Одделение за заштита, конзервација и реставрација

Одделението за заштита, конзервација и реставрација во рамките на НУ Завод и Музеј - Прилеп функционира следствено на предложени и тековни програми и проекти за заштита и соодветни третмани на конзервација и реставрација на културното наследство.

Во Одделението за заштита, конзервација и реставрација при НУ Завод и Музеј - Прилеп тековно се третира целокупниот музејски движен материјал од керамика, метал, дрво, стакло, коска и др. од Одделенијата за археологија, етнологија, историја и историја на уметност.

Исто така работено е при поставувањето на постојаните изложбени поставки во Меморијалниот музеј “11 Октомври 1941” (каширање на фотографии), Музејот за тутун и Меморијалниот музеј “Кузман Јосифоски-Питу” (конзерваторско - препараторска обработка на изложените предмети) .

Раководителот во ова одделение активно учествува на археолошки ископувања на матичната институција, но и на археолошки ископувања вршени од други институции (локалитет Стоби, локалитет Могила, битолско), како и во конзерваторско - препараторско третирање на движен археолошки материјал (конзервација на метал од Завод и Музеј - Битола, реконструкција на керамика од локалитет Кале, Скопје).

Во последните години се реализирани значајни поединечни и заеднички проекти за заштита на повеќе сакрални објекти - споменици на културата. Резултати од финализирани проекти и проекти што се во тек во однос на заштита и конзервација на живописот се евидентни во повеќе такви објекти : црквата “Св. Никола” во Варош (2002 година), црквата “Св. Богородица” во село Костинци (2003 година), манстирската црква “Св. Никола” во село Слепче (2004 година), црквата “Св. Никола” во село Зрзе (2004 година) и црквата “Св. Ѓорѓи” во село Слепче (2004 година). Приодот кон заштитата и конзервација на живописот во сакралните објекти е различен и посебен заради сепцифичноста на неговите оштетувања, факторите што довеле до нив и состојбата во која се наоѓа самата основа и боениот слој.

Одделението за заштита, конзервација и реставрација соработува со истородни институции во Република Македонија во реализација на заеднички проекти : конзервација на живопис во црквата “Св. Богородица” Каменско во Охрид (соработка со Републичкиот завод за заштита на спомениците на култура- Скопје и Заводот за заштита на споменици на култура и Музеј - Охрид, 2002 година) и конзервација на оружје и други предмети за трајната изложбена поставка во Музејот на Смилевскиот конгрес во село Смилево (соработка со Заводот за заштита на споменици на култура и Музеј - Битола, 2004 година).

По повод јубилејот 50 години на НУ Завод и Музеј - Прилеп се изврши реконструкција, конзервација и реконзервација на археолошки предмети наменети за новата Постојана археолошка изложбена поставка.