византиски Прилеп. Стариот градежен материјал се заменува со нов, а словенските градителски искуства често биле заменувани или дополнувани со искуства на градителите од напредната Византија.
Други пишани податоци за Прилеп и тврдината потекнуваат од времето на византискиот император Алексиј III Ангел (1195-1203), односно името на градот се споменува во неговата повелба од 1199 година, со која им се прошириле правата на венецијанските трговци во Македонија, а со тоа и во Прилеп (Provincia Prilepi et Pelagonia…). Во овој период Прилеп е во состав на феудот на Добромир Хрс.
По распаѓањето на Византиското царство во 1204 година, Прилеп е освоен од бугарскиот цар Калојан (1197-1207), а по неговата смрт како негов господар се појавува македонскиот властелин Стрез, самостоен владател на поголема територија со седиште во Просек. По ненадејната смрт на Стрез во 1214 година, се создала нова ситуација во Македонија. Прилеп како и некои други градови во Западна Македонија биле освоени од деспотот на Епир, Теодор Комнен (1214-1224). Во 1230 година по битката кај Клокотница помеѓу бугарската и епирската војска и по поразот на епирците, Прилеп потпаѓа под бугарска власт до 1241 година. После смртта на царот Иван Асен II (1218-1241), Прилеп повторно бил завземен од епирскиот деспот Михаил Ангел II (1237-1271), сe до 1254 година, кога градот преминал под никејска власт т.е. под возобновената Византиска империја.
Во 1334 година Прилеп потпаѓа под српска власт. За средновековниот Прилеп најмногу податоци има од времето на владеењето на српскиот крал, а подоцна цар Душан (1331-1355). Значајни извори во тој поглед претставуваат трите Душанови повелби – грамоти, дадени на манастирот Трескавец. Од нив се дознава дека Прилеп во тоа време бил големо и важно градско средиште и дека цар Душан тука имал свој дворец.
Во 1350 година, како Душанов жупан во градот Прилеп се споменува името на властелинот Волкашин, кој подоцна во 1360 година од страна на цар Урош добива титула деспот. По битката кај Марица во 1371 година против турците, загинува Волкашин. Него го наследува неговиот син Марко, легендарен јунак за кого за жал, има скудни податоци. Се знае дека Марко бил турски вазал кој учествувал во битката на Ровине против влашкиот војвода Јован Мирче во 1395 година, каде што и загинува.
Пред тоа, во 1385 година за време на султанот Мурат I (1362-1389) Прилеп потпаѓа под турска власт. Со смртта на Крали Марко завршува средновековната историја на Прилеп.

Фреска портрет на Крал Марко на влезот од манастирската црква
„Св.Архангел Михаил“ – Варош, Прилеп
![]() |
![]() |
| Монети ковани во средновековен Прилеп | Средновековен Прилеп според Александар Дероко |
Прилеп за време на Отоманската империја, Преродбенскиот и Илинденскиот период
Турското присуство во Македонија, а со тоа и во Прилеп, во траење нешто повеќе од пет векови, оставило траги кои што и денес сведочат за тој период. Има малку познати податоци за Прилеп од XV-XVI век. За првите години од турската власт дознаваме од некои документи од Цариградскиот архив. Од турските пописни дефтери може да се согледа големината и структурата на тогашниот Прилеп. Така, според податоците од „Тапу тахрир дефтер” бр. 4 од 1467/68 година кога е извршен попис на домаќинствата во прилепската нахија, градот броел 438 домаќинства и бил поделен на 22 маала. Во градот живееле 2 075 христијани и 105 муслимани. Од профаната муслиманска архитектура од ова време сочуван е ѕидот на Куршумли Ан од XV век, срушен во 1955 година, дел од истиот, се наоѓа во центарот на градот.
Македонскиот народ за целиот период на турското владеење давал отпор поради грубите национални и верски понижувања од страна на поробувачите на разни начини, преку ајдутство или дигање на буни и востанија. Во средината на XVI век, во 1564/65 година е дигната познатата Прилепско - мариовска буна. Во неа учествувале повеќе од 1000 борци. Но, поради помногубројниот и подобро вооружен турски аскер буната била крваво задушена.
Значајни податоци за Прилеп во XVII век оставиле турските патописци Хаџи Калфа, Евлија Челебија и други. Евлија Челебија во 1668 година споменува дека во градот имало 1000 куќи и 200 дуќани. Поголемиот број од жителите на градот се занимавале со изработка на играчки и ножеви.
Во своето патување низ Прилеп во 1807 година, францускиот конзул Анри Пуквиљ забележал дека градот имал 1000-1100 куќи и дека водел трговија со жито, волна и добиток. Според него Прилепскиот панаѓур бил еден од најголемите во Румелија и траел 25 дена.

Ѕид од Куршумли Ан, XV век
Во средината на XIX век во Прилеп доаѓа до брз развој на занаетчиството и трговијата. Со стопанскиот развој се зголемувал и бројот на жителите: во 1836 година Прилеп имал 6-7000 жители, во 1868 година имал 15 - 20 000 жители, а во 1890 година 26 674 жители. Економското зајакнување на градот поволно се одразило врз културниот развој и овозможило напредок на учебното дело. Во 1843 година во Прилеп било отворено првото народно училиште „Св. Кирил и Методиј”. Најголем придонес за развој на просветната дејност имале македонските преродбеници кои биле учители во Прилеп: Димитар Миладинов, Јордан Хаџи Константинов - Џинот, Рајко Жинзифов, Григор Прличев, Кузман Шапкарев, Јосиф Ковачев и други.
Марко Цепенков (1829-1920) е познат преродбеник од Прилеп. Собирал народни песни, приказни, поговорки, верувања, обичаи, басни, соништа и слично, од прилепскиот крај. Неговото дело е печатено во повеќе томови.
![]() |
![]() |
| Марко Цепенков (1829-1920) | Атанас Бадев (1860-1908) |
Во 1865 година во Прилеп било отворено и Првото женско училиште, кое од 1880 година било сместено во новоизградена зграда во дворот на црквата „Св. Благовештение”. Во оваа зграда денес се наоѓа Галеријата на икони на НУ Завод и Музеј. Во 1867 година во градот работело читалиште со библиотека, забавиште за мали деца и неделно училиште за возрасни, а во 1874 година била отворена еден вид на учителска школа. Во 1879 година бил организиран црковен хор раководен од Атанас Бадев (1860-1908), ученик на Николај Римски Корсаков и автор на композицијата „Златоустова литургија”. Во 1887/8 година прикажана е првата театарска претстава во салонот на женското училиште.
Во борбите за национално ослободување на Македонија во втората половина на XIX век, градот Прилеп одиграл значајна улога. Во прилепско во тој период дејствувале неколку чети предводени од Спиро Црне, Диме Чакре, Коне Павлов и други.
![]() |
![]() |
| Ѓорче Петров (1864-1921) | Пере Тошев (1865-1912) |
Од илинденскиот период, крајот на XIX и почетокот на XX век, најистакнати револуционерни дејци од Прилеп биле Ѓорче Петров (1864-1921), Пере Тошев (1865-1912), Петре Ацев (1877-1939), Никола Каранџулов (1876-1904) и други.
Во големата Илинденска епопеја прилепскиот крај претставува значаен револуционерен центар. Во 1903 година на врвот Маргара кај село Чаниште во Мариово, се случила една од најголемите битки помеѓу турскиот аскер и здружените чети предводени од Ѓорче Петров.
Од овој период карактеристично сведоштво претставуваат оружјето, воената опрема и други предмети. Во Одделението за историја има ладно оружје: јатагани, ками и ножеви, сабји и анџари. Од огнено оружје има: кубури, пушки кременарки, каписларки, безмагацински пушки со еден куршум: „берданка”, „мартинка” и „гра”, како и магацински пушки: „манлихера” и „маузер”. Од револверите најзастапени се „гасер” и „нагант“.
Прилеп за време на Балканските војни, Првата светска војна и периодот меѓу двете светски војни
Во текот на Балканските војни (1912 - 1913 година) во прилепскиот регион се водат жестоки борби. По поразот на Турците и нивното протерување од Македонија, Прилеп се нашол во составот на кралството Србија.
Поради близината на Солунскиот фронт, крајот на Првата светска војна (1914-1918 година) Прилеп го дочекал ограбен и економски исцрпен. По нејзиното завршување градот влегува во рамките на Кралството СХС, подоцна наречено Кралство Југославија. Новата држава не ги исполнила очекувањата на населението. Новите господари започнале со поголеми економски, социјални и национални угнетувања. Од друга страна ширењето на идеите на големата Октомвриска социјалистичка револуција во Русија довеле во 1919 година во Прилеп да се формира Комунистичка партија што ќе услови во градот да се појави жива револуционерна активност меѓу двете светски војни. Прилеп во рамките на Кралството Југославија останал до 1941 година.
Прилеп за време на НОВ
Прилеп под фашистичка окупација потпаднал во април 1941 година. На 8 април таа година во градот влегле претходниците на германската фашистичка војска, а на 26 април влегла бугарска војска. Уште од првите денови на окупацијата се појавил општонароден отпор организиран од Комунистичката партија, која го подготвила и Првиот партизански одред. Како разултат на тоа, со првиот истрел на 11 Октомври 1941 година при нападот на Участакот отпочнало востанието на македонскиот народ за ослободување од фашистичкиот окупатор.
![]() |
![]() |
| Душко Наумоски (1921-1961) | Мирче Ацев (1915-1943) |
![]() |
![]() |
| Борка Талески (1921-1942) | Мице Козар (1910-1942) и Трајко Бошкоски-Тарцан (1918-1943) |
Во текот на НОВ во многу куќи во градот борците имале свои скривници, работилници за изработка на оружје и санитетски материјал. Во Прилеп за цело време на НОВ делувала и раководела партиската организација, а исто така се чувствувало силно влијание на СКОЈ (Сојуз на Комунистичка Омладина на Југославија), Народна помош и Антифашистички фронт на жените (АФЖ). Илегалната партиска техника која била организирана уште пред војната постоела и за време на окупацијата и издавала летоци, Билтен, Радиобилтен, а подоцна и весникот „Народен глас”. По неколкугодишна антифашистичка борба и по капитулацијата на Бугарија, Прилеп бил ослободен на 9 Септември 1944 година, а конечното ослободување е на 3 Ноември истата година.
Во текот на НОВ од Прилеп и прилепско од 8000 учесници, активни борци со оружје во рака биле 2700 борци. Од нив 650 се загинати, 15 прогласени за Народни херои (10 загинати во НОВ) и 154 носители на „Партизанска споменица 1941”.
Заради се она што градот Прилеп го направил за време на НОВ, со Указ од 7 мај 1975 година од страна на Претседателот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија, Јосип Броз – Тито, го добива орденот „Народен херој”.

Орден „Народен херој“ со Повелба доделени на Прилеп
Одделението за историја од времето на Народноослободителната и Антифашистичка војна 1941-1945 година како музејски материјал поседува: фотографии, документи, оружје, воена опрема и друго.
Прилеп по НОВ
По завршувањето на Народноослободителната и антифашистичка војна, Прилеп во рамките на Социјалистичка Федеративна Република Југославија доживува силен економски и културен подем. Градот од помала и неразвиена градска населба прерасна во индустриски центар, што доведува до негов напредок во сите сфери. Особено значаен е како центар на тутунската индустрија, односно Институтот за тутун основан во 1924 година многу допринесува во развојот на тутунопроизводството во поширокиот регион.
Од 1991 година Прилеп се развива во самостојна Република Македонија и во него денес живеат 69 025 жители (според пописот од 2021 година). Покрај брзиот економски развој, градот достигнува висок стандард на образовен, културен, научен, здравствен и спортски план.
Како образовни установи постојат голем број основни училишта, средни стручни училишни центри и Гимназија. Во 1960 година основана е Виша економска школа, која во 1974 година прераснува во Економски факултет во рамките на Универзитетот „Св.Климент Охридски“ - Битола.
Почнувајќи од 1965 година во Прилеп секоја година се одржуваат театарските игри (денес, театарски фестивал) „Војдан Чернодрински”. Оваа манифестација претставува смотра на најдобрите остварувања на професионалните театри во државата.
Во населеното место Долнени (денес, Општина Долнени) од 1974 година се одржува Меѓународниот фестивал на народни инструменти и песни, кој од 1996 година го носи името “Пеце Атанасоски” според доајенот на македонскиот фолклор.
Секако најзначајна личност од областа на литературата и науката е Блаже Конески, (с. Небрегово, прилепско, 19.12.1921 - Скопје, 1993), академик и прв претседател на МАНУ, професор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” - Скопје, плоден книжевник и лингвист, добитник на голем број награди и признанија, автор на Граматиката и Правописот на современиот македонски јазик, Историјата на македонскиот литературен јазик и уредник на Речникот на македонскиот јазик. Блаже Конески со право го носи епитетот основоположник на современиот македонски литературен јазик.

Блаже Конески (1921-1993)
Одделението за историја врши и педагошко - водичка служба во спомениците на културата и меморијалните музеи кои се тесно поврзани со нејзината дејност, а тоа се: „Паркот на Револуцијата“ со „Алејата на Народните херои“ и „Могилата на Непобедените“, Меморијалниот музеј ,,11 Октомври 1941“ и Меморијалниот музеј ,,Кузман Јосифоски - Питу“.
ПАРК НА РЕВОЛУЦИЈАТА
Омиленото шеталиште и збиралиште на прилепчани, особено на младината во минатото, било Прилепското брдо. Тоа било сведок на многу настани во Прилеп, тука се одржувале состаноци, кружоци, забавни игри со прогресивна тематика. На тоа место, изграден е ,,Паркот на Револуцијата“, парк со име кое во целост одговара на неговата улога и значење за историјата на напредното ослободително движење на Прилеп.
Во годината кога се уредува ,,Паркот“, во 1961 година, во рамките на истиот се подигаат и монументалните споменци: ,,Алеја на Народните херои“ и „Могилата на Непобедените“, а покасно, во 1963 година и Споменикот ,,Жена - борец“, посветен на жената и нејзиното учеството во Народноослободителната војна, од авторот Драган Попоски - Дада.
„Паркот на Револуцијата“ се наоѓа на јужната периферија на Прилеп, хортикултурно уреден со високо растителна борова шума и нискорастителна зимзелена флора.
Од овој простор можеме да ја раскажеме богатата историја на Прилеп од НОВ.
Од тука има убав поглед кон Марковите Кули, Зеленик и Црвени Стени, зборните места на прилепските партизани, кои на 11 Октомври 1941 година извршија напад на градот и го започнаа Народното востание во Македонија против фашистичкиот окупатор.
Од ова место се гледа и Селечка Планина и месноста Бидимаш, каде бил партизанскиот логор на првите партизани, кои излегоа на 12 Септември 1941 година.
Се гледа и планината Мукос, каде се водела борбата на борците од партизанскиот одред ,,Димитар Влахов“ со фашистичките сили на 14 Септември 1942 година, како и селото Дабница, познато по Дабничкиот масакр од 19 Септември 1942 година. Двата настани се длабоко врежани во меморијата на прилепчани, во кои се изгубени голем број животи на борци и луѓе патриоти, но воедно, настани кои директно влиаеја за омасовување на партизанското движење и засилување на борбата за слобода.
Од тука се гледа и Прилепец, познат по борбата кај манастирот Св.Никола на 19 Декември 1942 година, а преку Селечка Планината е областа Мариово, револуционерно жариште со многу настани од поблиското и подалечното минато на Прилеп и прилепско.
Како што може да се заклучи од предходново, од ова место, од ,,Паркот на Револуцијата“, може да се зборува за богатата историја на Прилеп, воедно, место каде се реализира воспитно - образовен процес преку одржување на историски часови.
Вкупната површина на ,,Паркот“ изнесува 67 600 м2
Алеја на Народните херои
На источната страна од влезот во ,,Паркот“ расположена во една природно подигната ниша, се наоѓа ,,Алејата на Народните херои“. На сиви мермерни постаменти, високи околу два метра, наредени во права линија се поставени бронзените бисти на десетте Народни херои од Прилеп и прилепско, загинати во Народната револуција. Текстот на постаментите е краток и содржи: име и презиме, кај некои и прекар, година на раѓање и херојска смрт. Гледајќи од лево на десно, се бронзени спомен-бисти на следните Народни херои: Кире Гаврилоски - Јане (1918 - 1944), Иле Игески - Цветан (1920 - 1944), Орде Чопела (1912 - 1942), Борка Талески (1921 - 1942), Кузман Јосифоски - Питу (1915 - 1944), Мирче Ацев (1915 - 1943), Борка Велески - Левата (1912 - 1942), Рампо Левката (1909 -1942), Лазо Филипоски - Лавски (1918 - 1942) и Круме Волнароски (1909 -1944). Прилеп дал уште пет Народни херои кои ја преживуваат Втората светска војана, тие не се дел од ,,Алејата“, но вредно е да се споменат, а тоа се: Вера Ацева (1919 - 2006), Борко Темелкоски (1919 - 2001), Крсте Црвенкоски (1921 - 2001), Ѓоре Дамески (1922 - 1995) и Атанас Забазноски (1925 - 2013). Самиот факт што тие ја преживеале војната, учествувале во повоената изградба на земјата, извршувајќи разни општествени, политички или други функции.

Алеја на Народните херои
Могила на Непобедените
Во спомен на своите паднати борци во НОВ од 1941 до 1945 година, во 1961 година градот Прилеп во рамките на овој Парк, го подига монументалниот споменик „Могилата на Непобедените”. Автор на истиот е архитектот, уметник, писател, филозоф и професор на Архитектонскиот факултет на Белградскиот универзитет, Богдан Богдановиќ (Белград, 1922 - Виена, 2010), „Могилата“ ја формираат два објекти. Првиот се состои од осум (8) монументалните мермерни скулптури (антички урни, столбови, стилизирани амфори и слично) со повеќекратно симболично значење, после кои се доаѓа до вториот објект, заедничката гробница, односно, криптата.
Урните, се различни по висина, од 2,90 м најниската, до околу 5 м највисоката. Тие се направени од бел прилепски мермер, кој изразува цврстина, трајност и убавина. Истите, го изразуваат учеството на Прилеп и неговиот придонес во Револуцијата преку осум борбени партизански единици, претежно составени од прилепски борци. Разликата во големината и димензиите ја покажуваат нивната развојна линија, односно, прераснувањето од помали во поголеми воени формации.
На најголемата скулптура, стилизиран е вечен пламен, како симбол на постојаната борба и непокорот на македонскиот народ.
Другиот објект, заедничката кружна гробница - криптата, отворена е спрема северната страна, кон мермерните скулптури, односно према самиот град Прилеп. Таа е гробница на сите паднати борци од прилепскиот и во прилепскиот крај. Во внатрешноста, на 35 бели мермерни плочи се впишани имињата и презимињата на 462 загинати борци. Во изворите и литературата за загинатите борци од Прилеп и прилепско стои дека животот го дале околу 650. Во контекст на предходното треба да споменеме дека во повеќе населени места во прилепско, има подигнато спомен - костурници каде се посмртните останки на борци кои погинале за слободата на Македонија, а потекнуваат од тие краеви.
,,Могилата на Непобедените“, како споменик на културата, согласно законската регулатива, ставен е под заштита на државата во 1989 година.

Могила на Непобедените
НУ Завод и Музеј – Прилеп им го врати Споменикот ,,Жртви на фашизмот“ на Дабничани
На иницијатива на НУ Завод и Музеј - Прилеп беше извршена реконструкција на споменикот во бронза на 19 - те жители на село Дабница наречен ,,Жртви на фашизмот“ каде беа застрелани 19 борци на 19 Септември 1942 година. Споменикот е реплика на поранешниот бронзен паметник кој пред 17 години беше вандалски уништен од досега непознати сторители.
Полицијата случајно ги открила бронзените делови на споменикот во прилепските отпади. Деловите во вреќи се депонирани во прилепскиот музеј.
Споменикот е висок околу 2 метри, широк 90 см и е реплика на уништениот од бронза. Споменикот беше дело на академскиот скулптор Димо Тодороски, а авторот на сегашниот споменик Сашо Поповски (академски скулптор) и луѓето од леарницата ,,Панко“ од Скопје направија максимални напори и од деловите на стариот искршен споменик го реконструираа споменикот за да се направи калап за новиот кој е реплика на уништениот споменик.
Во меѓувреме деловите на уништениот бронзен споменик се составуваат и споменикот ќе биде изложен како експонат во Меморијалниот музеј „11 Октомври 1941“ од Прилеп со придружна документација и фотографии како повторно е издигнат.
![]() |
![]() |
НУ Завод и Музеј
Етнокинезија 













