Турското присуство во Македонија, а со тоа и во Прилеп, во траење нешто повеќе од пет векови, оставило траги кои што и денес сведочат за тој период. Има малку познати податоци за Прилеп од XV-XVI век. За првите години од турската власт дознаваме од некои документи од Цариградскиот архив. Од турските пописни дефтери може да се согледа големината и структурата на тогашниот Прилеп. Така, според податоците од “Тапу тахрир дефтер” бр. 4 од 1467/68 година кога е извршен попис на домаќинствата во прилепската нахија, градот броел 438 домаќинства и бил поделен на 22 маала. Во градот живееле 2 075 христијани и 105 муслимани. Од профаната муслиманска архитектура од ова време сочуван е ѕидот на Куршумли Ан од XV век, срушен во 1955 година, а се наоѓа во центарот на градот.