Збирката на епиграфски споменици и камена пластика на НУ Завод и Музеј - Прилеп содржи над 100 експонати: надгробни стели, епиграфски натписи, скулптури, ари, архитектонска камена пластика, сончев часовник (хорологион), релјефни бисти, вотивни релјефи, антропоморфни стели, капаци од урни и еден милјоказ. Најрепрезентативни наоди претставуваат мермерната антропоморфна пластика и епиграфските споменици од античка Стибера, мермерни надгробни стели и ари од повеќе археолошки локалитети, од кои дознаваме за духовноста и верувањето во задгробниот живот на нашите предци. Преку мермерната антропоморфна пластика можеме да дознаеме не само за нивните уметничките достигнувања, туку и за нивната историја, култура и општествените случувања во тоа време. Во збирката изложена во Лапидариумот се наоѓа и група на вотивни споменици, од кои дознаваме за нивните култови и верувања. Од архитектонската камена пластика се изложени декоративни елементи од античкиот град Стибера, како и неколку архитектонски елементи од ранохристијанскиот период, со исклучителна уметничка вредност во изработката.