• muzejprilep@yahoo.com | ул. ,,Александар Македонски'' бр.400 | Прилеп, Република Северна Македонија | www.muzejprilep.org.mk |

Реферат за праисторија

Од самото формирање на Народниот музеј во Прилеп 1955 година започнуваат проучувањата на праисториските епохи во прилепскиот регион. До денес сеуште не се откриени наоѓалишта од старото камено време- палеолитот. Номадскиот начин на живеење е една од главните причини поради која што тешко можат да се лоцираат траги од оваа најстара етапа на човековиот развој. Неолитот или новото камено време е праисториска епоха во која се развиваат првите цивилизации и траела од почетокот на VI милениум до крајот на IV милениум од старата ера. Земјоделието и сточарството стануваат доминантни стопански дејности, а како повисок степен во организираното живеење се востановува седелачкиот начин на живеење, односно се формираат првите вистински населби. За населбата Пештерица лоцирана на природно возвишение во близина на Прилеп може да се кvrаже дека е најстара неолитска населба во Македонија. Оваа теорија се поткрепува со откривањето на полуземјанките како единствен тип на живеалиште и доминантното присуство на земјена грнчарија со погруба изработка. Археолошките ископувања на оваа населба се извршени во 1976 година. Во прилепскиот дел од Пелагонија се истражени неколку населби кои припаѓале на регионалната среднонеолитска културна група Велушина Породин, таканаречена според двете населби во близина на истоимените села во битолско. Тоа се Чука кај село Тополчани (истражувана во 1975 година), Радин Дол во близина на Прилеп (истражувана во 1976 година) и населбата Врбјанска Чука кај село Славеј (истражувана од 1979 до 1989 година), а со рекогносцирање потврдено е постоење на населба со припадност на оваа културна група и во месноста Ѓумушица на самата периферија од градот.

Карактеристично за повеќето населби од оваа група е тоа што биле подигнати на вештачки возвишенија тумби. Куќите биле надземни и градени во вообичаената техника на куќен лепеж. Во внатрешноста на една поголема градба во населбата Врбјанска Чука откриен е уникатен објект “олтар” , кој се состои од еден поголем четвртаст простор (2 х 2 метри) и четири помали странични реципиенти. Овој објект со култна намена е мошне значаен сегмент во проучувањето на духовниот живот на жителите од оваа населба. Во керамичката продукција карактеристично е сликањето со бела боја кај садовите со црвена основа, а мошне специфични предмети кои исто така зборуваат за високо развиен духовен живот на носителите на културната група Велушина - Породин претставуваат многубројните мали куќни жртвеници кои се јавуваат во форма на масички на четири скалести нозе и во форма на модели на куќа затворена и отворена. Кај моделот на затворена куќа особена појава се антропоморфните цилиндри кои највероватно имагинарно ги прикажуваат заштитницте на куќата домот. Овие модели на куќи имаат сличности со жртвениците со претстава на култната божица на плодност Големата Мајка, откриени во среднонеолитските населби во скопско.

Во доцниот неолит се датираат најраните културни слоеви од населбата Градиште кај село Дебрешете (истражувана во 1964 година), населбата Али Чаир во самиот град (истражувана во 1969 година), постарата фаза од населбата Могила кај село Сенокос (истражувана во 1970 година) и населбата Кутлине кај село Ракле (истражувана во 2002 година). Градиште, Али Чаир и Кутлине се вклучуваат во внатрешно балканскиот доцнонеолитски Винчански културен комплекс, за кого карактеристични се садовите со сјајно полирана црна површина украсена со канелирана орнаментика и дршките во форма на рог. Во овој културен круг можат да се сместат и локалитетите Прчинога кај село Дуње и Ѓерамиди во близина на село Чаниште во Мариово, со оглед на истородниот движен археолошки материјал откриен при извршените рекогносцирања.

За разлика од нив, постарата фаза од населбата Могила припаѓала на културите од таканаречената Преодна зона, во која се преплетени влијанијата од Винчанскиот од една и Јадранско медитеранскиот културен круг од друга страна. Во Пелагонија со припадност на оваа зона е детерминирана културната група Мала Трнска тумба. Иако малубројни, мошне значајни се наодите од локалитетот Тумба кај село Боротино кои упатуваат на постоење на уште една населба во рамките на оваа група. Енеолитот е преоден период од неолитот во ерата на металите и временски се протега од крајот на IV милениум до крајот на III милениум од старата ера. Во прилепскиот дел од Пелагонија и од Мариово истражени се неколку населби од оваа епоха.

Населбите Бакарно Гумно кај село Чепигово (истражувана во 1959 година) и Крушеанска Чука (истражувана во 1979 година) припаѓале на регионалната рано и средно енеолитска културна група Шуплевец - Бакарно Гумно, која се сместува во рамките на поширокиот југоисточен балкански културен комплекс Бубањ Хум Салкуца Криводол. Врз основа на движниот материјал собран со рекогносцирања евидентирани се енеолитски населби и на локалитетите Каменица во близина на Прилеп и Прчинога и Ѓерамиди во Мариово. Во облиците на садови доминираат чиниите со вовлечен горен дел, а од техниките на украсување застапени се графитното сликање, канелирањето и техниката на лажен шнур. Во пластиката карактеристични се женските статуетки со отвор за вденување на главата.

Во доцниот енеолит се датираат помладата фаза на населбата Могила, како и населбите Трештена стена кај село Манастир во Мариово (истражувана во 2001 и 2003 година) и Големи камен кај село Лопатица (истражувана во 2003 година). Во земјената грнчарија карактеристични се садовите кои имаат пластично извлечени држалки проширени во горниот дел, а во орнаментирањето специфични се мотивите изведени во техника на браздесто врежување. Наодите од спомнатите населби наоѓаат аналогии во енеолитските култури Костолац и Вучидол. Почетокот на бронзеното време во Македонија се поврзува со стабилизација на индоевропските групи по нивното продирање и доселување на преминот од III во II милениум од старата ера, при што дошло до мешање со автохтоното население.

Во раното бронзено време се сместуваат најмладите фази од населбите Бакарно Гумно и Могила, кои наоѓаат паралели во културната група Арменохори во грчкиот дел на Пелагонија. Со археолошки рекогносцирања како бронзенодопски локалитет е евидентиран Тумба кај село Мало Коњари.

Тумулот на локалитетот Три дабици кај село Крушевица во Мариово исто така може да се смести во оваа епоха. Со археолошките ископувања извршени во 2002 година се откри централна камена куполаста конструкција, оградена со масивен ѕид и влез од западната страна. Ова комплексно архитектонско решение најверојатно имало улога на кенотаф или култен објект со посебна намена на кој се препознаваат компоненти од степски влијанија.

Во керамичката садова продукција во бронзената епоха како нова појава се лентестите дршки кои го надвишуваат венецот на садовите, а кај поголемите садови преовладуваат украсните пластични ленти со отпечатоци од прсти. Времето од XIII до X век од старата ера може да се определи како преоден период од бронзено во железно време. Тоа е време на т.н. Голема егејска преселба, при што се шират нови културни елементи на овие простори. Во овој период едновремено се практикувале два основни погребни ритуали, спалување и инхумирање.

Иако не постојат доволно елементи за прецизно датирање, сепак во овој преоден период хронолошки може да се смести гробот со урна со остатоци од кремирана жена, откриен во една пештера процеп на локалитетот Светец во Варош во 1966 година. Ваквиот начин на погребување во природни процепи или пештери се толкува како принесување жртва на хтонските божества од долниот свет, чии влезови се токму тие процепи или отвори во пештери. Со археолошки ископувања во 1968 година на една локација во Варош е откриено Керамичко депо, односно поголемо количество од фрагментирани садови со релативно големи димензии. Застапените форми на садови се датираат во преодниот период од бронзено во железно време.

Во 2001 година е истражен тумулот на локалитетот Страгата кај село Крушевица во Мариово со пречник од околу 18 метри. Беа откриени 77 гробни конструкции, дел од нив радијално распоредени и оградени со прстенест ѕид. Повеќето керамички фрагменти пронајдени во насипот укажуваат дека почетоците на погребувањето во тумулот треба да се бараат кон крајот на Бронзеното и почетокот на железното време. Тумулот бил користен за некропола и во Средновековниот период. Најкарактеристична форма на сад која е присутна во Керамичкото депо и во тумулот на локалитетот Страгата е кантаровидниот сад со две вертикални дршки што го надвишуваат венецот со мат боена декорација. Тој е новина на овие простори и претставува локална керамика инспирирана од микенските садови или како нивна имитација. Евидентирани се две рамни некрополи со инхумирани покојници и тоа на локалитетите Сивец кај село Присад (1965 година) и во Варош (1968 година). Се работи за некрополи со гробови од типот циста - оградени, покриени и во некои случаеви поплочени со камени плочи. Покојниците биле положувани во згрчена положба. Како гробни прилози поврзани со погребниот ритуал пронајдени се земјени садови, накит и еден бронзен меч од типот “Нензинген”.

Железното време се дели на рана и развиена фаза. Во раната фаза во времето од X до VIII век од старата ера сеуште се чувствуваат последиците од претходните настани, но и од одредени нови влијанија од страна. Во однос на погребувањето гробовите се организирани на два начини, како рамни некрополи или под тумули. На оваа фаза и припаѓаат гробовите од типот на циста откриени на локалитетите Попадин Дол во близина на Прилеп (истражувани во 1959 година) и Ракида кај село Тројаци (истражувани во 1962 година). За разлика од претходниот период покојниците се погребувани во испружена положба, а секако најкарактеристични наоди претставуваат големите бронзени лачни фибули од “либурнски” тип. Како гробни прилози евидентиран е и разновиден накит (белезици, прстење). Во раната фаза на железното време може да се смести и Тумулот I на локалитетот Барата кај село Чаниште во Мариово. истражен во 1994 година. Тоа е двоен тумул кој припаѓал на типот на т.н. родовско клановски тумули со најстар централен гроб и повеќе подоцнежни погребувања во гробови од типот на циста, радијално распоредени околу него.

Во текот на развиената фаза на железното време од VIII до VI век од старата ера се воспоставуваат стабилни услови, при што расне јасно изразената свест за етно племенската припадност на популациите кои ги населувале овие простори. На оваа фаза и припаѓаат единечните гробови од типот на циста со покојници погребани во испружена положба откриени во Варош во 1960 година и на локалитетот Касарни во Прилеп во 1966 година. Од наодите во овие гробови откриени се садови украсени со шрафирани триаголници и наочарести бронзени фибули без осумки меѓу дисковите.