02-32mk_tПочнувајќи од 1958 година па до денес, Народниот музеј Прилеп, а од 1981 година НУ Завод и Музеј - Прилеп има вршено истражувања на повеќе археолошки локалитети од средновековниот период и тоа: локалитетот Маркови Кули во Варош, локалитетот Градиште кај село Дебреште, локалитетот Илино кај село Лениште, локалитетот Задна река- Грмајте кај село Витолиште, локалитетот Трпчева Црква кај село Дуње, локалитетот Страгата кај село Крушевица, локалитетот Врбјанска Чука кај село Славеј, како и просторот околу црквите “Св.Никола” во село Манастир и “Св. Ѓорѓија “ во село Пресил.

02-33mk_tСпоменичниот археолошки комплекс Маркови Кули претставува утврден град со акропола во која се откриени повеќе градби од станбен и стопански карактер, а во западното и југозападното негово подножје се развила неутврдената средновековна населба Варош. Во повеќе кампањи истражувано е на повеќе пунктови во градот, подградијата, некрополите и сакралните објекти, при што е констатиран континуиран живот од X до крајот на XIV век.


 

02-34mk_tНа локалитетот Градиште кај село Дебреште со археолошките истражувања од 1964 година и во повеќе наврати во седумдесетите и осумдесетите години констатирани се повеќе стратуми, од праисторија, хеленизам, римски период, доцна антика и среден век. Во просторот на тврдината од VI век, како и надвор од неа, истражени се остатоци од станбени и сакрални објекти, како и некрополи кои се дел од населбата која егзистирала континуирано во подолг период, од доцната антика до крајот на XIV век. Средновековниот период се следи преку културните слоеви од крајот на VII и почетокот на VIII век до XIV век, при што се истражени остатоци од станбени објекти, некропола и црква.02-35mk_t

Кај село Славеј на локалитетот Врбјанска Чука од 1979 до 1989 година вршени се заштитни археолошки истражувања на неолотска населба, при што во горните културни слоеви се констатирани материјални остатоци од средновековна населба со некропола, датирана во временските рамки од X- XIV век.

02-36mk_tНа локалитетот Задна Река - Грмајте кај село Витолиште од 1983 до 1990 година истражена е средновековна некропола која настанала и се развила врз остатоци од доцноантичка населба со некропола. Богатиот движен археолошки материјал изразен преку примероците на накит од сребро, бронза и стаклена паста се одраз на економската моќ на населението кое ја формирало оваа некропола. Средновековната некропола и припаѓала на населба која егзистирала од X до XII век.

Во неколку кампањи на локалитетот Трпчева Црква кај село Дуње, почнувајќи од 1991 до 2000 година, истражена е средновековна некропола од раниот словенски период.02-37mk_t

Според наодите, оваа некропола е формирана на крајот од IX и почетокот на X век врз остатоците на постар доцноантички сакрален објект, а нејзиното постоење се следи до крајот на XII век. Богатството на накит најден во гробовите (белегзии, прстени, ѓердани) како и неколкуте бронзени крстови, говорат дека оваа некропола и припаѓа на стопански моќна и развиена населба со христијанско население, чии социјален статус и економска моќ е изразена преку предметите кои лично ги поседувал секој поединец. Паралелно со археолошките истражувања вршени се и антрополошки истражувања, со што се добиени драгоцени податоци за старосната структурата на населението, смртноста и патолошките промени кај оваа средновековна популација. Анализата на овај материјал ја вршеше антропологот Др. Фаница Вељаноска. Истражувањата на овај локалитет се сеуште во тек.

На локалитетот Страгата кај село Крушевица во 2001 година истражуван е тумул од доцно бронзено време. Со истражувањата е констатирано дека врз тумулот е формирана средновековна некропола со повеќе типови на гробни конструкции, датирана према наодите во гробовите од X-XI век.

Покрај остатоците од недвижни градби и гробни конструкции, на средновековните локалитети се евидентирани многубројни археолошки наоди, како што се предмети за секојдневна употреба, предмети за украсување, предмети поврзани со погребниот ритуал, како и делови од орудија, оружје и опрема.

Украсните предмети се однесуваат на предметите за украсување на телото (наушници, обетки, ѓердани, приврзоци, белегзии, прстење), изработени од сребро, бронза, железо, стакло и стаклена паста. Некои од предметите за украсување имаат и апотропејска улога, како што се енколпионите и крстовите приврзоци, кои најдиректно се поврзани со христијанизацијата на словенската популација.

Во предметите кои покрај украсната имаат и практична намена се појасните токи, копчиња и аграфи, изработени од бронза и сребро.

Керамичките садови се дел од предметите за секојдневна употреба, кои во зависност од намената и функцијата се дел од кујнската или трпезната керамика. Некои форми од керамички садови се употребувани во погребниот ритуал, со што добиваат и друга намена.

02-38mk_tОд орудијата за работа застапени се разни форми на струшки, потоа ножеви, делови од ножици, српови и сл., изработени од железо.

Наодите од оружје и опрема, иако во помала мера, сепак се присутни и претставени се преку копја, стрелки, мамузи и дел од панцир кошула, изработени од железо.

Богатството на движен археолошки материјал е потврда за развиен и интензивен живот на населението на овие простори од раниот до доцниот среден век. Меѓу материјалот најзастапени се наодите од X до XII век и XIII до XIV век, временски интервали кога во регионот постојат мошне развиени трговски врски, а развојот на занаетчиското производство е во подем.