Стручна екипа од НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј Прилеп го реализира Елаборатот за Валоризација на споменичната целина Градок кај селото Манастир. Археолошкото наоѓалиште се наоѓа на мошне доминантно возвишување над долината на Црна река, а во близина на Расимбегов мост. 

Стратегиско значајниот воен пункт – утврдување од доцната антика, прераснува во важен христијански центар во средновековието во областа Мариово. Покрај добро сочувана ѕидна архитектура од две цркви, видливи се и остатоци од бедемите, како и од градбите со различна намена во акрополата и подградието. Со валоризирањето, археолошкиот локалитет ќе добие повисок статус на заштита.