„Јас, ти и музејот - пред Градскиот саат“
Настанот се одржа на 01.07.2025 година на платото пред Градскиот саат, пред главната свеченост по повод 70 години од основањето на музејот, под мотото „Јас, ти и Музејот“, кое потсетува дека музејот не е само зграда, туку жив организам што постои преку луѓето. „Јас“ → како поединец што учи и истражува, „Ти“ → како пријател, посетител или поддржувач, и „Музејот“ → како место што ги поврзува сите.
На овој настан ја претставивме збирката каширани фотографии од Музјејот за тутун „En plein air“, пред случајните минувачи, проследен со концерт на прилепскиот бенд „Lockdown“. Целта на овој настан беше пред сѐ да се анимираат младите и тие што повеќе да се запознаат со музеите и нашето културно и историско наследство.
Свеченост по повод 70 години од основањето на музејот
По повод големиот јубилеј – „70 години НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Прилеп“, беше организирана свеченост која ја прераскажа историјата на институцијата низ зборови, слики и емоции. Настанот се одржа во Лапидариумот на музејот, меѓу камените сведоци на минатото, симболично избран простор кој ја поврза публиката со суштината на културното наследство.
Во прв план беше ставена визијата на д-р Бошко Бабиќ, првиот директор на музејот, кој уште во 1955 година ја постави основата на институцијата со јасна идеја дека културното наследство не е товар од минатото, туку богатство што треба да се зачува и оживее. Благодарение на неговата посветеност и на сите генерации вработени кои го продолжија неговиот пат, музејот денес е препознатлив чувар на историјата, уметноста и меморијата на Прилеп и прилепско.

Гордана Јанеска Бабиќ (во средината), ќерка на Бошко Бабиќ
Со посебна почит беше оддадена благодарност на пензионираните колеги, чија работа останува темел врз кој се гради денешниот музеј, како и на сегашниот тим од археолози, историчари, етнолози, конзерватори, библиотекари, архивари, на сите вработени и многу други професионалци. Секој од нив со своја улога и страст придонесува музејот да биде жив, модерен и достапен.
Овој јубилеј беше повеќе од прослава. Тој беше времеплов низ седум децении труд, визија и љубопитност, но и поглед кон иднината – кон нови изложбени концепти, дигитални алатки, едукативни програми и современи форми на дијалог со публиката.
Со свечената програма беше испратена јасна порака: музејот е дом на историјата, уметноста и сеќавањата, но и живо срце што 70 години чука за културата на Прилеп и ќе продолжи да чука и во иднина.
Настанот е во рамките на Проектот од областа на музејската дејност: „Програма за одбележување на јубилеј 70 години од основањето на НУ Завод и Музеј - Прилеп, Општествено одговорен Музеј и применета музеологија“, одобрен со Годишната програма за работа за 2025 година на НУ Завод и Музеј - Прилеп, поддржана од Министерство за култура и туризам.
НУ Завод и Музеј
Етнокинезија 























