Црквата “Св. Никола” во Варош е еден од најзначајните објекти во Македонија од византинскиот период, од чии фасади лесно може да се согледаат две градителски фази. Првобитната, мала еднокорабна црква изградена од камен со користени антички сполии, била подигната околу 1200 година. Втората градителска фаза, односно денешниот изглед на црквата со богата керамопластична декорација на фасадите датира од 1298 година и е одраз на карактеристичните движења во доцно - византиската архитектура.

 

Во 1959 година се започнати археолошки истражувања во црквата и околу неа, а процесот на конзервација на архитектурата и живописот на црквата е реализиран во 1961 и 1962 година. Во 1977 година е изведен дренажен канал околу црквата, а после истражувачките работи на покривната конструкција е поставен привремен покрив. Во 2000 година е изработен проект за конструктивна консолидација и конзервација на покривната конструкција, а проектот е реализиран во 2003 година.

Црквата “Св. Димитрија” во Варош е комплексна градба од повеќе фази реализирани во XIII и XIV век. Во денешниот облик таа од надвор делува како крстовидна црква со купола со дванаестостран тамбур, со тоа што јужното крило е на пониско ниво од другите. Во обработката на фасадите е употребена богата керамопластична декорација.

Археолошките истражувања во и околу црквата “Св. Димитрија” се започнати во 1959 година и продолжени во 1965 година, додека од 1960 година започната е конзервација на живописот која трае до 1970 година. Конзерваторско-реставраторски работи на архитектурата на црквата се изведени во 1968 година. Во 2003 година е извршена конзервација на покривната конструкција и препокривање на црквата.

Првобитната црква во манастирскиот комплекс “Св. Архангел Михаил” во Варош подигната во XII век била мала еднокорабна црква со полукружна апсида, врз која подоцна на западната страна е доградена припрата со купола на пандантифи, која што подоцна е срушена. Денешниот облик манастирскиот комплекс го добива после големата градителска активност во 1861 година, кога се изградени конаците и кулата камбанарија над тремот на црквата. Манастирските конаци се прекрасен пример за високите естетски квалитети на нашето градителство и префинетото чувство на градителот за вклопување на архитектурата во природниот амбиент и конфигурација на теренот. Двата монолитни камени столбови врз кои се потпира покривната конструкција на тремот, се остатоци од антиката. На северниот столб откриен е врежан натпис од 996 година во кој се споменува епископот Андреа. Ова е втор по старост словенски запис со кирилски букви.

Во 1964 година се започнати археолошки истражувања во црквата и околу неа, а во периодот од 1964 од 1969 година врз западниот конак е извршена конзервација и реставрација. Кулата камбанарија изградена над тремот со последните конзерваторско-реставраторски работи коишто беа превземени врз црквата во осумдесеттите години, беше срушена и беше реставрирана куполата над припратата. Во 1981 година отпочнат е процесот на конзервација на живописот. Во 1995 година е изработен проект за реставрација и конзервација на источниот конак на манастирот. Од 1999 до 2004 година се изведоа санационо - конзерваторски зафати врз одводните канали за атмосферската вода и канализационата мрежа, околу и во западниот конак, како и санационо конзерваторски работи проследени со реконструкција на одделни најзагрозени партии од оградниот ѕид од манастирскиот комплекс.

Комплексот цркви во манастирот Зрзе е составен од црквата “Св. Преображение” подигната во XIV век и црквата “Св. Петар и Павле” подигната во XVII век. Концепцијата на основата на целиот црковен комплекс, заедно со темелните ѕидови на јужната страна од црквата “Св. Преображение” ни даваат за право да тврдиме дека црквите се подигнати врз темелите на ранохристијанска базилика. Првобитната црква е еднокорабна градба засведена со полуобличест свод, на чија западна страна е подигната припрата живописана во 1369 година. Тремот е изграден во времето на подигањето на црквата “Св. Петар и Павле”.

Конзерваторско-реставраторските работи на црковниот комплекс се изведени во периодот околу 1963 година. Во периодот од 1997 до 1999 година работено е на препокривање на црковниот комплекс со нов покрив, конзерваторско-реставраторски работи на кулата-камбанарија на северната и јужна порта од манастирскиот комплекс, како и на други интервенции врз црквите и манастирскиот комплекс.

Црквата “Св. Никола” во село Манастир во Мариово е изградена врз постар објект, а денешниот облик го добила во 1266 година. Црквата е трокорабна базилика без нартекс, централниот брод е засведен, а страничните бродови се со отворена покривна конструкција. На источната страна корабите завршуваат со апсиди од внатре полукружни, а од надвор тространи. Живописувањето е завршено во 1271 година за време на владеењето на Михајло VIII Палеолог. Долгиот натпис во главниот брод ја објаснува историјата на црквата. Во него стои дека живописувањето е извршено под раководство на Ѓакон Јован, референдар на пресветата архиепископија, кој повикал повеќе истакнати мајстори да ја живописаат оваа црква.

Конзерваторско-реставраторските работи на архитектурата и живописот на црквата “Св. Никола” се извршени во периодот од 1965 до 1970 година. Во 2004 година се отпочна со реализација на проектот за конзервација на црквата и останатите објекти во комплексот, првично со консолидирање на конструктивниот систем на објектот со уфрлување на темелни армирано-бетонски греди, по претходно извршени археолошки истражувања во внатрешноста на објектот.

Манастирскиот комплекс Трескавец со црквата “Успение на Св.Богородица” е подигнат врз постаро култно место. Црквата е изградена во XIII век, а обновена за време на крал Милутин. Подоцна неколку пати манастирскиот комплекс е рушен и обновуван. Од денешниот облик на црквата јасно можат да се забележат најмалку шест градежни фази. Јадрото на денешната манастирска црква е еднобродна градба со централна купола на источната страна и завршува со апсида од внатре полукружна, а од надвор петтострана. На западната страна кон наосот е доградена припрата со квадратна основа, покриена со голема слепа купола. Кон припратата од јужната и од западната страна е дограден егзонартекс со два бочни компартименти покриени со куполи. На северната страна е доградена мала капела. Последната фаза е тремот дограден на западната и јужната страна од објектот. Во внатрешноста на црквата се наоѓа двокрилна резбарена врата која датира од XVI век и припаѓа на прилепско - слепчанската школа.

Конзервација врз живописот е извршена во 1959 година. Во 1990 година во голем пожар изгореа сите конаци на манастирскиот комплекс, единствено црквата и старата трпезарија останаа недопрени од пожарот. Во периодот после пожарот е изработен проект за реставрација на манастирските конаци и реставрација на истите.