После надминувањето на иконоборската криза, поради близината на Византија, во Македонија уметноста доживува голем подем. Прифаќајќи го византискиот стил како сопствен начин на уметничко творење, македонските словени стануваат активен фактор давајќи свој придонес во општите текови на неговиот развој.

 

Прилеп е еден од центрите во Македонија во кој што византиската уметност доживува свој процут. За живописување на црквите и манастирите покрај локални, биле повикувани и мајстори од Цариград и Солун, кои творејќи на овие простори покажале дека се работи за високо образувани уметници кои токму овде го постигнале врвот во своето уметничко и теолошко творештво. Повеќето од нив и во најстрогата ликовна валоризација добиваат високо место во историјата на уметноста не само кај нас, туку и пошироко.

Најстари сликарски дела во прилепскиот крајсе остатоците од фрески пронајдени за време на археолошките истражувања во седумдесеттите години на XX век во црквата “Св. Архангел Михаил” во Варош. На еден срушен ѕид под подот на црквата е насликана Ктиторска композиција на која е претставено како Св. Никола членовите на едно кралско семејство ги приведува пред Исус Христос. Сите досегашни сознанија водат кон тоа дека овој ѕид е дел од најстарата црква која потекнува од XII век и најверојатно била посветена на Св. Никола. На мошне талентиран зограф од втората половина на XIII век му се припишуваат фреските во западниот дел од црквата. Иако доста оштетени, овие фрески покажуваат дека биле насликани композиции од циклусите на Страдањата Христови и Чудата на Св. Архангел Михаил. Десно од влезната врата во првата зона е насликан ктиторот на црквата, големиот хартулар на западот Јован, со моделот на црквата во рацете.

Од двете страни на влезот на западната фасада во цел раст се насликани фигури на кралот Волкашин и неговиот син Марко. Сликањето настанало веројатно после 1371 година, што може да се заклучи по божјата рака која става круна на главата на Марко и белата облека што Марко ја носи во знак на жалост кон неговиот починат татко.

Во 1981 година отпочнат е процесот на конзервација на живописот.

На доста конзервативен зограф од XIII век му припаѓа живописот во олтарниот простор на централниот брод во црквата “Св. Димитрија” во Варош. Северно од иконостасот насликано е попрсје на Св. Богородица со Христос под кое е испишан текст во кој молитвено се споменува византискиот цар Андроник ИИ и неговата жена Ирина. Ктитор на големата обнова на црквата во XIII век, а во исто време и нарачател на живописот бил византискиот властелин Димитрие Мисинополит, чија ктиторска композиција е насликана на северниот ѕид во јужниот брод. Околу 1380 година повисоките зони во црквата се насликани од познатиот зограф митрополитот Јован кој живеел и творел во Манастирот “Св. Преображение” во село Зрзе.

Во 1960 е започната конзервација на живописот која траела до 1970 година. Во овој период во покривот на црквата биле пронајдени стотина графички листови од XVII - XIX век.

Живописот во црквата “Св. Никола” во Варош е работен во две фази. Независно од натписот на северниот ѕид во кој стои дека црквата е живописана во 1298 година по нарачка на византискиот властелин Векос Капза и неговата жена Марија, живописот во апсидата се разликува од останатиот живопис и според стилските карактеристики се датира кон крајот на XII или на самиот почеток на XIII век. Тоа е декорацијата во олтарната апсида каде се претставени четири архиереи во Литургиска служба со сцената “Мелисимос”, во центарот, Богородица Ширшај Небеса фланкирана од двете страни со архангелите Михаил и Гаврил, како и декорацијата во лунетата на западната фасада каде е насликан патронот на црквата Св. Никола.

Во 2002 година направена е превентивна заштита на живописот на сводот и горните зони на северниот и јужниот ѕид.

Јасна слика за сликарството во втората половина на XIII век нуди живописот во црквата “Св. Никола” во село Манастир. Живописувањето е завршено во 1271 година за време на владеењето на Михајло VIII Палеолог. Долгиот натпис испишан на грчки јазик во централниот брод ја објаснува историјата на црквата. Во него стои дека црквата е живописана во 1271 година по желба на Јоаникие кој откако се замонашил го променил името во Акакие, а живописувањето било извршено под раководство на Ѓакон Јован, “референдар на пресветата архиепископија” , кој повикал повеќе истакнати мајстори да ја живописаат оваа црква.

Големиот иконографски репертоар застапен на фреските во црквата “Св. Никола” што делумно го дозволува и самата големина на црквата, е насликан со доста солидни теолошки познавања за што најзаслужен несомнено бил ѓаконот референдар Јован. Тука се присутни сцени од главните црковни празници, сцени од животот на Св. Никола, воини, маченици, епископи, монаси, пророци и друго. Посебно внимание заслужува декорацијата во олтарната апсида каде централно е насликана Св. Богородица Ширшаја Небеса, фланкирана со архангелите Михаил и Гаврил од левата и десната страна, композицијата Причестување на апостолите, како и композицијата Дрво Есеево и Скалите на Јован Климак, а од посебните фигури на светители, фигурата на Климент Охридски.

Конзерваторско - реставраторските работи врз архитектурата и живописот започнале во 1965 година и траеле до 1970 година.