На 30 мај 2025 година, стручните лица од НУ Завод и Музеј - Прилеп, во соработка со професорот по историја Филип Стеваноски и учениците од VII-a и VII-б одделение од ООУ „Страшо Пинџур“, с. Мало Коњари, одржаа едукативна работилница „Млади археолози“, додека се реализира проектот: „Заштитни археолошки истражувања на гробници во карпа од т.н. „македонски тип“ на археолошкиот локалитет „Крклари“, кој се наоаѓа во подножјето на Маркови Кули. Кај овие гробници специфичен е начинот на градење со длабење во карпи, со што претставуваат единствена појава, а како нивни заеднички градежни елементи се дромос (ходник), преткомора и гробна комора, во која биле положувани спалените останки на покојниците. Хронолошки се датираат во II - I век п.н.е., односно доцнохеленистичкиот период.
Работилницата беше поделена на две фази, теоретска и практична. Учениците во теоретскиот дел изучуваа што значи археологијата како наука, кои се целите на археологијата, што е археолошки локалитет и кратко за значењето на локалитетот Маркови Кули кој е симбол на градот Прилеп. Во практичниот дел се запознаа со теренските ископувања и археолошката документација. Учениците поделени во две групи, цртаа и изучуваа како се изработува техничка документација и секој ученик на милиметарска хартија ја нацрта зададената гробна конструкција со гробни дарови (современи керамички садови). Целта на оваа работилница е да ја разбудиме љубопитноста за археологијата и да ја развиваме свесноста за значењето на културното наследство.
Едукативната работилница е во рамките на Проектот од областа на музејската дејност: „Програма за одбележување на јубилеј 70 години од основањето на НУ Завод и Музеј - Прилеп, Општествено одговорен Музеј и применета музеологија“, одобрен со Годишната програма за работа за 2025 година на НУ Завод и Музеј - Прилеп, поддржана од Министерство за култура и туризам.
Раководител на проектот: Оливера Јандреска
Ментор: Владимир Крстески
Надворешен соработник: Киро Јованоски
НУ Завод и Музеј
Етнокинезија 












