Паркот на револуцијата кој се наоѓа на јужната периферија на Прилеп е хортикултурно уреден со високо растителна борова шума и нискорастителна зимзелена флора. Во спомен на своите паднати борци во НОВ од 1941 до 1945 година, во 1961 година градот Прилеп го подига монументалниот споменик “Могилата на непобедените” во рамките на овој Парк. Споменикот е со полукружна форма со внатрешен дел кој по целата вертикална површина е поплочен со бели мермерни плочи. На него се испишани имињата на 462 паднати борци од Прилеп и прилепско, а во криптата се наоѓаат нивните посмртни останки. Во атриумот се издигаат осум мермерни урни кои го симболизираат формирањето на партизанските одреди и нивно прераснување во поголеми воени формации. Автор на проектот е белградскиот архитект Богдан Богдановиќ. Паркот на револуцијата за споменик на култура е прогласен во 1989 година.