Меморијалниот музеј „11 Октомври 1941” се наоѓа во центарот на Прилеп, на улица „Илинденска” б.б. Зградата во која е сместен музејот е изградена на почетокот на XX век. За време на окупацијата (1941-1944), овој објект бил претворен во бугарски полициски участак во кој била сместена окупаторската полиција. На 11 Октомври 1941 година борците од Прилепскиот партизански одред извршиле вооружен напад врз участакот и врз други објекти во градот, со што започнало вооруженото востание на македонскиот народ против фашистичкиот окупатор.

На 1 мај 1952 година во оваа зграда за прв пат е отворен „Музеј на НОВ“ во Прилеп, а по повод 20 години од НОВ на 11 Октомври 1961 година отворена е постојана музејска поставка и на тој начин, овој објект е претворен во Меморијален музеј  „11 Октомври 1941“.

Во 1971 година по повод 30 години од НОВ музејската поставка е проширена и збогатена со нови содржини, откако во објектот е извршена адаптација. По десетина години започна реновирање на зградата, со што беа овозможени услови за презентација на новата музејска поставка која беше отворена на 10 Октомври 1983 година.

По повод 70 години од почетокот на вооруженото востание, во 2011 година се реализира проект за целосна санација на објектот, како и преуредување на Меморијалниот музеј ,,11 Октомври 1941“ - Прилеп. Музејската поставка е збогатена со музејски експонатико и се состои од: оружје, воена опрема, фотографии, документи, карти, скици, летоци и слично, а е сместена во простор од околу 236 м2 .

Свеченото отворање на реновираниот и збогатен со експонати, меморијален музеј се случи на 10 Октомври 2011 година, по повод големиот јубилеј.

 

Меморијал музеј „11 Октомври 1941“ – Прилеп

 

Во приземјето, на самиот влез се наоѓа макета на некогашниот изглед на објектот во кој денес е сместен Меморијалниот музеј со неговата непосредна околина. Над оваа макета на пано испишана е мисла на Јосип Броз Тито за вооруженото востание на македонскиот народ против фашистичкиот окупатор од 11 Октомври 1941 година.

Во Сала 1 прикажана е историјата на Прилеп и прилепско до 1940 година и тоа Преродбенското движење, Илинденскиот период, Балканските војни, Првата светска војна и периодот помеѓу двете светски војни. Во рамките на оваа сала, во засебен ограден простор инпровизирана е полициска канцеларија за испрашување на затворените лица со поголем број на музејски предмети.

Полициска канцеларија Витрина со пушки

 

Во Сала 2 презентирани се настаните по априлската војна во 1941 година, окупацијата на Македонија, до почетокот на вооруженото востание во Прилеп на 11 Октомври 1941 година.

Во Сала 3 музејската поставка е посветена на настаните од 11 Октомври 1941 година, со фотографии на борците кои го извршиле вооружениот напад на участакот, на затворот и на телекомуникационата мрежа. Во оваа сала се поместени и фотографиите на борците од месноста „Црвени стени” и од одредот „Гоце Делчев”. Тука е поместен и списокот на 154 борци, носители на „Партизанска споменица 1941” од Прилеп и прилепско. На западниот ѕид од Сала 3 доминира огромниот мурал на тема „Национално ослободителните борби на македонскиот народ” од прилепскиот ликовен уметник Борко Лазески, а во средината од салата се наоѓаа повеќе водови на огнено оружје.

Борците на првиот прилепски партизански одред „Гоце Делчев“

 

Дел од муралот „Национално ослободителните борби на македонскиот народ”

од  Борко Лазески и огнено оружје

 

Во ходникот на катот поставени се Указите - Повелби на петнаесетте Народни херои од Прилеп, како и бистата од бел мермер на Јосип Броз - Тито. Во 2018 година во овој дел е сместена изработената реплика на орденот „Народен херој“, признание кое Претседателот на СФР Југославија со Указ од 7 мај 1975 година му го доделува на Прилеп за неговиот голем влог во победата над фашизмот, изразено преку голем број на учесници и жртви во Народноослободителната војна 1941-1945 година.

За споменик на културата Меморијалниот музеј „11 Октомври 1941” е прогласен во 2003 година.

Со содржината на музејската поставка од  Меморијалниот музеј „11 Октомври 1941”, како и со својот воспитно културно-образовен карактер, се влијае врз посетителите, особено кај помладата генерација за чување и негување на нашето историско минато.

 

РЕПЛИКА НА ОРДЕНОТ ,,НАРОДЕН ХЕРОЈ“ на град Прилеп

 

На свечен начин во општинската зграда беше откриена репликата во мермерна плоча на орденот ,,Народен Херој“ што на 07 мај 1975 година претседателот на тогашната СФРЈ, Јосип Броз-Тито му го додели на Прилеп, а кој што подоцна беше украден. Копијата ќе остане во згрaдата поточно просториите на Локалната самоуправа на општина Прилеп да потсетува на историската улога на градот во НОВ. Репликата на орденот е изработена на иницијатива на НУ Завод и Музеј - Прилеп, a финансиран од Локална самоуправа - Прилеп.

 

 

 

                       

 

Репликата на позлатениот орден ,,Народен херој“ на 07 мај после 25 години ги краси просториите на Меморијалниот музеј ,,11 Октомври 1941“. На свеченоста градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски орденот му го предаде на директорот на НУ Завод и Музеј - Прилеп.

Направени се две копии (според оригиналот) - Едната копија во мермер е поставена во Меморијалниот музеј ,,11 Октомври 1941“, а репликата во мермер засекогаш ќе стои вградена во холот на општинската зграда.