Црквата “Св. Илија” во село Долгаец е прво и целосно архитектонско остварување во раните години на турското владеење. Таа е мала еднокорабна гробишна црква, во основа со трапезоидна форма, рустично ѕидана со камен во варов малтер. На источната страна завршува со плитка правоаголна апсида, покриена со камени плочи. Карактеристична е и по сводот од троделен лак и обидите за декорација на јужната фасада со кршен камен во форма на рибина коска. Црквата е изградена и живописана 1454/5 година.

 

  Во 1999 година извршена е превентивна заштита на црквата, при што е заменета покривната конструкција и санирани одредени делови од ѕидната маса.

Непосредно над селото Зрзе на мало возвишување, на терен во пад се наоѓа црквата “Св. Никола” . Засведена е со полуобличест свод и покрив на две води, со полукружна апсида на источната страна. Точниот датум на изградба на црквата не може со сигурност да се потврди, иако се знае дека тоа се случило пред 1459 година. Пред 1535 година во продолжение од северната страна е дограден параклис, а во XVII век и двата простори од западна страна добиле припрата. Црквата е живописана од сликарот Онуфрие во 1535 година, а фрески добиле и олтарниот простор во параклисот и западниот ѕид од црквата од надворешна страна.  

  На архитектурата на црквата се вршени конзерваторски работи во 1992, 1993, 1999 и 2004 година.

Црквата “Св. Богородица” во село Костинци е подигната како гробишна црква. Денешниот изглед се должи на неколку фази на изградба. Во првата фаза од 1624/5 година е подигната како мала еднокорабна црква, со полукружен свод и тристрана апсида на источна страна. По извесен период, во XVII век од западната страна црквата е проширена, со што добила припрата и трем. Црквата е живописана во сите нејзини делови. Во наосот се наоѓаат два слоја на живопис од XVII и XIX век, додека во припратата се среќава живопис од XVII, XVIII и XIX век.  

  Во 1995 година е изработен проект за конзервација на архитектурата и живописот, а во периодот од 1997 - 2000 година проектот е реализиран, при што е извршена целосна конзервација на црквата.

  Податоци за времето и приликите на изградба на црквата “Св. Атанас” во село Рилево се наоѓаат во ктиторскиот натпис над бифората, на јужниот ѕид од внатрешна страна. Во тој натпис е назначено дека црквата е изградена во 1627 година, од мајсторот Иван од Кичево и зографот Јон од Костур. Црквата е изградена од кршен камен во варов малтер како мала еднокорабна, со полуобличест свод и петтострана апсида на источна страна. Карактеристична е по присуството на фреско декорација со претстава на “Архангел Михаил” и “Архангел Гаврил” на источната фасада над апсидата.

  Црквата “Св. Атанас” во село Галичани е осамена поствизантиска црква која се наоѓа јужно од Прилеп. Според анализите на останатиот дел од фрескоживописот, како и според архитектурата оваа црква спаѓа во групата на споменици на културата кои се изградени и живописани во првата половина на XVII век. Аналогно на останатите, и црквата “Св. Атанас” по својата градба е мала еднокорабна, со издолжена основа и поскромна архитектура, пред се поради вкпоаноста во земја.

  Во 1999 година извршени се заштитни интервенции, при што е консолидирана целата архитектура на црквата, а извршено е и препокривање и реконструкција на камбанаријата.

Во непосредна близина на селото Дреновци, на мало возвишување, се наоѓа црквата “Св. Атанас” . Црквата е мала, еднокорабна, со полукружна апсида на источна страна, ѕидана од кршен камен во варов малтер, грубо малтарена и бело обоена. Единствените фрески во апсидата, стилот и големината на објектот, ја датираат црквата како објект од првата половина на XVII век. Останатиот дел од ѕидните површини е без присуство на живопис.

Манастирската црква “Св. Никола” во село Слепче претставува последна црковна градба од турско време во прилепскиот крај. Тоа е еднокорабна градба со упростено архитектонско решение без надворешна апсида, што значи едно од поретките решенија на сакралните објекти од поствизантискиот период. Засводена е со високо поставен полукружен свод, покриен со двоводен покрив од турска ќерамида. За времето на нејзиното настанување и живописување се дознава од ктиторскиот натпис кој се наоѓа над влезната врата од внатрешна страна, каде стои годината 1672. Од натписот се дознава името на главниот зограф Стојан, кој како добар познавач на иконографијата малите ѕидни површини ги исполнил со повеќе сцени и фигури. Во црквата се наоѓа резбарен иконостас со Голем крст кој датира од XVII век.

Во 1998 година превземена е превентивна заштита на живописот, во 2001 година е извршена конструктивна консолидација и препокривање, а во 2004 чистење и консолидација на живописот.