• muzejprilep@muzejprilep.org.mk | ул. ,,Александар Македонски'' бр.400 | Прилеп, Република Северна Македонија | www.muzejprilep.org.mk |

ДОЦЕН ПЕРИОД XVIII-XIX - ОДДЕЛЕНИЕ ЗА ИСТОРИЈА НА УМЕТНОСТ

Во XVIII и XIX век Турција ослабнува, како воено, така и економски. Од неа се одвојуваат старо-новите држави Србија, Бугарија и Грција, а под притисок на големите сили империјата го либерализира својот уставен поредок. Во сите сегменти на животот настануваат видни квалитативни промени. Овој период е познат како Преродба. Меѓу другото, христијанското население добива дозвола да гради училишта со настава на мајчин јазик, како и да ги обновува старите и да гради нови сакрални објекти. Во селските места во околината на Прилеп од ова време датираат поголем број помали еднобродни цркви со скромни димензии и архитектонски градителски решенија. Исклучок се неколкуте трибродни цркви во селата Бешиште, Тројаци и Тополчани, села кои веројатно биле со поголема економска моќ. Фрескоживописувањето на црквите во периодот на Преродбата е со доста поскромен уметнички квалитет и покрај обидите на некои мајстори да го достигнат нивото на стариот византиски стил. Прилеп иако бил поголем град со 10 - 12 илјади жители, до овој период воопшто немал црква. Христијанското население своите верски обреди ги обавувало во бројните постари цркви, како и во манастирот “Св. Архангел Михаил” во блиското тогашно село, денес приградска населба Варош. Во 1838 година граѓаните успеале да добијат царски ферман за изградба на соборниот храм “Св. Благовештение “. Тоа е монументална трибродна црква, со три полукружни апсиди на источната страна и извонредна архитектура. Над јужниот и северниот брод се протегаат галерии, а над западниот портал исто така е изградена галерија која претставува простор за црковниот хор. Нај импресивен дел во овој сакрален објект е изработената резбана дрвенарија, односно иконостасот, владичкиот престол и амвонот (певница). Иконостасот на кој што преовладува билна орнаментика е изработен од познатиот мајстор копаничар Димитар Станишев, додека владичкиот престол и амвонот се дела од најпознатиот копаничар во Македонија и на Балканот Петре Филипович Гарката. Покрај монументалниот иконостас во црквата се наоѓаат поголем број вредни престолни и слободни икони. Благодарение на влашкото и гркофонско лоби, во 1871 година исто така е издејствувано добивање дозвола за подигање на црквата “Св.Преображение” , позната како “Грчка црква” . Црквата претставува тробродна петтокуполна градба во впишан крст со назначена централна купола. На северозападната страна се простира долг трем кој е поставен на пиластри и лакови. Фрескоживописот во црквата е со скромни уметнички квалитети. Во XIX век во Македонија се афирмираат многу вешти иконописци, кои по порачка за изработка на икони ја крстосуваат целата земја и оставаат огромно културно наследство од преку 25 000 икони. Поголем број од нив, поради високата уметничка вредност, од музејските институции се евидентирани како споменици на културата. Во осумдесетина цркви и манастири во прилепскиот поширок регион може да се сретнат икони од познати македонски иконописци. Од локалните мајстори од периодот на Преродбата со своите колорити и складно обликувани ликови на светците препознатливи се зографот Адамче Јанов Најдов и неговиот ученик Јован Атанасов Прилепчанин, особено зографот Адамче кај кого доминираат неговите Богородици со Христос. Силен белег со своето присуство и творење на територијата на општина Прилеп оставиле зограф Дичо од Тресонче и неговиот син Адам, Спасе од Гари, зограф Папрадишки, Костантин со тајфата од Крушево, а посебно тајфата на извонредниот мајстор Петре Филипович Гарката и неговиот зет Димитар Станишев.