ПРИЛАПОН, МАРКОВ ГРАД, ПЕРЛИПЕ, ПРИЛЕП, ГРАД ХЕРОЈ И ГРАД РИЗНИЦА НА ИСТОРИСКИ НАСТАНИ, ЛИЧНОСТИ И КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВО

02-51

Некогаш стратегиски и економски моќниот средновековен град Прилапон, како што го споменува византискиот император Василиј II, а подоцна со право нарекуван и Марков град, денес егзистира како периферија на новиот Прилеп. Но, упатениот посетител го препознава како извонредно складиште на паметници и старини - непишана страна на бурното минато. Вековите минувале, народите се сменувале, а на тоа мало пространство оставале свидетелства за својот живот, својата култура и уметност.

 Името на градот Прилеп (Прилапон) било предмет на интерес на повеќе ономастички трудови и за неговото потекло се искажани неколку различни мислења. Првиот научник што се обидел да го објасни името Прилеп е Петар Скок. Тој основата на името Прилеп го доведува во врска со старословенскиот глагол л±пити со значење “лепи” , имајќи го предвид тука пред сe, видот на населбата во која куќите биле ѕидани на тој начин така што се добивал впечаток дека тие биле залепени една до друга. Во старословенскиот речник на Миклошиќ е забележан апелативот прил®п??, но таму е наведено само неговото значење на “фластер “ .

И други научници се занимаваат со името на Прилеп, како што се ономастичарите А. Селешев, В. Шмилауер и С. Роспонд. Името на градот Прилеп може да е добиено со топонимизација на географскиот термин “прилеп” од старословенскиот прил?®п?? со значење блатно, мочурливо место, место покрај блато.

Кај нас поопстојно објаснување на името Прилеп направил Блаже Конески, односно според него тоа е образувано од личните имиња Прилепа и Прилепка, зачувани во руската антропонимија.

 Одбранбена кула од средновековниот град ПрилепИмето на средновековниот град Прилеп било пренесено на населбата што подоцна, во турско време, била изградена на оддалеченост од неколку километри од местото каде првобитно лежел градот. Денес, остатоци од некогашниот средновековен град се наоѓаат на локалитетот Маркови Кули и во приградската населба Варош, која всушност води потекло од прилепскиот подград.

Средновековниот град бил изграден на едно возвишение што доминира над пределот и што кај населбата Варош се спушта стрмно во полето. Тоа возвишение е составено од многу испокршени и измазнети камени грамади со чудесни облици и бои. Таму каде што природата не ги затворила пристапните места, човекот доградил високи ѕидови и масивни кули и на тој начин направил тешко освоива тврдина. На највисоката точка бил издигнат најутврдениот дел од средновековен Прилеп, горниот град. Под тоа орловско седело, на градските тераси и на други површини биле изградени куќи, цркви, како и други објекти.

Најстарите траги од животот на луѓето на просторот на средновековниот Прилеп им припаѓаат на неолитскиот и бронзениот период. На истиот овој простор се пронајдени остатоци од населба од железниот период. Натамошното населување на овие простори може да се следи низ целиот подоцнежен архајски и антички период.

Кирилски натпис од 996 година на мермерен столб од манастирската црква „Св. Архангел Михаил“ во Варош

Лутањата на варварските словенски племиња завршиле со населување на племето Брсјаци во плодната рамница Пелагонија. Од VII до IX век Македонија била поприште на војувања меѓу Византија и Бугарското царство за господарење на таа територија, со променливи резултати и со периодични пресврти во корист на еден од ривалите. Тешко е да се тврди дали во тие времиња тврдината Прилеп функционирала. За тоа недостасуваат конкретни материјали од тоа време. Тука всушност, доаѓаме до необично важната проблематика поврзана со почетоците на средновековната тврдина.

Петроглиф „Слон“, споменик на природата во подножјето на Маркови КулиОд овој период се двата монолитни камени столбови од тремот на црквата во манастирот “Св. Архангел Михаил” во Варош. На едниот од нив е врежан вториот по старост словенски запис со кирилски букви од 996 година, а се однесува на епископот Андреја. Тој е сосема краток и стереотипен по содржина, но сепак е мошне значаен затоа што сведочи за писмената активност на овие територии уште во најстариот период на словенската писменост.

Фреска портрет од Крал Марко на влезот од манастирската црква „Св. Архангел Михаил“ во Варош

До почетокот на XI век за Прилеп нема никакви познати податоци од пишани извори. Во византискиот “Сигилионум” на императорот Василиј II (976-1025) од 1018 година, Прилеп првпат се споменува како тврдина Прилапон. Градот и тврдината исто така се споменуваат и во Кратката историја на современикот на цар Самоил, византискиот писател Јован Скилица.

Други пишани податоци за Прилеп и тврдината потекнуваат од времето на византискиот император Алексиј III Ангел (1195-1203), односно името на градот се споменува во неговата повелба од 1199 година, со која им се прошириле правата на венецијанските трговци во Македонија, а со тоа и во Прилеп (Провинциа Прилапи ет Пелагонија…). Во овој период Прилеп е во состав на феудот на Добромир Хрс.

Монети ковани во средновековен Прилеп

Во текот на XI и раниот XII век преку откриените археолошки наоди може да се следи доселувањето на припадници на несловенски групи во Прилеп од разни делови на Византија, со што настанува мешање на новодојденото население со староседелците. Тоа било причина во текот на XII век да се појават првите зачетоци на византиски Прилеп. Стариот градежен материјал се заменува со нов, а словенските градителски искуства често биле заменувани или дополнувани со искуства на градителите од напредната Византија.

По распаѓањето на Византиското царство во 1204 година, Прилеп е освоен од бугарскиот цар Калојан (1197-1207), а по неговата смрт како негов господар се појавува македонскиот властелин Стрез, самостоен владател на поголема територија со седиште во Просек. По ненадејната смрт на Стрез во 1214 година, се создала нова ситуација во Македонија. Прилеп како и некои други градови во Западна Македонија биле освоени од деспотот на Епир, Теодор Комнен (1214-1224). Во 1230 година по битката кај Клокотница помеѓу бугарската и епирската војска и по поразот на епирците, Прилеп потпаѓа под бугарска власт до 1241 година. После смртта на царот Иван Асен II (1218-1241), Прилеп повторно бил завземен од епирскиот деспот Михаил Ангел II (1237-1271), сe до 1254 година, кога градот преминал под никејска власт т.е. под возобновената Византиска империја.

Средновековен Прилеп според Дероко

Во 1334 година Прилеп потпаѓа под српска власт. За средновековниот Прилеп најмногу податоци има од времето на владеењето на српскиот крал, а подоцна цар Душан (1331-1355). Значајни извори во тој поглед претставуваат трите Душанови повелби - грамоти дадени на манастирот Трескавец. Од нив се дознава дека Прилеп во тоа време бил големо и важно градско средиште и дека цар Душан тука имал свој дворец.

Во 1350 година, како Душанов жупан во градот Прилеп се споменува името на властелинот Волкашин, кој подоцна во 1360 година од страна на цар Урош добива титула деспот. По битката кај Марица во 1371 година против турците, загинува Волкашин. Него го наследува неговиот син Марко, легендарен јунак за кого за жал, има скудни податоци. Се знае дека Марко бил турски вазал кој учествувал во битката на Ровине против влашкиот војвода Јован Мирче во 1395 година, каде што и загинува.

Пред тоа, во 1385 година за време на султанот Мурат I (1362-1389) Прилеп потпаѓа под турска власт. Со смртта на Крали Марко завршува средновековната историја на Прилеп.