Преовладувачка задача на Рефератот за социјална и духовна култура во Одделението за етнологија е да ги истражува, собира и презентира традициските и духовни вредности и особености на подрачјето на општина Прилеп, како што се:

  • Обичаи и обичајно поведение;
  • Религиски манифестации, религиско поведение;
  • Народни вер увања, празноверија и нивна манифестација;
  • Народни умотворби, приказни, сите други манифестации на човековиот дух и верувањата, убедувања и ставови кои се поврзани со материјалната култура;
  • Социјално уредување на групите некогаш и сега, интеракција помеѓу луѓето, материјални и духовни манифестации произлезени од специфичниот начин на уредување на микро социумот;
  • Современи состојби на однесувањето и верувањето;
  • Сите други духовни и социјални манифестации.

Обичаите и обичајното поведение на населението во Прилеп и прилепско се поврзани со етаблираните големи религии (христијанство и ислам), квазихристијанските и квазиисламските верски поведенија, како народните и паганско христијански обичаи. Во Прилеп се среќаваат сите комплекси обичаи и од зимскиот и од летниот солстициум, сите календарски и подвижни обичаи, остатоци од сите комплекси верувања силно симбиотски и нераскинливо поврзани.

Посебно интересни, поради начинот на нивно славење, се обичаите кои се случуваат на Проштени поклади, кога се одржува традиционален карневалски натпревар “Прочка” . Овде акцент во истражувањето се става на обредното однесување на касапите носители на препознатливиот карактер во славењето на овој празник како маскирани поворки по вид.

Значајно место во истражувањата на Рефератот за социјална и духовна култура зазема етно - медицината преку истражување на баењето, гатањето, “вадењето црвчиња” од ушите на децата и други етномедицински постапки кои се негуваат како по селата, така и во градот.

Во овој реферат спаѓа и работата на календарите, односно времеброењето, со посебен акцент на “стариот” православен календар, како верскиот, така и световниот.

Социјалната култура се истражува преку истражување на обичаите поврзани со животниот циклус на поединецот, но исто така се истражуваат и современи манифестации базирани на традиционални празници кај македонското и ромското население.