На ден 27.09.2024 година, во рамките на настанот „Европски денови на културното наследство 2024“, во специјализираната библиотеката и едукативниот центар на НУ Завод и Музеј - Прилеп беше одржано предавање на тема: „Развојниот пат на музејската библиотека - културна врска со заедницата“. Се одржа предавање, на кои присуствуваа група ученици од прилепското училиште СОУ „Ристе Ристески-Ричко“. Ова предавање беше со цел учениците да се запознаат со почетоците на работењето на специјализираната библиотека, нејзиниот развоен пат и начинот на работа пред и по воведувањето на COBISS-Кооперативен онлајн библиографски систем и сервиси.

            Во денешно време библиотеките не можат да ја одиграат својата улога доколку нивното функционирање не е поддржано со современа информациска и комуникациска технологија. Тие мора да се поврзуваат и на тој начин да обезбедат услови за културна врска со заедницата. Присутните беа информирани за COBISS системот и тоа дека обучениот библиотекар е клуч и посредник помеѓу заинтересираниот корисник и бесконечниот свет на информации. Учениците беа запознати со тоа како можат полесно да дојдат до бараната литература за изработка на училишните проекти со помош од библиотекарот и од нашите стручни лица, во овој случај од нашиот археолог Оливера Јандреска за темата: „Сите патишта водат кон Рим“ - Античката патна мрежа и експлоатацијата на прилепскиот мермер.

 

Реализација на настанот: Биљана Темелкоска, виш библиотекар