Графиката е ликовна дисциплина чија техника се заснова врз принципот на умножување на цртеж издлабен во дрво или метал. Нејзините предвесници ги наоѓаме во археолошките наоди, кои зборуваат дека уште многу одамна човекот во влажна глина втиснувал разни орнаменти и знаци. Пример за тоа се цилиндричните печати во Месопотамија, а во доцната Антика и рана Византија калапите за ковање на монети и оловни печати. 

На балканските простори графиката се појавува во XV век, но само како илустрација на црковни книги. Во XVI век на Света Гора формирани се првите работилници во кои монасите режеле дрвени плочи за печатење. Меѓу нив имало и монаси од Македонија кои по изучувањето на занаетот отварале свои локални работилници. Овие дрворези биле мошне едноставни и груби како на пример дрвените шаралки за леб и издлабените икони во дрво со доста едноставна иконографска содржина. Клишето од велешкото село Согле датира од крајот на XVI или почетокот на XVII век и на него се издлабени допојасни фигури на Исус Христос Пантократор, Св. Богородица со Христос и Св. Петар и Св. Павле. Од 1703 година датира клишето за икона на која е претставен Св. Архангел Михаил режано од Никола Поповиќ за братството на манастирот Св. Јован Претеча во село Слепче, демирхисарско.

Покрај дрворезот во овој период се појавува и бакрорезот. Техниката на бакрорез е гравирање на бакар по пат на фино режење или нагризување со киселина која му дозволувала на уметникот да постигне повпечатливи тонски вредности и пластичност. Првите бакрорези на Балканот доаѓале од атељеата во руско-украинските центри, Венеција и Виена, каде оваа техника се усовршила уште во XVI век.

Основоположник на балканската графика е Христифор Жефаровиќ кој потекнува од свештеничко семејство од Дојран. Бил искусен зограф, а техниката на бакрорез ја изучил во Виена. Тој започнал да изработува поединечни графички листови какви дотогаш можеле да се нарачаат само во големите центри, како Виена, Венеција, Москва, Киев и други. Во XIX век халкографијата доживеала највисок подем на Света Гора. Графичките листови или “книжни икони” како што популарно ги нарекувале, претставувале “еулогии” (благослов) од Света Гора и биле дистрибуирани ширум целиот Балкан. Во овој период на Света Гора работеле четири халкографски атељеа во манастирите Иврион, Хиландар, Велика Лавра и Кутлумуш. Во нив бакрорезите биле работени според стандардни иконографски решенија од иконописот и живописот.

Графичките листови откриени во црквите “Св. Димитрија” во Варош и “Св. Благовештение” во Прилеп чиј број достигнува преку 200 фрагменти и цели листови е драгоцено богатство кое допрва ќе биде предмет на студиозни истражувања. Потекнуваат главно од светогорските манастири Зограф, Хиландар, Ватопед и Иврион и на нив се претставени самите манастирски комплекси. Собрани на едно место тие претставуваат впечатлива ликовна хроника за Света гора која оставила трајни сведоштва за времето, луѓето, нивната култура и нивниот духовен живот. Нема сомневање дека во XVIII и XIX православното население од Балканскиот Полуостров најмногу податоци за Света Гора добивало токму преку графичките листови. Преку Халкидик, Тракија и Бугарија, монасите од Света Гора доаѓале во Македонија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Фрушкогорските манастири. Носејќи со себе графички листови тие на православното население му ја објаснувале историјата на Светогорските манастири, култовите на светителите, чудотворните икони и друго. После таквите посети светогорските графики биле поклонувани како благодарност за даровите кои православното население ги давало за Светогорските манастири. При една ваква посета на Светогорски монаси најверојатно се донесени и графичките листови, откриени во црквите “Св. Димитрија” во Варош и “Св. Благовештение” во Прилеп.

Од графичките листови со претстава на манастирот Хиландар секако најзначаен е оној чиј автор е познатиот српски бакрорезец Захариј Орфелин изработен во 1799 година по нарачка на старецот кир Атанасије Обрадовиќ. Единствениот досега зачуван лист со оваа претстава се чува во Историскиот музеј во Хрватска. На Орфелин му припаѓаат и двата графички листови со претстава на ктиторите на манастирот Хиландар, “Св. Сава” и “Св. Симеон” со моделот на црквата во рацете. Единствениот до сега познат лист се чува во српската црква “Св. Никола” во Риека.

На непознат автор му припаѓа графичкиот лист на кој е претставен манастирот Ватопед. Листот е печатен во 1792 година во печатницата на Антонио Бартоли во Венеција. Покрај изгледот на манастирот Ватопед во средината на листот, овде се претставени ктиторите цар Теодосиј Велики и Св. Сава. На манастирот Ватопед му припаѓаат и графичките листови со претстава на Богородица Ватопедини “Заклана” . Таа е иконографски тип на Богородица Одигитрија, на чиј образ по барање на нарачателот, а според легендата, била насликана рана од која капе крв. Клишето во 1763 година го изработил мајсторот Антониј Џовани Џулијани во Венеција. Во прилепската колекција се наоѓаат 10 листови со оваа претстава. Меѓу останатите поинтересни претстави се вбројуваат чудотворните Богородичини икони Портаитиса - Иврионска, Троеручица, Богородица со роза, Св. Ана и Св. Богородица, Св. Катерина, потоа Страшниот суд, Деисиз, Св. Троица, Св. Јован Рилски, Св. Архангел Михаил, Св. Ѓорѓи и други. Меѓу овие графички листови се наоѓаат делата на: Партениј од Закинтос, монахот Кирил, Антим од Пелопонез, Јован Константину Калид, Томас Исидор Пенто, монахот Теодосиј и други.

Истражувачките работи врз овие графички листови се во тек, а благодарение на соработката со конзерваторската лабораторија во НУБ - Скопје четириесетина графики се веќе во фаза на конзервација и во најскоро време треба да бидат презентирани пред пошироката јавност.