Во текот на Балканските војни (1912-13 година) во прилепскиот регион се водат жестоки борби. По поразот на Турците и нивното протерување од Македонија, Прилеп се нашол во составот на кралството Србија.

Поради близината на Солунскиот фронт, крајот на Првата светска војна (1914-1918 година) Прилеп го дочекал ограбен и економски исцрпен. По нејзиното завршување градот влегува во рамките на Кралството СХС, подоцна наречено Кралство Југославија. Новата држава не ги исполнила очекувањата на населението. Новите господари започнале со поголеми економски, социјални и национални угнетувања. Од друга страна ширењето на идеите на големата Октомвриска социјалистичка револуција во Русија довеле во 1919 година во Прилеп да се формира Комунистичка партија, што ќе услови во градот да се пројави жива револуционерна активност меѓу двете светски војни.