Изложба „ВЕЧИТО – Богдан Богдановиќ“
На 09.10.2025 година во 14 часот, во фоајето на НУЦК „Марко Цепенков“, Прилеп, се отвори Изложбата „ВЕЧИТО – Богдан Богдановиќ“.
Изложбата е во соработка со Центар за истражување и валоризација на градителското наследство ВАМ - Белград, Уметничка галерија на Босна и Херцеговина - Сараево, НУЦК „Марко Цепенков“, Прилеп и НУ Завод и Музеј - Прилеп.
Подготвена е богата придружна програма која вклучува водства од кустоси низ изложбата, премиерно прикажување на филмот „Делото на Богдан Богдановиќ видено од земја и од небо“ (88 мин.) од авторот Предраг Новаковиќ, како и дигиталната училница „ВЕЧИТО – Богдан Богдановиќ“.
Изложбата ќе ги претстави резултатите од најновите истражувања на спомениците на архитектот Богдан Богдановиќ во Македонија, заедно со богата ретроспективна поставка на целиот опус на овој автор. Изложбата беше најавена со работилници за деца и млади во текот на целата измината недела, кои преку креативно-ликовен начин го запознаа уметничкиот свет на Богдановиќ, но и сопственото културно наследство на споменикот „Могила на непобедените“. Работилниците ги водеше историчар на уметност Аида Шарац Бербиќ, музејски едукатор.
Покрај одбележувањето на стогодишнината од раѓањето на југословенскиот архитект Богдан Богдановиќ и 65 години од иницијативата за подигање на прилепскиот меморијал, со манифестацијата се одбележуваат и 80 години од победата во Втората светска војна. Со соработката помеѓу Македонија, Босна и Херцеговина и Србија на овој проект, се создава целосен културен простор кој поврзува не само стручни лица и институции, туку и најшироката културна јавност. Проектот е кофинансиран преку заедничка акција на Европската унија и Фондот за Западен Балкан (WBF).
Настанот е во рамките на Проектот од областа на музејската дејност: „Програма за одбележување на јубилеј 70 години од основањето на НУ Завод и Музеј - Прилеп, Општествено одговорен Музеј и применета музеологија“, одобрен со Годишната програма за работа за 2025 година на НУ Завод и Музеј - Прилеп, поддржана од Министерство за култура и туризам.
На 11 октомври, премиерот на Република Македонија, Христијан Мицкоски ја посети Изложбата „ВЕЧИТО – Богдан Богдановиќ“.
Со посетата Премиерот му оддаде почит на авторот на „Могилата на непобедените", архитектот Богдан Богдановиќ и на сите паднатите борци, кои го положиле животот за ослободување на Македонија.
НУ Завод и Музеј
Етнокинезија 











