Во рамките на настанот „Европски денови на културно наследство 2024”, одржан на 02.10.2024 година во археолошката поставка на НУ Завод и Музеј - Прилеп, беше реализиран настанот „Уметноста не е нешто - тоа е начин“, кој се одвиваше преку изложба на која беа презентирани 22 ликовни дела, кои произлегоа од втората сликарска работилница од проектот “Инклузивни музеи - уметноста во служба на убавото и корисното”.

            Целта на оваа изложба беше зближување на аматерите и академските сликари, бидејќи секој еден сликар почнал како аматер. Исто така и самиот наслов беше даден со причина да се отвори дискусија меѓу учениците - учесници и авторите на делата.

            На изложбата присуствуваа ученици од СОУ „Мирче Ацев”, Прилеп и авторите на ликовните дела меѓу кои освен академски сликари имаше и сликари аматери.

            Се водеше дискусија за уметноста и за уметничките дела, од субјективен и перцептивен аспект. Говоревме и за значењето и придобивките од уметноста, од економски, социјален, историски, етички и естетски аспект и дојдовме до заклучок дека навистина уметноста е во служба на убавото и корисното. Таа не е само слика или скулптура туку многу повеќе од тоа.

 

Реализација на настанот: Габриела Христовска, кустос и Елизабета Иваноска, кустос