„Од артефакт до идентитет – седум децении културна меморија“

 

На 30.12.2025 година во 12.00 часот во просториите на Галеријата на икони „Бабанеделино училиште“ се одржа промоција на монографијата „Од артефакт до идентитет – седум децении културна меморија“ со која достоинствено го одбележуваме 70-годишниот јубилеј од постоењето на нашата институција, НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Прилеп.

Монографијата е дело од  три книги,  кои јасно и прегледно ја покажуваат работата на нашите колеги во повеќе децении – од првите чекори, преку развојот, до современите пристапи во музејската и заштитата, изложбена дејност и промоција. Печатениот дел од оваа едиција е реализиран и финансиран во рамките на Годишната програма од областа на културата за 2025 година, со поддршка на Министерството за култура и туризам на Република Македонија, за што сме искрено благодарни.

Следејќи го патот на современите технологии и потребата културното наследство да биде што подостапно, монографијата е подготвена и во дигитална форма, поставена на УСБ-картички, а воедно ќе биде достапна и на веб-страницата на нашата институција. На тој начин, нашето културно паметење не останува затворено, туку живее и се споделува.

НУ Завод и Музеј – Прилеп ќе продолжи со својата мисија – да истражува, да заштитува и да презентира културно наследство, со цел да ја зајакне свеста за неговата вредност кај сегашните и идните генерации.

„Она што го наследуваме од минатото, не го чуваме само за себе, туку го предаваме како обврска на идните генерации.“

 

Настанот е во рамките на Проектот од областа на музејската дејност: „Програма за одбележување на јубилеј 70 години од основањето на НУ Завод и Музеј - Прилеп, Општествено одговорен Музеј и применета музеологија“, одобрен со Годишната програма за работа за 2025 година на НУ Завод и Музеј - Прилеп, поддржана од Министерство за култура и туризам.