Концентрацијата на богато архитектонско културно наследство во Прилеп и неговата околина ја иницира потребата од формирање на Одделение за архитектура во рамките на Народниот музеј во 1981 година. Состојбата на спомениците на култура во поширокото прилепско подрачје наложувала, во еден подолг временски период пред 1981 година, врз нив да се извршат истражувачки и конзерваторски работи. Така, стручни екипи од Републичкиот завод за заштита на спомениците на култура - Скопје интервенирале на црквите “Св. Никола” во Варош (1961 година), “Св. Никола” во село Манастир, Мариово (1965-1970 година) и “Св. Архангел Михаил” во Варош (1980-85 година).

 

Потребата од извршување на повеќе дејности кои произлегуваат од состојбата на културното наследство, неговата намена како и степенот и видот на загрозеност, определиле активностите во Одделението за архитектура да се развиваат во повеќе насоки.

Еден од главните приоритети при отпочнувањето со работа на одделението беше изработка на документација за постојната состојба на недвижното културно наследство. Изработени се дескриптивна, техничка и фото документација за поголем број на значајни објекти од сакрална и профана архитектура, односно за цркви од византиски и поствизантиски период, како и за дуќани во Старата чаршија.

За поцелосен преглед и утврдување на состојбата и бројност на спомениците на културата во периодот од 1988 до 1991 година извршени се евиденција и увид во состојбата на недвижното културно наследство. При тоа, евидентирани се сите цркви во населените места на територијата на општината Прилеп, од кои поголемиот дел се од XIX век, но исто така регистриран е и одреден број на поствизантиски цркви кои дотогаш не беа познати во стручната литература.

Во Одделението за архитектура е изработена фото и техничка документација за повеќе позначајни објекти од градската архитектура.

Во последните години се изведува и проект за евиденција и увид во состојбата на објекти од руралната архитектура во селата во прилепскиот дел од Пелагонија и Мариово.

Со развојот на Одделението за архитектура и дооформување на неговиот кадровски потенцијал се отпочна со истражувачки работи, изработка на проекти за заштитни интервенции и конзерваторско реставраторски работи врз значајни објекти - споменици на култура, како и нивна реализација.

Освен од заштитната дејност, одделението третира области и од музејската дејност, односно работи на изготвување на документација при археолошки истражувања, како и на просторно дефинирање и естетско обликување на изложби од областа на археологија, историја, историја на уметност и етнологија кои ги организира НУ Завод и Музеј -Прилеп.