ПЕЛАГОНИЈА И МАРИОВО ВО ПРАИСТОРИЈАТА 

Најраниот период на човековиот развиток претставува каменото време. Според основната поделба тоа се дели на: старо (палеолит), средно (мезолит) и младо камено време (неолит). Каменото време започнува пред приближно 2,5 милиони години, а завршува во V милениум пред нашата ера, кога човекот ја запознава новата суровина - металот. Остатоци од најстариот праисториски период палеолитот, во прилепскиот крај не се откриени, иако постоеле сите услови за живот на човекот и во тој период. Идентичен е случајот и со наредната преодна епоха мезолитот, како и најраниот преткерамички неолит.

Неолитот - младо камено време е најмлад период на каменото доба кој траел од почетокот на VI милениум до крајот на V милениум пред н.е. Во тоа време се востановува седелачкиот начин на живеење, односно се формираат првите постојани населби покрај поголеми водени токови, плодни пасишта и шумски појаси, а земјоделството и сточарството стануваат доминантни стопански дејности. Најстарите траги од животот на човекот во Пелагонија потекнуваат токму од овој праисториски период. Поволните природни услови што ги нуди котлината овозможиле ран развој на првите земјоделски заедници.

Според карактеристиките на движниот археолошки материјал, населбата Пештерица во близина на вештачкото Прилепско езеро е датирана во преминот од ран во среден неолит. Полуземјанките како единствен тип на живеалиште и доминантното присуство на земјени садови со погруба фактура, украсени со барботин и импресо - техника ја поткрепуваат тезата дека Пештерица е најстара неолитска населба воопшто во Македонија.

Во овој временски период се развила регионална културна група Велушина - Породин, таканаречена по двете истоимени населби во битолскиот дел на Пелагонија. Карактеристично за населбите од оваа група е што биле подигани на вештачки возвишенија ''тумби'', додека куќите биле надземни и градени во вообичаената праисториска техника на градење од дрвена граѓа и лепеж. Локалитетот Врбјанска Чука кај село Славеј, е еден од најдобро истражените на просторот на Р.Македонија, особено со новите истражувања од 2016 година кои се во тек.

 

 Со нив се добија многу значајни податоци за стратиграфијата, архитектурата и стопанскиот живот во неолитот, доцната антика и средниот век.


Тоа го овожможи мултидисциплинарниот пристап во истражувањата, коишто освен со елементарните методи и студии на наодите, се проучува и преку археоботаниката, археозоологијата, геомагнетното скенирање, дигитална топографија, геоархеологијата, фотограметријата и 3Д моделирање на артефактите и теренот, дронската ортографија, изотопските, радиокарбон и usewear анализите, како и оние на липидите.

Од движните наоди најзастапена е садовата керамика во повеќе форми и варијанти како и предмети поврзани со духовниот живот, култот и религијата на заедниците кои ги населувале овие простори.


 Сите овие предмети зборуваат за високоразвиен духовен живот на носителите на неолитската културна група Велушина - Породин. Потврда за тоа е и уникатниот култниот објект – жртвеник/амбар пронајден во Градбата 1 на локалитетот Врбјанска Чука.


Тој според начинот на градење и димензиите претставува единствен од овој вид на просторот на Република Македонија, но и пошироко на Балканот. Објектот претставува сложена конструкција составена од поголем четириаголен простор со влез од југоисток, заоблени задни агли и во низа поставени четири помали правоаголни реципиенти, ориентирани во правец на југозапад.

Доцниот неолит - движните археолошки наоди од повеќе наши  локалитети се вклучуваат во внатрешнобалканскиот доцнонеолитски Винчански културен комплекс, за кого се карактеристични садовите со сјајно полирана црна површина украсена со канелирана орнаментика и дршките во форма на рог. За разлика од нив, постарата фаза од населбата Могила кај село Сенокос припаѓала на културите од таканаречената Преодна зона, во која се преплетени влијанијата од Винчанскиот од една и Јадранско медитеранскиот културен круг од друга страна. Во Пелагонија, со припадност на оваа зона е детерминирана културната група Могила - Трн - Али Чаир.

Садовата керамика од времето на доцниот неолит од просторот на Пелагонија и Мариово претежно е со лоша фактура, а многу ретко се среќаваат и керамички фрагменти со убава фактура и сјајно мазнети површини.


Покрај керамиката пронајдени се и голем број на предмети поврзани со духовниот живот, култот и религијата на заедниците кои го населувале просторот на прилепскиот дел на Пелагонија и Мариово.

Енеолит е преоден период од неолитот во ерата на металите и е послабо истражена праисториска епоха. Археолошките истражувања во Пелагонија ја издвоија регионалната средноенеолитска културна група Шуплевец - Бакарно Гумно, таканаречена по двете истоимени населби и се сместува во рамките на поширокиот југоисточен балкански културен комплекс Бубањ - Хум - Салкуца - Криводол.

Во овој временски период населбите биле подигани на природни пониски или повисоки возвишенија, погодни за одбрана или пак лежеле врз постари напуштени неолитски населби - тумби. Објектите за живеење биле надземни, градени од дрвена граѓа и лепеж или од камен, при што биле користени и природните карпи.

Богатството на движен материјал откриен при повеќегодишните систематски археолошки истражувања на локалитетот Трештена Стена кај село Манастир, Мариово, даде можност да се дефинира истоимена регионална доцноенеолитска културна група - Трештена Стена.

Во овој временски период има неколку типови на населби: населби кои се поставени или лежеле врз постари напуштени неолитски населби - тумби, лесно пристапни, рамничарски населби како и населби подигани на природни возвишенија или се сместени на повисоки и потешко пристапни места, со извонредна доминантна положба над пошироката околина кои се забележуваат од поголема далечина и се погодни за одбрана. На локалитетот Маркови Кули – Прилеп евидентирано е живеалиште подкрпа кое е единствено до сега на просторите на Пелагонија, па и пошироко во Македонија.


Во движниот археолошки материјал присутни се карактеристичните облици на керамички садови. Само во I фаза на Бакарно гумно е констатирано присуство на керамички садови со интензивен црн сјај и украсени со графитно сликање, карактеристични за раниот енеолит. Евидентирани се и голем број на движни наоди поврзани со духовниот живот на населението. 

Секако, вреден наод кој овде треба да се спомне е лиената бакарна секира со едно сечиво и отвор за држалка од непознато наоѓалиште, која според предложената класификација припаѓа на типот III/3, а хронолошки се сместува во доцниот енеолит.

Бронзено време - почетокот на бронзеното време на територијата на Македонија може да се поврзе со стабилизацијата на индоевропските групи по нивното продирање и доселување, како и мешањето со автохтоното население. Во текот на раното бронзено време на просторот на Пелагонија се издвојува регионалната културна група Арменохори (Пелагониска) група, која истовремено претставува и продолжување на енеолитскиот развиток, но во сосема нови културно - историски услови.

Средно бронзено време - овој временски период на територијата на Република Македонија го покрива времето од XIX-XVIII век п.н.е., до воспоставување на новите доцнобронзенодобски културни вредности кон почетокот на XIV век п.н.е.  Тоа се смета за недоволно стабилно време пред се заради фактот произлезен од низа климатолошки истражувања, кој зборува дека на самиот почеток на овој период настапила последната голема еколошка криза.

Доцно бронзено време - во овој временски период заедниците во Пелагонија и Мариово воглавно продолжиле и понатаму да ги негуваат традиционалните локални вредности од претходните фази на бронзеното време. Населбите од овој временски период се мали по површина, од градински тип, организирани на доминантни возвишенија, со истакната геостратегиска позиција, вообичаено заштитени со бедем од сувоѕид.

Што се однесува до куќите за живеење во доцното бронзено време, тоа биле широки објекти, ѕидани од непечена тула врз темелна основа од кршени камења. Скромни остатоци од објект за живеење на нашите простори е откриен на локалитетот Ридот кај село Мажучиште.

 

Со мошне специфични архитектонски појави се издвојува локалитетот Мал Сурун (Орлов Камен) кај селото Дупјачани. Сместен е на потешко достапно, доминантно карпесто возвишение. На поголем број на карпи се забележуваат интервенции направени со вдлабувања и делкања. Според првичните анализи, со оглед на тоа што не се констатирани праисториски населбински слоеви, а се откриени неколку специфични појави кои наведуваат на култна намена, постои голема веројатност просторот во праисторијата пред се да бил сакрално користен.

Во пошироките рамки на бронзеното време може да се смести и Тумулот III на локалитетот Три Дабици кај село Крушевица, Мариово кој е со кружна форма и имал калота од нафрлен аморфен камен и од сите страни бил опкружен со ограден ѕид. Во западниот дел од тумулот се наоѓа влез и од него кон неговата внатрешност продолжува тесна патекa која ја опкружува централната камена конструкција која е со кружна форма и во која не беа констатирани никакви траги од извршени погребувања или било какви други дејствија. Ваквиот тип на тумули се сметаат за кенотафи или почесни ритуални тумули, подигнати во чест на починатите родовски првенци или пак култни објекти со посебна намена.  

Времето од крајот на XII – X пред н.е. се определува како преоден период од бронзеното во железното време. Во овој временски период Република Македонија, како и целиот Балкански Полуостров, ја зафaќа бран на немири, поместувања на племињата и уривања, историски процес кој траел неколку векови. Во ова време се јавува употреба на два основни ритуали на погребување, инхумирање и спалување во рамни некрополи или под тумули.

Некрополи со инхумација - со археолошки истражувања евидентирани се три рамни некрополи со инхумирани покојници. Тоа се некрополи со гробови од типот “циста” - оградени, покриени и во некои случаи поплочени со камени плочи. Покојниците биле положувани во згрчена положба.

Локалитет Болница (Учителска школа), Прилеп - во кругот на денешната Болница, а некогашна Учителска школа, во два наврати откриени се и истражени четири гробови. Од гробните прилози пронајдени се: врв од кратко бронзено копје, бронзен меч од типот “Erbenhajm” со додаток на држалката, два керамички садови од типот бокал со една вертикална дршка и бронзена фибула од типот peshiera.

Локалитет Сивец кај село Присад - локалитетот Сивец се наоѓа североисточно од Прилеп во самото подножје на планината Бабуна, на просторот на рудникот за бел мермер. Со експлоатација на мермер случајно откриени се 4 гробови распоредени на различно растојание. Остатоци од покојници се откриени само во два гроба (гроб 2 и 3), додека движни наоди пронајдени се само во гробот 2, и тоа еден меч од бронза, кој припаѓа на типот “Nenzingen“, без додаток на дршката, прстен од бронза, орнаментирана дршка од коска и украсени делови од кружна коскена плочка.


Под кули – Куќата на Мантови, Варош, Прилеп - при изградба на неколку индивидуални станбени згради на улица “Нил Амстронг“ во Варош, Прилеп, откриен е дел од некропола, односно 4 гробови. Гробните прилози претставуваат само керамички садови кои се ставани покрај покојникот, но со погребните обичаи се поврзани и наодите од повеќето керамички садови заедно или поединечно откриени во просторот помеѓу гробовите.

Некрополи со кремација -  во овој временски период хронолошки може да се смести и гробот со урна со остатоци од кремирана жена, откриен во една пештера - процеп на локалитетот Светец (Дуќан) во Варош, Прилеп. Кремирањето било извршено надвор од местото на погребот а керамичкиот сад - урна во кој биле ставени кремираните остатоци поставен е во земја и ограден со неколку помали камења. Ваквиот начин на погребување во природни процепи или пештери се толкува како принесување на човечка жртва на хтонските божества од долниот свет, чии влезови се токму споменатите места, поврзани со култот на плодноста. 


Т.н. Керамичко депо, Варош, Прилеп - при изградба на индивидуална станбена зграда на улица “Борка Лопач“ бр. 3б во Варош, Прилеп, Народниот Музеј од Прилеп во 1968 година извршил археолошки истражувања при што се пронајдени три купови со фрагменти од керамички садови кои лежат директно на здравицата, наредени во права линија и на блиско растојание. Иако на оваа локација не се откриени гробни целини, сепак врз основа на застапените керамички форми што одговараат на функцијата (урна, капаци на урни и садови - гробни прилози за погребна храна), се претпоставува дека во случајот се работи за собрани и дислоцирани остатоци од некропола со спалени покојници.

Во овој временски период погребување се вршело и во тумули. На просторот на Мариово истражени се неколку од нив – Тумулот на локалитет Страгата – тој се наоѓа југоисточно од селото Крушевица и лево од патот Крушевица - Чаниште. 

Во 2001 година беа извршени археолошки истражувања и при тоа откриени 77 гробни конструкции, од кои неколку радијално се распоредени околу еден централен гроб, поставен приближно во средината на тумулот. Сите гробови се од типот на „циста“ и некои од нив за погребување биле користени и во средновековниот период. Од движни наоди пронајдени се бројни фрагменти од керамички садови а во насипот на тумулот и движни наоди од неолитскиот период.

Од тумулите кои можат да се сместат во овој временски период се и: Тумул I на локалитет Попов Нос кој се наоѓа северно од селото Чаниште и на кој во 2016 година беа превземени заштитни археолошки истражувања при што се  констатирани 6 гробни конструкции од типот на циста и една конструкцијата од камени плочи. 

 

Гробни наоди беа пронајдени само во гробот 2 и тоа керамички сад кој се датира во доцното бронзено време. На различна длабочина во насипот на тумулот, покрај гробовите или помеѓу нив, беа откриени повеќе фрагменти од керамички садови. Тие секако биле кршени и расфрлани во времето на погребниот ритуал.

Тумул 1 на локалитет Сламите - се наоѓа западно од селото Вепрчани, има приближно кружна форма и ограден ѕид изграден од покрупен камен, белутрак. Северно од оградниот ѕид се наоѓа помал ѕид кој полукружно се движи околу него. 

 

Тоа е единствениот досега откриен тумул кај нас, околу кој се наоѓаат неколку конструкции од камени плочи и една помала градба.  Со ископувњата констатирани се 9 гробни конструкции, од различни типови од кои 8 се во рамките на тумулот. Од движни наоди претежно застапена е керамиката како и накитот од бронза - игла со глава на клинец (nagelkopfnadeln), фрагменти од дијадема, предмет (вкосница) од бронзена жица, со кружен пресек и рамна глава во форма на широк прстен како и фрагмент од бронзен салталеон.

Тумулот на локалитет Падината - Таламбасица кој се наоѓа југоисточно од селото Крушевица и со археолошките ископувања во 2015 година се констатира дека најстариот негов дел била северната половина, што укажува на фактот дека примарниот тумул всушност бил полутумул. Во северната половина од тумулот, покрај оградниот ѕид се наоѓа поголема конструкција изградена од крупни аморфни и делумно обработени камени блокови, наредени во два реда и ориентирана во правец североисток - југозапад. Таа била симболички гроб, кој бил посветен на некој хероизиран предок, односно најистакнат поединец на заедницата кој загинал некаде далеку и во негова чест е подигнат истиот, а потоа и тумулот.

 

За разлика од претходниот, преоден период, железното време претставува епоха во која се воспоставуваат нови општествени, економски и културни односи. Времето од X до VIII век п.н.е. се означува како рана фаза на железното време. Населбите сега се мали по површина, од градински тип, организирани на доминантни возвишенија со истакната геостратегиска позиција, вообичаено заштитени со бедеми со сувоѕид. Во однос на погребувањето, гробовите се организирани на два начина - како рамни некрополи или под тумули.

На рамни некрополи од оваа фаза припаѓаат гробовите од типот на “циста” и во нив покојниците се погребувани во испружена положба. Вакви гробиви се откриени на локалитетите Попадин Дол во близина на Прилеп и Ракида кај село Тројаци. Од гробните прилози во Попадин Дол пронајдени се: две лачни фибули од бронза - “либурнски“ тип, две спирални бронзени белезици, шест белезици од бронза со отворени краеви, еден прстен од бронза со завршетоци во облик на спирално завиткани наспроти поставени дискови, две мониста од килибар и едно од стаклена паста. Во гробот 2 во Ракида пронајдена е само една оштетена лачна фибула од бронза од “либурнски“ тип, а иста таква е пронајдена и во еден растурен гроб во село Прилепец кај Прилеп.                                                              

Во раната фаза на железното време може да се смести и Тумулот I на локалитетот Барата кај село Чаниште, Мариово. Со археолошките ископувањета во 1994 година констатирани се 10 гробови, од кои 9 гробни конструкции се од типот на „циста“ а додека централниот гроб бил граден од поголеми камења и врз него била насипана могила од земја. Сите гробови се со инхумација, освен гробот 8 кој е со кремација. Осум од гробовите радијално се распоредени околу еден поголем гроб, означен како гроб 9. Во основа, овде се работи за двоен тумул со двојно централно погребување кој припаѓал на т.н. родовско-клановски тип со најстар централен гроб и повеќе подоцнежни погребувања во гробови од типот на “циста”, радијално распоредени околу него.

   Гробните дарови ги сочинуваат цели и фрагментирани керамички садови, прстен од бронза и неколку фрагментирани железни ножеви. Низ насипената земја беа откриени бројни фрагменти од керамички садови, најверојатно кршени и расфрлани во времето на погребниот ритуал.

 

Во текот на развиената фаза на железното време, од VIII до VI век п.н.е. се воспоставуваат стабилни услови, при што расне јасно изразената свест за етноплеменската припадност на популациите кои ги населувале овие простори. На оваа фаза и припаѓаат единечните гробови од типот на циста со покојници погребани во испружена положба, откриени во Варош, Прилеп и на локалитетот Касарни во Прилеп. Од наодите во овие гробови откриени се садови украсени со шрафирани триаголници и наочарести бронзени фибули без осумки меѓу дисковите.

Од непознат локалитет во Прилеп потекнуваат две масивни и раскошни бронзени белезици со вкрстени краеви, кои завршуваат во вид на печат. Овие белезици во литературата се познати како тип “Прилеп”. Истите, како вотивни дарови најверојатно биле поврзани со некое погребување.

Доцноархајскиот период е последна протоисториска развојна етапа, која во Македонија е определена со хронолошки рамки од втората половина на VI до длабоко во V век ст.е. Значајни новини во погребувањето сега е појавата на новиот ритуал со спалување а најголем број од погребувањата и понатаму се извршуваат во рамките на старите железновременски некрополи. Таков е и гробот 8 кој е од типот на циста од тумулот I од локалитетот Барата кај село Чаниште во кој биле положени остатоци од кремирана возрасна личност. Гробот е ориентиран во правец на централниот гроб. Тоа укажува на фактот дека на просторот на Мариово тумуларните обичаи биле мошне долго одржувани, како одраз на конзерватизмот на заедниците кои ги населувале овие простори.

АНТИКА

РАНА АНТИКА

На просторот на котлината Пелагонија, Демирхисарскиот регион и басенот на двете езера, Охридското и Преспанското, во вториот милениум пред нашата ера живеела голема етничка популација Бриги. Некаде кон крајот на овој милениум, Бригите мигрираат во Анадолија (денешна Турција), каде го формираат моќното кралство Фригија. Мал дел од нивните потомци остануваат да живеат во спомнатите области во времето на раната антика (6 - 5 век п.н.е.), по што постепено како посебни етникуми се издвојуваат Пелагонците, Дериопите, Линкестите и Десаретите.

Во Прилепскиот регион евидентирани се голем број на антички археолошки наоѓалишта. Најстарите се датираат во раната антика, следуваат оние од времето на владеењето на Македонските кралеви, додека најбројни се од периодот на Римската империја.

Раноантичкиот период е познат преку истражувањата на некрополите Долиште и Присои кај Прилепец, Калдрма, Варош и комплексот на археолошки наоѓалишта Старо Бонче кај Бонче. Гробовите биле плитки и оградени со исправени плочести камења, а погребувањето било со кремирање. Во гробните прилози преовладува накитот од злато, сребро и бронза, фигурини на божества и разни форми на керамички садови.Гроб, раноантичка некропола

Петочна вода - Старо Бонче, село Бонче 

 

Раноантички златен накит

локалитети Долиште, село Прилепец и Калдрма, Варош 

Едно од најзначајните раноантички археолошки наоѓалишта е монументалната гробница од Македонски тип, единствена во Република Македонија. Сместена на локалитетот Павла чука кај селото Подмол, укажува на тоа дека античкиот град кој бил распослан на соседниот комплекс на локалитети Старо Бонче бил развиен урбан центар, можеби главниот град на кнежеството на Пелагонците. Според начинот на изградба се датира на крајот од 4 век п.н.е. Централниот дел е опкружен со надворешен ѕид со пречник од 32 м. Од десната страна на влезот се гледаат остатоци од градба - хероон, во која се извршувале ритуални почести за покојникот. Во внатрешноста на гробницата води ходник, кој се состои од всечен во карпа надворешен дел и затворен, засведен дел, дромос. Внатрешноста има помала преткомора и правоаголна комора во која биле положени урната на покојникот и даровите за него. А кој бил покојникот? Секако, еден од Пелагониските кралеви. Од пишани антички извори дознаваме за крал на Пелагонците со име Менелај, кој во два наврати (во 365 и 362 година п.н.е.) со намирници им помогнал на Атињаните во нивната битка против Халкидикските градови, за што бил почестен со посебен статус на заслужен граѓанин на Атина. На врвот Висока, кој се издигнува веднаш над гробницата, позиционирана е исто така монументална градба - храм или резиденција, како дел од градот во подножјето.


  

 

Гробница на локалитетот Павла чука, село Подмол

МАКЕДОНСКИ ПЕРИОД

Со доаѓањето на Филип II на престолот, Македонија ги припојува кнежествата на Линкестите, Пелагонците и Дериопите. Како почит кон својата мајка Евридика која била по потекло од Линкестида, тој го подига градот Хераклеја, додека неговиот син Александар Велики во својата војска има двајца високи офицери од овие простори, Пеитон од градот Алкомена и Александар, принц од Линкестида, назначен за генерал на Тракија. За време на владеењето на Македонските кралеви, со значење се здобиваат неколку урбани центри: Керамија (Варош, Прилеп), Алкомена (с. Бучин), Пелагонија (с. Бонче или с. Прилепец), Стибера (с. Чепигово), Колобаиса (с. Горно село), Писаион (с. Дебреште) и Достонеи (с. Пештани). Со археолошки истражувања, покрај остатоци од овие градови, евидентирани се и повеќе утврдувања богати со вредни движни наоди.

Македонски период - украсување на керамички садови и печат


Македонски период - теракотни претстави на Артемида и Херакле

Во периодот на владеење на Македонските кралеви, продолжува кремацијата како начин на погребување. Под влијание на хеленскиот свет, местата на вечното почивалиште биле означувани со надгробни мермерни украсни стели со прикажани сцени од животот на покојникот. Во почетокот на 2 век п.н.е. побогатите семејства го прифаќаат трендот од исток, подигање на гробници издлабени во карпи.    

 

Гробница издлабена во карпа, локалитет Сурун - Тумба, Горно село

Едно од највредните откритија потекнува од Старо Бонче. Во јама се пронајдени остатоци од бронзена оплата од три Македонски антички штитови, заедно со неколку керамички садови, тегови и железни ножеви. Во нивниот централен дел е претставено дванаесетзрачно сонце, врамено во кружна лента, во која е испишано името на кралот Деметриј. Радијално, во периферната зона се поставени седум мали сонца со по осум зраци. Се претпоставува дека штитовите кои се единствено откритие во Република Македонија, му припаѓале на гардист на кралот Деметриј I, родум од местото на откривање, можеби градот Пелагонија.   



Кралот Деметриј I (294-288 г.п.н.е.) бил родоначелник на Антигонидската династија, која владее со Македонија по смртта на Александар Велики, се до потпаѓањето под Римска власт. Заради осмислувањето на воена опсадна машинерија, познат е како „опсадник”. Сонцето е иконографски симбол на Македонската кралска куќа. Според легендата, првиот владетел Пердика I и неговите браќа служеле кај кралот на Лебаја. Кога побарале да им плати за завршената работа, тој им покажал на сончевите зраци на земјениот под, велејќи им “Ова е вашата плата”. Пердика вцртал круг со нож и ги “прибрал” сончевите зраци. Сонцето е прикажано на штитовите на Македонските војници, како декорација на ѕидови, на садови, како и на монети.

РИМСКИ ПЕРИОД

Најголем број на археолошки наоѓалишта се од Римскиот царски период. Тоа се населби, некрополи и утврдувања, кои во повеќето случаи претставуваат континуитет во егзистирањето на оние од претходниот Македонски период. Откриени се остатоци од станбени објекти, административни градби и храмови. За животот на луѓето во времето на владеењето на Римските императори повеќе дознаваме од бројните сочувани пишани извори, епиграфските мермерни споменици: плочи со официјално-административни содржини, ари-жртвеници и надгробни стели. Откриено е мноштво на наоди од керамички и бронзени садови, накит, монети, оружје и други предмети за секојдневна употреба, како и скулптури на божества и видни граѓани. 

Локалитет Долиште, село Прилепец - римска градба со просторија со складишни керамички садови и некропола

Најистражено наоѓалиште е градот Стибера, формиран за време на владеењето на Македонските кралеви во 4 век п.н.е. Се наоѓа во непосредна близина на селото Чепигово, покрај реката Блато која се влива во Црна Река.

Спомната е во пишани антички извори за настани поврзани со Македонско - Римските војни. Во 200 г.п.н.е. Римскиот конзул Сулпикиј кој војувал против Македонскиот крал Филип V, влегол во Стибера за да набави намирници за своите легии. Последниот крал на Македонија, Персеј, во 169 г.п.н.е. тука го стационирал својот воен штаб, од каде што тргнал во освојување на територијата на соседните Илирски племиња - Пенести кон запад (Ускана, денешно Кичево), сојузници на Римјаните. По враќањето заробените непријателски војници ги продал како робови во Стибера. 


Урбанистички план на секторот Гимназион

Најголем процут градот го доживува во Римскиот царски период. Од тоа време се откриени неколку јавни градби: Гимназион, Храм на заштитничката на градот - богинката Тихе, Храм посветен на култот кон императорот, Плоштад со чешма, Работилница за теракоти и керамички ламби и дел од Агората (главниот Пазар). Со навлегувањето на варварските племиња од север во средината на 3 век н.е., градот постепено ја губи својата економска и политичка моќ, а после средината на 4 век н.е. згаснува. Заради откриените бројни исклучително добро изработени мермерни скулптури на божества и видни граѓани, Стибера е наречена “Македонска Помпеја”.  

Стибера, дел од Храмот посветен на култот кон императорот


 Стибера, мермерни скулптури на богот на здравјето Асклепиј и непознат римски император

Римски културни хоризонти се констатирани во сите погоре спомнати градови формирани во периодот на владеењето на Македонските кралеви, како и на локалитетите Бакалица и Ташачица (Варош, Прилеп), Долиште и Безистен (с. Прилепец), Бостаниште (с. Алинци), Пештерица (с. Ореовец). Погребувањето во римскиот период е првенствено скелетно, додека кремирањето е поретка појава. Пронајдени се вредни наоди од садова керамика, накит, теракотни и бронзени фигурини и разни оружја и орудија.

Римски бронзени наоди

Меркур, ламба и змија

 

НУМИЗМАТИКА

          Монетите претставуваат најсигурен показател за датација на археолошките наоѓалишта. Нивната циркулација ја покажува економската поврзаност на поширокиот простор. Покрај златни монети кои биле ковани по повод позначајни настани, ковани се и сребрени, како и бронзени употребувани во секојдневна купопродажба. Најрани монети се оние на Грчките градови Атина, Тасос, Дирахион и други. Со постепеното зајакнување на моќта и влијанието на Македонската држава, во регионот по застапеност преовладуваат монетите на нејзините кралеви, Секако највредни наоди се златниот статер на Филип II и сребрените тетрадрахми и драхми на неговиот син, големиот војсководец Александар III Македонски.

 

 Аминта III (сребрен статер), Филип II (златен статер)

Александар III (сребрена тетрадрахма) и Филип V (бронза) 

За време на Римската империја монетите на кои доминираат ликовите на императорите се главно средство во трговските трансакции. По обезбедувањето на границите на царството во почетокот од новиот милениум започнува т.н. pax romana, односно период на благосостојба кога се коваат најквалитетните монети, при што преовладуваат сребрените денари и антонинијани, но и големите бронзени примероци на асови и сестертиуси. Во 3 век за нашиот регион карактеристични се монетите на Македонскиот коинон, ковани како почит кон Александар Велики од страна на императорите, така што на аверсот е претставен неговиот лик.


Македонија протекторат, Веспазијан (денар)

Херение Етрускил (антонинијан) и Филип I Арапин 

Со распаѓањето на Римската империја и воздигнувањето на христијанството како главна религија, во нејзиниот источен медитерански дел јакне нова политичка сила, Византија. На територијата на прилепскиот регион пронајдени се бројни монети од неколкувековното постоење на оваа доминантна империја (од 6 до 14 век).


 Јустинијан I (фолис), Константин VIII Порфирогенит (солид)

Михаил VII Дука и Марија (милиаресион)

СРЕДЕН ВЕК 

Архeолошките истражувања од среден век почнуваат уште од 1958 година и се вршат на следните локалитети : Маркови Кули – Варош, локалитетот Градиште кај село Дебреште, локалитетот Илино кај село Лениште, локалитетот, Задна Река Грмајте кај село Витолиште, локалитетот Трпчева Црква кај село Дуње, локалитетот Страгата кај село Крушевица, локалитетот Врбјанска Чука кај село Славеј, како и просторот околу црквите “Св. Никола“ во село Мнастир и “Св. Ѓорѓија“ во село Пресил.

Споменичкиот археолошки комплекс Маркови Кули кој претставува утврден град со акропола во која се откриени повеќе градби од станбен и стопански карактер е истражуван во повеќе кампањи и на повеќе пунктови заедно со неговото западно и југозападно подножје каде што се развила  неутврдената средновековна населба Варош. Според археолошките истражувања во градот, подградијата, некрополите и сакралните објекти константиран е континуиран живот од X до крајот на XIV век.


Лок. Маркови Кули


 Накит, бронза, лок.         Накит, сребро и бронза,       Накит, бронза, лок.

Маркови кули, X-XII век.   Варош, XII – XVI век.        Подкули, X-XII век.

Со археолошките ископувања од 1964  година и во повеќе наврати во седумдесетите и осумдесетите години на локалитетот Градиште кај село Дебреште констатирани се повеќе стратуми од праисторија, хеленизам, римски период,  доцна антика и среден век. Во просторот на тврдината од VI век, како и надвор од неа, извршени се археолошки истражувања на остатоци од стамбени, сакрални објекти како и некрополи кои се дел од населбата која егзистирала континуирано во подолг период , од доцната антика па се до крајот на XIV век. Средновековниот период се следи преку културните слоеви од крајот на VII  почетокот на VIII век  се до XIV век, при што се истражени остатоци од станбени објекти, некропола и црква.


Накит, бронза и сребро, лок. Градиште, с. Дебреште, VII – X  век

Од 1979 година до 1989 година на локалитетот Врбјанска Чука село Славеј при вршење на заштитни археолшки истражувања во горните културни слоеви се констатирани материјални остатоци од срдновековна населба со некропла која датира од  X – XIV век.

На локалитетот Задна Река Грмајте кај село Витолиште од 1983 година до 1990 година истражена е средновековна некропола која настанала и се развила врз остатоци од доцноантичка населба со некропола. Богатиот движен археолошки материјал изразен во примероци на накит од сребро, бронза и стаклена паста е одраз за економската моќ на населението од оваа некропла. Средновековната некропола и припаѓала на населба која егзистирала од X до XII век.


Накит, бронза и стаклена паста, лок. Задна река – Грмајте,

с. Витолиште,  X - XII  век

Почнувајќи од 1991 до 2000 година во неколку кампањи на локалитетот Трпчева Црква кај село Дуње истражена е средновековна некропола од раниот словенски период.

Оваа некропола според наодите формирана е на крајот од IX и почетокот на X век врз остатоците на постар доцноантички сакрален објект. Нејзиното постоење се следи до крајот на XII век. Оваа некропола и припаѓа на стопански моќна и развиена населба со христијанско население за чии социјален статус и економска моќ се гледа преку предметите кои лично ги поседувал секој поединец. Во содржината на гробовите од  оваа некропола најдено е богатство на накит (белегзии, прстени, ѓердани) како и неколку бронзени крстови. Паралелно со археолошките истражувања вршени се и антрополошки истражувања кои говорат за старосната структура на населението, за смртноста и патолошките промени кај оваа средновековна популација. Анализата од овој материјал ја извршил антропологот Д-р Фаница Вељаноска.

На локалитетот Страгата кај село Крушевица 2001 година истражуван е тумул од доцно бронезено време и е констатирано дека врз тумулот е формирана средновековна некропола со повеќе типови на гробни конструкции која според наодите од гробовите датира од X –XI век.

Освен остатоци од недвижни градби и гробни конструкции, на средновековните локалитети евидентирани се и многубројни движни наоди: предмети за секојдневна употреба, украсни предмети, предмети поврзани за погребниот ритуал и делови од орудија, оружје и опрема.

Украсните предмети како наушници, обетки, ѓердани, приврзоци, белегзии, прстени, се изработени од сребро, бронза, железо, стакло и стаклена паста. Некои од овие предмети имаат апотропејска улога како што се енколпионите и приврзоците – крстови, кои најдиректно се поврзани со христијанизацијата на словенската популација.

Во предметите кои освен украсна имаат и практична намена се вбројуваат појасни токи, копчиња за облека и аграфи, изработени од бронза и сребро.


         

Накит, сребро и бронза, лок. Трпчева Црква кај с. Дуње, X – XI век.

 Ѓердани, лок. Трпчева Црква 

с. Дуње, X – XI век 

Крстови реликвијари, бронза
с. Дуње, X – XI век

      Керамичките садови се дел од предметите за секојдневна употреба кои според намената и нивната функција се дел од кујнската или трпезната керамика . Некои форми од керамички садови се употребувани  и во погребни ритуали.

Движните археолошки наоди ги сочинуваат и орудијата за аработа:разни форми на струшки . ножеви, делови од ножици српови и сл., изработени од железо.

Наодите од оружје и опрема, иако се застапени во помала мера, сепак се присутни и претставени преку примероци од копја, срелки,  мамузи и дел од панцир кошула, изработени од железо.

 

ЗБИРКА „ЕПИГРАФСКИ СПОМЕНИЦИ И КАМЕНА ПЛАСТИКА“

Лапидариум, НУ Завод и Музеј - Прилеп 

Збирката „Епиграфски споменици и камена пластика“ на НУ Завод и Музеј – Прилеп содржи музејски предмети кои датираат од античкиот до ранохристијанскиот период: надгробни и антропоморфни стели, епиграфски натписи, бисти, статуи, статуети, глави на мажи и жени, подножја на статуи, релјефни скулптури, вотивни релјефи, ари, архитектонска камена пластика, сончев часовник и мерна маса. Збирката опфаќа камени споменици од археолошки локалитети од прилепскиот регион.

Од 2019 година Завод и Музеј Прилеп добива изложбен простор – Лапидариум, каде се сместени повеќе мермерни музејски предмети, а остатокот од предметите се наоѓаат во Археолошката постојана изложбена поставка и депоата за археологија при НУ Завод и Музеј – Прилеп. Евиденцијата на камени споменици во Прилеп започнува пред околу 100 години, односно меѓу двете светски војни. Со обемот на теренски истражувања се истакнува српскиот класичен филолог Никола Вулиќ, кој своите согледувања ги презентира во стручни своевремени публикации. Посериозен пристап кон археолошката наука е воведен со започнување на првите официјални истражувања после Втората светска војна, реализирани од страна на Археолошкиот музеј - Скопје. Големо значење за прилепскиот регион претставуваат првичните ископувања од 1953 година на археолошкиот локалитет Бедем, кај селото Чепигово, предводени од Душанка Вучковиќ Тодоровиќ. При откривањето на Храмот на заштитничката на градот - божицата Тихе, пронајдени се мошне вредни наоди од мермерна антропоморфна пластика, бисти и статуи на видни граѓани и божества од римскиот пантеон.

Со формирањето на Народниот музеј - Прилеп (денес Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј - Прилеп) се интензивираат истражувањата на археолошките локалитети во поширокиот прилепски регион. Со рекогносцирања и археолошки ископувања пронајдени се голем број епиграфски споменици и наоди камена пластика, кои ја надополнуваат претставата за животот на луѓето во античките периоди и раниот среден век.

Покрај д-р Бошко Бабиќ - основоположникот на прилепската археологија, голема е заслугата и на кустосите Костадин и Лилјана Кепески  за почетоците на инвентаризација и стручна анализа на камената пластика, кои во периодот од 1984 до 2011 година ја збогатуваат збирката со атрактивни наоди мермерна пластика и епиграфски споменици. Истражувањата ги продолжува кустосот Душко Темелкоски, кој од 2014 година постојано ја дополнува со исклучителни предмети мермерна антропоморфна пластика и епиграфски споменици.  Најрепрезентативни наоди во Збирката претставуваат мермерната антропоморфна пластика и епиграфските споменици од античка Стибера, која била во рангот на Хераклеја, Скупи и Стоби.

Дел од збирката се надгробни и антропоморфни стели, кои во фунерарната уметност се користеле за погребни или комеморативни цели. Во Пелагонија карактеристични се надгробни стели со фронтон, најчесто триаголен, со или без акротерии, декоративни елементи, релјефно и натписно поле. Тие во горниот дел на стелата имаат поле со релјеф со митолошки сцени или сцени од животот на покојникот. Иконографијата на релјефните полиња се одраз на ритуални, есхатолошки и социо - историски сцени. Есхатолошките сцени на надгробните стели овозможуваат запознавање со културниот контекст на фунерарните симболи на стелата, односно идејата на задгробниот живот кај античките народи, нивните церемонии поврзани со погребувањето, како и со желбата да ја демонстрираат својата општествена моќ, токму преку вечноста на мермерот. Релјефните полиња на стелата заедно со епиграфските натписи ги содржат потребните информации за идентификување, го означуваат присуството на смртта меѓу живите, но исто така служат и како активатори на колективната меморија и претстава за лиминалниот концепт меѓу животот и смртта. Примарната цел на античката есхатологија и античката сепулкрална уметност е визуелизацијата на идејата за живот после смртта и интерпретацијата на надгробните стели, заедно со невербалната комуникација: гроб – гледач, која предизвикува емоции. 

Стелите потекнуваат од различни локалитети од прилепскиот регион: Бедем, с. Чепигово, Градиште, с. Дебреште, Тумба и Соколица, с. Браилово, Антови ливади, с. Никодин, с. Небрегово, Грамадина, с. Беловодица, Градиште, с. Пештани и други.

 


                     Стела, Стибера                                                                    Стела, Градиште, с. Дебреште

            Епиграфските натписи од Збирката на НУ Завод и Музеј Прилеп нудат мошне вредни сознанија за социјалната структура на локалното општество во периодот пред доаѓањето на Римјаните, односно симбиозата на изворниот начин на живот на автохтоното население со ново-воспоставените правила на Римската империја. Натписите, кои се на старогрчки јазик, се однесуваат на одредени настани или појави во културниот и политичкиот систем на Римската држава. Преку ономастичката формула, применета на имињата на жителите, дознаваме за функциите и поделбата на жителите на перегрини и граѓани, како и за функциите што им припаѓале, согласно нивниот статус во политичкиот и јавен живот на градот, како и за начинот на функционирање на институциите, особено во Римскиот царски период. Натписите се пронајдени на археолошките локалитети од прилепскиот регион: Бедем, с. Чепигово, Градиште, с. Дебреште, Пештера, с. Пештани, Тумба, с. Браилово, с. Мариово и други.


Епиграфски споменик на Септимиј Лик, Стибера 

Статутите, најчесто изработени од бел мермер, ни ги приближуваат ликовите на заслужните граѓани од пелагониските и дериопските антички населби. Од скулптурираните облека и фризури се добива одредена претстава за општествениот статус на претставените ликови. Повторно, во Стибера се пронајдени највредните примероци скулптури, не само на видни граѓани од Империјалниот период, туку и на божества од римскиот пантеон, кои биле почитувани од нејзините жители. Меѓу порепрезентативните примероци од Збирката се: портретна биста на Фаустина Изида, статуи на мажи од типот Палијатус, Мала и Голема Херкуланка, статуи на млада жена и вотивни статуи, сочувани глави на мажи и жени, млад ефеб и други.

Статуа на маж, Стибера Статуа на Нике, Стибера
Мала Херкуланка, Стибера Биста на Фаустина II, Стибера

        Како дел од Збирката се и група вотивни споменици, кои ја демистифицираат сликата за верувањата на луѓето во антиката. Меѓу божествата кои ги почитувале на дел од спомениците од различни локалитети се: Хермес (ара, Стибера), Меркур (Стибера, с. Чепигово, вотивни ари од Средсело, с. Мажучиште и од црквата св. Никола, с. Беровци), Афродита (скулптура, с. Пештани и с. Прилепец), хероизиран покојник (стела, с. Небрегово, вотивни релјефи од с. Галичани, црква св. Архангел Михаил, Варош, Ташачица, Варош, Стибера и др.), Афродита, (Али Чаир, Прилеп, Стибера), Херакле, (вотивна плоча, Стибера и др), Диоскури (надгробна стела од Градиште, с. Пештани, релјеф, с. Тројкрсти, стела, Баблеица, с. Чепигово), Деметра (вотивен релјеф од Али Чаир, Прилеп), Телесфор (скулптура, црква св. Никола, с. Топлица), Асклепиј (вотивни релјефи, с. Ракле, с. Ореовец, с. Плетвар), Фортуна (вотивен релјеф, Прилеп), Дионис (вотивен релјеф, с. Ракле) и други.

Во архитектонската камена пластика од Збирката се вклучени и неколку впечатливи примери декоративни елементи од Стибера и ранохристијански наоди - архитектонски елементи од локалитетот Моклишки Рид, с. Витолиште и капители од црквите св. Архангел Михаил и св. Никола - Варош, како и од локалитетот Манастириште, с. Небрегово Пештерица, с. Ореовец, Гробишта, с. Големо Мраморани, с. Сенокос и други. 

 

Капител, св. Архангел Михаил, Варош  Капител, с. Небрегово

 

НУ Завод и Музеј Прилеп поседува уникатен примерок на античката метрологија - мерна маса, која е откриена на агората (пазаришниот простор) во градот Стибера.


Мерна маса, Стибера 

ПОСТОЈАНА АРХЕОЛОШКА ПОСТАВКА

Одделението за археологија постои од формирањето на Народниот музеј во Прилеп, односно од 1955 година, кој во 1981 година прераснува во НУ Завод за заштита на спомениците на културата, природните реткости и Музеј а додека во 2003 година прераснува во Национална установа - Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј, Прилеп.

Одделението за археологија во 1960 година е поделено на четири реферати: Реферат за Праисторија, Реферат за Антика, Реферат за Среден век и Реферат за Нумизматика. Во 1961 година во рамките на зградата на музејот поставена е Постојана археолошка поставка.

Во 2011 година Постојаната археолошка поставка е преуредена и збогатена со голем број на нови музејски експонати, цртежи и фотографии. 

Во Постојаната археолошка поставка изложен е еден недвижен и броен движен археолошки материјал кој потекнува од голем број на археолошки локалитети од подрачјето на прилепскиот дел на Пелагонија и Мариово. Археолошкиот материјал е добиен по пат на археолошки ископувања, рекогносцирања, откуп и поклон и потекнува од времето на праисторијата, преку антиката, па се до доцниот среден век.

Во неа Праисториското одделение е застапено со околу 470 експонати кои датираат од раната фаза на неолитот, па се до доцноархајскиот период (односно од почетокот на VI милениум па се до  VI - V век пред н.е.). Изложени се бројни керамички садови со разни форми кои праисторискиот човек ги користел во секојдневниот живот, потоа предмети поврзани со духовниот живот, култот и религијата на заедниците кои ги населувале овие простори, како и орудија и оружје изработени од камен, животински коски или метал. Изложени се и повеќе парчиња од накит со разни типови и форми изработени од коска и метал.

 

Во Постојаната поставка изложен е уникатниот култен објект – жртвеник / амбар, пронајден во Градбата 1 на неолитскиот локалитет Врбјанска Чука. Според начинот на градење и димензиите, претставува единствен од овој вид на просторот на Република Македонија, но и пошироко на Балканот.

 Античкиот период е претставен со бројни наоди кои говорат за секојдневието на луѓето во времето на владеењето на Македонските кралеви и во времето на моќната Римска империја. Тоа се разни керамички и метални садови, накит од злато, сребро и бронза, како и орудија и други предмети со различна намена. Од оружје, се издвојуваат железниот шлем од Градиште кај селото Дебреште и штитовите со името на македонскиот крал Деметриј I.

 

Мошне импресивни се мермерните наоди кои претставуваат божества, но и видни граѓани. Особено се значајни оние пронајдени со истражувањата на градот Стибера кај Чепигово. Во изложбената поставка презентирани се и теракотни и бронзени фигурини на античките божества.

Археолошките предмети од средновековниот период изложени во постојаната археолошка поставка потекнуваат од локалитетите: Маркови Кули - Варош, Градиште, село Дебреште, Илино, село Лениште, Страгата, село Крушевица, Врбјанска Чука, село Славеј, како и просторот околу црквите “Св. Никола“ во село Мaнастир и “Св. Ѓорѓија“ во село Пресил. Најголем број се од локалитетите: Задна Река - Грмајте кај село Витолиште и Трпчева Црква кај село Дуње.

 \

Предметите датираат од раниот до доцниот среден век. Воглавно станува збор за движни археолошки наоди, од кои повеќето се украсни предмети како наушници, обетки, ѓердани, приврзоци, белегзии, прстени, изработени од сребро, бронза, железо, стакло и стаклена паста. Некои од нив имаат апотропејска улога, како што се енколпионите и приврзоците-крстови, кои најдиректно се поврзани со христијанизацијата на словенската популација. Во предметите кои освен украсна имаат и практична намена се вбројуваат: појасни токи, копчиња за облека и аграфи, изработени од бронза и сребро.

Oд предметите за секојдневна употреба застапени се керамички садови кои според намената и нивната функција се дел од кујнската или трпезната керамика. Застапени се и орудија за работа: разни форми на струшки, ножеви, српови и сл., како и оружје и опрема: копја, стрелки,  мамузи и дел од панцир кошула, изработени од железо.

Богатството на средновековен движен археолошки материјал сместен во постојаната археолошка поставка зборува за интензивното живеење во овој период на овие простори.