Со доаѓањето на Османлиите на Балканот прекината е нишката на иконописното и живописното творештво на територијата на денешна Македонија. Турските власти ги респектирале старите цркви и манастири, но забраниле да се градат нови. Поради тоа, фрескосликарството постепено ги напушта тогашните културни центри и воопшто градските средини и преоѓа во селските средини, каде тајно се граделе нови цркви.

 

Во овие услови фрескоживописот и понатаму продолжува да егзистира, но се разбира не со оној занес и перфекција од претходниот период. Зографите и иконописците образованието го добивале во некоја од локалните сликарски работилници или биле необразовани, така што сликарството во поствизантискиот период во уметнички и теолошки поглед доста заостанува зад сликарството од претходниот византиски период.

Во населбата Варош, позната по занаетчиската и уметничка традиција која доживува највисок процут во XIV век, по падот на државата на кралот Марко нов живопис добива само малата црква “Св. Богородица Пречиста”. Во лунетата над влезната врата е претставена Св. Богородица со Христос. Долгиот посветен натпис на надвратникот е доста оштетен, така што едвај можат да се прочитаат имињата на киторите Павле и Радослав и годината на живописување 1420/21.

Ликот на Богородица Оигитрија, иако јасен во контурите, мошне е оштетен, така што не може многу да се зборува за квалитетите на уметничката постапка. Општата поставеност на фигурите и убавината на цртежот на сочуваните делови на облеките на Богородица и Христос, сведочат дека мајсторот израснал во една средина во која уметноста имала традиција. Овде се чувствуваат сигурните вредности на пелагониското сликарство од втората половина на XIV век во чиј што развој посебно место завземала работилницата на митрополитот Јован и јеромонахот Макариј, кој најверојатно ја насликал оваа фреска. Во 1990 година без одобрение од Завод и Музеј - Прилеп, фреската е пресликана со нов слој на маслена боја.

Живописот во наосот и олтарот е скоро целосно уништен од пожарот што црквата ја зафатил во седумдесеттите години на XX век.

Црквата “Св.Илија” во село Долгаец е подигната во 1451 година, а живописана во 1454/5 година. Ктиторскиот натпис над јужниот влез истакнува дека сите “мали и велики” жители на Долгаец биле заслужни за подигнувањето и живописувањето на црквата посветена на Св. Илија Тесвиќанин. Таа претставува прво целосно остварување од времето на османлиската власт во прилепско - битолскиот крај. Програматата на живописот во неа сведена на основните едноставно изложени целини кои течат во мирен ритам, содржи особености, кои да не станува збор за мошне низок степен на уметничка изведба, би можела да има влијание од охридската школа.

Во 1999 година извршена е превентивна заштита на живописот.