Во рамките на настанот „Европски денови на културно наследство 2024“ на 01.10.2024 година во археолошката поставка на НУ Завод и Музеј - Прилеп се одржа предавањето „Музејски приказни и поучни пораки“. Истиот беше посетен од ученици од прилепските училишта ООУ „Блаже Конески“ и ООУ „Кочо Рацин“.

            Целта на предавањето беше како преку културното наследство и преку дел од артефактите во археолошката поставка да раскажеме допирлива приказна и една многу поучна порака посебно наменета за помладите генерации.

Се зборуваше за жртвеникот посветен на Мајката – или како што стои во самиот наслов    „Мајка - куќа“ кој истовремено претставува и модел од неолитска куќа - и секако заедно преку разговор со учениците ја извлековме поучната порака за значењето на мајката, нејзината големина како потпора и носечки столб во една куќа и значењето на светлината и темнината во куќата.

            Во вториод дел од самиот настан раскажувавме за „девојката жртва“ - го објаснивме самиот поим - жртва, причината поради која се случила самата жртва, тогашните верувања во хтонските божества, местоположбата на гробот - која е најголем доказ дека станува збор за жртва, поврзаноста со манастирот Св. Архангел Михаил и со лековитата вода.

            Како последна тема од овој настан беше митолошката приказна за Дедал и Икар - не случајно избрана, ја завршивме со повеќе од две поучни пораки, кои децата многу добро ги прифатија.

 

Реализација на настанот: Габриела Христовска, кустос и Елизабета Иваноска, кустос